Жена почина на улица откако излегла од климатизирана просторија

Падна и почина, токму на ова место додека чекаше такси.
Многу страшно, мислевме дека млада жена и се слошило и дека со вода ќе и се поврати свеста, но беше доцна.

Потресни од вчерашната смрт на 47 годишната жена вработените од судот за прекршоци и соседите ни раскажаа за трагичниот настан. како причина се објаснува претходната климатизирана просторија каде била жената, а потоа излегла на улицата и чекала такси со пријателка.

Во еден момент на жената и се слошило и паднала. Од брзата помош само ја потврдиле смртта. Обдукцијата треба да ја објасни причината за смртта.

Од клиниката за кардиологија велат наодите треба да ја објаснат смртта, и да се открие што било причината.

Доктор Нела Костова објаснува дека големите температурни разлики може да направат колапс, а кај хронично болните и сериозни состојби.

Од итната помош објаснуваат дека најчести се пријавите за колапси. Граѓани најчесто се онесвестувале кога од топло влегувале во ладни простории и обратно.  

Меѓународна летна школа за управување во услови на мигрантски кризи

На Воената академија во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје денеска ќе биде отворена Меѓународна летна школа  „Управување во услови на мигрантски кризи" која ќе трае до 24 јуни. 

Во шесте дена на Летната школа ќе има околу сто учесници од регионот. Организатор е Филозофскиот факултет од Скопје, заедно со Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево и Велеучилиште од Велика Горица. 

- Летната школа ќе биде можност студентите и практичарите преку програмата за доживотно учење да се стекнат со потребните знаења и вештини за справување со безбедносните предизвици предизвикани од мигрантските кризи, соопштија организаторите. 

Покрај деканите на факултетите кои го организираат настанот, најавени се и обраќања на вицепремиерката и министер за одбрана Радмила   Шекеринска, ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и директорите на Центарот за управување со кризи и Агенцијата за заштита и спасување,  Агрон Буџаку и Аднан Џафероски. /МИА

Седници на две собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници треба да одржат комисиите за образование, наука и спорт и за финансирање и буџет. 

На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт се измените на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и на Законот за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, двата во прво читање поднесени од пратеници од владејачкото мнозинство. 

На Комисијата за финансирање и буџет на дневен ред се измени и дополнувања на Законот за акцизите, измени на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, измени и дополнувања на Законот за царинска управа, сите во второ читање и Предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, во прво читање поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата. /МИА

ФАО работилница за пристапот при консолидација на земјиштето

Во Скопје денеска почнува тридневната Меѓународна работилница ЛЕНДНЕТ што ја организира ФАО со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Целта на работилницата е идентификување на најдобрите регионални практики и развивање заеднички пристап кон легислативата за консолидација на земјиштето во земјите од Западен Балкан.

Пред присутните ќе се обратат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, експертот од ФАО за управување со земјиште Мортен Хартвигсен, како и Рик Ваутерс од Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ), Работна група за земјишна администрација. /МИА

притисни ентер