Асанж: Денешниот ден е важна победа како за мене, така и за системот на ОН

Овој ден е важна победа како за мене, така и за системот на ОН за гарантирање на правата на човекот, изјави основачот на Викиликс, Џулијан Асанж од балконот на еквадорската амбасада во Лондон , откако Шведска ја прекина истрагата против него што ја водеше под обвинение за силување, пренесоа француските медиуми.
Асанж, меѓутоа, подвлече дека неговата правна битка не е завршена.

-Суштински војната допрва почнува, рече тој, цитиран од американските медиуми.

Се надевам дека ќе има неизбежна истрага за тоа што се случи, на ужасна неправедност, не само за мене, забележа Асанж и подвлече дека неговото задржување и екстрадирање без покренато обвинение се претворило „во карактеристична црта на Европската Унија“, посочуваат британските медиуми.

Асанж и заблагодари на еквадорската Влада, која му даде азил и го заштити пред силниот притисок .

Основачот на Викиликс ги искритикува западните влади, но подвлече дека е подготвен да почне дијалог со британските и американските власти.

Моите адвокати се поврзаа со британските власти и се надеваме дека ќе почнеме дијалог во однос на најдобриот начин да се оди понатаму.

-И покрај тоа што беа упатени некои крајно заканувачки забелешки, со подготвеност ќе го почнам дијалогот со американското Министерство за правда во врска со тоа што се случи, додаде тој.

Ѓукановиќ ја положи претседателската заклетва

Во црногорската престолнина Цетиње со положување на заклетвата  избраниот претседател Мило Ѓукановиќ  официјално ја презема должноста.

Ѓукановиќ претседателската заклетва ја даде пред пратениците од Собранието на Црна Гора.

-Се колнам  во својата чест дека должноста претседател  на Црна Гора ќе ја извршувам совесно и одговорно за доброто на сите граѓани, рече  Ѓукановиќ во заклетвата.

Покрај пратениците , на свечената седница присуствуваа и поранешните претседатели на Црна Гора, премиери и претседатели на парламентот, како и највисоките државни функционери и челници на државните институции.  

Абас повторно примен во болница

Претседателот на Палестина 83- годишниот Махмуд Абас е примен во болница, според анонимен официјален претставник, Абас имал температура.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска повторно е примен во болница. Ова е третпат во една недела да биде хоспитализиран.

Абас во вторникот имал операција на увото и по неколку часа бил пуштен дома. Вчера повторно беше на кратко во болница.

Резултатите од анализите, како што јави палестинската новинска агенција, пренесувајќи ја изјавата на директорот на болницата, се добри.

Абас има проблеми со срцето, а пред десет години му е дијагностициран рак на простата. Инаку, тој е страстен пушач.

Дамаск ослободен, екстремистите евакуирани

Група екстремисти од Исламската држава се евакуирани од последната енклава под контрола на бунтовниците во близина на Дамаск, со што оваа територија е вратена под контрола на државата.

Сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, соопшти дека автобусите влегле во енклавата по полноќ за да ги превезат борците на ИД и нивните семејства.

Според Ројтерс, автобусите се упатиле во правец на провинцијата Бадија во Сирија, подрачје со мал број на жители , кое се наоѓа источно од престолнината Дамаск.

притисни ентер