„Музиката на Џанго“ го отвора 10. Француски филмски фестивал

„Музиката на Џанго“ во режија на Етјен Комар, со Реда Катеб, Сесил де Франс и Беата Палја во улогите, вечер во кино „Милениум“ ќе го отвори 10. Француски филмски фестивал.

Филмот, кој е посветен на животот на најпознатиот француски џез-музичар, гитарист и композитор Џанго Ренар, го отвори и годинашниот Берлински филмски фестивал и имаше  осум номинации.

Џанго Ренар во окупираниот Париз во Втората светска војна бил под притисок од нацистите, но успеал да се избори и да истрае со неговата музика и со желбата за перфекција.
Поради јубилејното издание, Францускиот институт годинава ќе  организира патувачки фестивал и во наредните пет месеци со ревии ќе гостува во десет градови низ Македонија.
Од 14 јуни до 19 ноември во поголемите градови ќе има проекции насловени „Фокус на францускиот филм во Македонија“, со цел промовирање на францускиот и франкофонскиот филм во земјава.

- „Фокус на францускиот филм“ е предвиден и во рамките на фестивалот „Синедејс“ во присуство на млади француски филмски таленти, како француска вечер поддржана од ТВ5 Монд и серија од најмалку четири француски филмови во период од два или три дена, со што ќе биде затворено годинашното издание на фестивалот, соопшти Францускиот институт.

Од 2008 година, кога почна организирањето на Францускиот филмски фестивал  во Македонија, прикажани се околу сто филма и гостувале 60 почесни гости од филмскиот свет. На отворањето вечер во „Милениум“ ќе биде отворена изложба на портрети од најзначајните гости во изминатите 10 години направени од фотографот на фестивалот Милан Стрезовски.

По проекцијата и свеченото отворање во Скопје, Францускиот филмски фестивал овој месец ќе гостува со по три филма во Народниот театар во Велес (16-18 јуни) и во Центарот за култура во Прилеп (21-23 јуни). По летниот период ќе продолжи со филмски ревии во други градови и ќе заврши во ноември на фестивалот „Синедејс“ со познати гости.

Протести во Берлин: „Без ислам во Германија“, „Меркел мора да си оди“ (фото)

Неколку илјади приврзаници на германската партија Алтернатива за Германија (AfD) прошетаа низ центарот на Берлин протестирајќи против канцеларката Ангела Меркел.

Демонстрантите носеа германски знамиња, транспаренти со натписот „Без ислам во Германија“ и извикуваа „Меркел мора да си оди“, пренесува „АП“.
 

Foto: Tanjug/AP/Markus Screiber

На улиците има околу 2000 полицајци, кои се распоредени за да спречат можни инциденти, бидејќи во Берлин се организираат и контрамитинзи.

Во групите кои планираат контрамитинзи се наоѓаат и уметници и здружението на музички клубови во Берлин кои се надеваат дека ќе го “одвеат“ собирот на AfD со гласните звуци на техно музиката.

Foto: Tanjug/Markus Screiber



 

Агенцијата пренела дека на денешниот собир на AfD се очекува присуство на околу 10.000 луѓе на кои ќе им се обратат лидерите на партијата.

Алтернатива за Германија стана најголемата опозициска партија во таа земја откако минатата година на парламентарните избори освои 12.6 отсто од гласовите, под влијание на се поголемото расположение на граѓаните против мигрантите и против естаблишментот, наведува „АП“.

Димитров попладнево ќе се сретне со Могерини

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, доцна попладнево во Брисел ќе оствари билатерална средба со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, доцна попладнево во Брисел ќе оствари билатерална средба со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, дознава МИА од извори во ЕУ. Засега не се открива точното време на средбата, ниту содржината на разговорите.

Утре наутро, Могерини најверојатно треба да ги брифира министрите на ЕУ за текот на преговорите за спорот со името, велат извори во ЕУ за МИА.

Министрите за надворешни работи на Грција и Македонија од Њујорк допатуваа во Брисел, но не се откриваат детали за нивна можна средба.

Димитров пред утрешниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе учествува на неформален појадок организиран од сегашното бугарско претседателство и идното, австриско. Како што информираат од Советот, тоа ќе биде прилика за министрите да го испрашуваат шефот на македонската дипломатија за текот на преговорите за името. /МИА

„Британската влада тајно планира да остане во ЕУ“

Британските евроскептици стравуваат дека владата во Лондон планира тајно да остане во Европската унија, пишува „Телеграф“.

Таа загриженост се појавила откако е објавено дека се издвоени стотина илјади фунти за изборите во Европскиот парламент 2019 година.

Според наводите на британскиот весник, станува збор за 829.000 фунти издвоени за “активности во врска со изборите за ЕП 2019“.

Изборната комисија објаснува дека тие средства се издвоени како “мерка за претпазливост за да може да ја исполни својата функција во случај тие избори да бидат одржани во земјата, што е малку веројатно“.

Весникот напомнува дека изборите за ЕП треба да бидат одржани меѓу 23 и 26 јуни идната година, а Британија треба да ја напушти ЕУ скоро два месеци претходно – на 29 март.

притисни ентер