Анкета: Трамп најлош претседател на САД во последните 70 години

Американците на својот претседател Доналд Трамп му го доделија најлошиот рејтинг за првите шест месеци од мандатот во Белата куќа, кој го имал еден претседател во последните 70 години.
Ова е резултатот на анкетата работена за весникот „Вашингтон пост“.

Во анкетата имало прашања за компетентноста на Трамп на светската сцена, неговата ефикасност, републиканскиот план за здравствена заштита и улогата на Русија во американските претседателски избори во 2016 година.

Наведено е дека само 36 проценти од Американците во анкетата изјавиле дека ја поддржуваат работата на Трамп , што е за 6 проценти помалку од процентот кој го имал Трамп за првите 100 дена во Белата куќа.

Најблиску до Трамп според ниското ниво на рејтинг по половина година на власт бил во февруари во 1975 година претседателот на САД Џералд Форд со поддршка од 39 проценти од Американците. 

Мнозинството земји-членки на ЕУ поддржуваат почеток на преговорите со Македонија

Мнозинството земји-членки на ЕУ поддржуваат почеток на преговорите со Македонија, после решавање на спорот со Грција. 

Македонија веднаш после решавањето на спорот околу името ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и пооодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ.

Ова за МИА го соопштија од Владата во врска со „нон пејперот“ што беше објавен во медиумите во кој се вели дека Европската унија треба за следната пролет да го одложи почетокот на преговорите за членство во Унијата со Македонија и Албанија. 

Од друга страна, додаваат, факт е дека постои дебата во ЕУ околу подготвеноста за ново проширување.

- Суштинските и коренити промени во земјата градат силни и услужни институции, праведна држава и силна економија за подобар живот на сите граѓани. Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени од цела Европа и од сите земји-членки на ЕУ. Сите земји-членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и последната оценка на Европската комисија со која Македонија е оценета за најдобро рангирана во регионот на Западен Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи, велат од Владата.

МИА дознава дека документот не е на ЕУ, туку е на две нејзини членки, Франција и Холандија и е поврзан со различните погледи на земјите членки околу проширувањето на Европската унија. Изготвен бил пред Самитот ЕУ - Западен Балкан, што се одржа на 17. и 18 мај во Софија. Во меѓувреме по самитот околностите се сменети.

Како што информира Макфакс во „нон пејперот“ пишува „За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е тукушто започната и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (заробена држава). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“, и се повикува тоа да се земе во предвид, пред да се донесат какви било одлуки во врска со проширувањето. /МИА

Изложба на дигитални фотографии на Кервин Вилијамсон и Горан Димов

Изложба на дигитални фотографии „ПРЕНОС: Дигитални соништа“/“Transference: Digital Dreams“ ќе биде отворена вечер, во 20:30 часот во Олд Скул кафе, во Скопје.

Куратор и еден од двајцата автори е Кервин Кендел Вилиамсон, визуелен уметник од Њујорк, кој со оваа изложба се претставува по шести пат пред македонската публика, а со свој придонес учествува и домашниот артист Горан Димов од Скопје.

- Во урбан свет, којшто потојано се менува, во зголемени варијации на моментите кои се акумулираат, ние сме задлабочени во дигитален тек, преку очите и објективот. Преку визуелни концепции кои настануваат од временската магла, секој си го тера сопствениот пат. Ние можеме да ги поврземе непредвидените аспекти од урбаните промени кои се корисни, но и деструктивни. И покрај сѐ поголемиот марш на дигиталниот тек, нашиот медиум се смета за практичен, иако не секогаш како уметност. Осознавајќи го ова, се просветлуваме, посочуваат авторите.

Цел на изложбата е понатамошно промовирање на дигиталната фотографија на чисти концептуални и визуелни приказни од урбаната средина. Заробениот миг раскажува приказна толкувана од оној што ја гледа, а сепак нема приказна.

Вилиамсон во Скопје во периодот од октомври 2014 до денес има изложувано самостојно и групно, во Отвореното графичко студио (Музеј на град Скопје), две изложби во Младинскиот културен центар (Скопје), во Галерија 8 и во Коцепт 37. /МИА

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ продолжува со политичкиот прогон во Македонија

Државата се презадолжува, граѓаните осиромашуваат, а Зоран Заев се обидува да ја покрие катастрофата со нарачани судски пресуди.

Националните интереси се распродаваат, се тргува со Уставот и со нашето потекло, а поткопувањето на идентитетот Зоран Заев се обидува да го покрие со политички процеси и казни преку заробеното судство.

СДСМ продолжува со политичкиот прогон во Македонија. Правната држава е укината, а политичките пресуди станаа секојдневие. 

Додека Зоран Заев и СДСМ ја пустошат Република Македонија судот слепо извршува политички нарачки.

Судот стана партиска експозитура на Заев и СДСМ. Правосудството не го интересираат ниту аргументи, ниту докази ниту факти туку слепо извршување на партиската задача на Заев.

Додека политичките неистомисленици на Заев секојдневно се малтретираат и им се изрекуваат драконски затворски казни, самиот Зоран Заев беше ослободен од барањето за поткуп каде сведок беше целата македонска јавност. Беше ослободен како што беа ослободени и обвининетите од Монструм и Сопот.

Судот и Зоран Заев го прават целиот македонски народ слеп и глув за криминалите на овој човек.

Барање поткуп беше евидентирано со судска наредба, но видео во кое бара едно евро за Вице и евро за црквата беше отфрлен од судот како доказ.

Сите овие процеси се прават се со цел јавноста да се дефокусира од штетните и катастрофални антидржавни политики што ги спроведува СДСМ и Зоран Заев.

Треба да се заборават и 500 евра просечна плата, 100 илјади денари за докторите, 500 километри автопат и ред други нереални ветувања од страна на Зоран Заев и СДСМ

Картелот на власт сака граѓаните да останат слепи пред грабежот кој и се случува на Македонија, невиден од времето на криминалната транзиција. Ова зло мора да си оди, оваа елементарна непогода олицетворена во криминалниот картел на Зоран Заев мора да си замине. Правдата ќе се врати во Македонија со заминувањето на картелот од власт, а сите оние кои во правосудниот систем сега работат по нарачка на Заев ќе сносат одговорност.

Оваа ненародна власт, мора да си оди. Политичката злоупотреба на институциите мора да запре. Економијата не смее дополнително да паѓа. Државата заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро. Затоа ајде сите заедно да излеземе и на 2 јуни во 20 часот пред владата на Република Македонија, да и кажеме не на оваа недемократска власт. /МИА

притисни ентер