СДСМ: Следува темелна ревизија на сите трошења на пари од граѓаните

СДСМ најави дека следува темелна ревизија на сите трошења на пари на граѓаните.
- Следува период во кој новата Влада ќе ги преиспита сите задолжувања што ги направи досегашната власт изминативе години на крајно нетранспарентен начин, стои во реакција на СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за средствата во Буџетот.

Исто така, посочуваат од партијата, ќе биде спроведена и темелна ревизија на сите нетранспаретни трошења на пари на граѓаните од Буџетот на Република Македонија, што ја крахираа економијата.

- Никола Груевски и неговите соработници заминуваат од власт оставајќи јавен долг во висина од скоро 5 милијарди евра. Пред 11 години, во 2006 година јавниот долг изнесуваше 1.8 милијарди евра. На девизната депозитна сметка Груевски затекна над 250 милиони евра. За сите злоупотреби на пари на граѓаните ќе следува одговорност. Новата и одговорна Влада ќе ја подигне економијата и транспарентно и отчетно ќе раководи со јавните финансии, стои во реакцијата на СДСМ. 


Попладне дожд

Времето во Македонија ќе биде променливо облачно претпладне со почести сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи особено на север и на запад.

Утринската температура ќе се движи од девет до 15, а дневната од 23 до 30 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно претпладне со повеќе сончеви периоди, а попладне и со услови за појава на нестабилност со повремено пороен дожд и грмежи. Температурата од 14 до 27 степени.

До четврток ќе се задржи променливо облачно време, претежно во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд и грмежи. Во среда и четврток се очекуваат поинтензивни процеси, особено во западните и северните делови. Во петок и сабота ќе има појава на повремен локален дожд./МИА

Пресуда за Поповски за случајот „Триста“

Во Кривичниот суд денеска ќе биде соопштена пресудата за предметот „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила.

На минатото рочиште беа изнесени завршни зборови на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство и на одбраната.

СЈО побара осудителна пресуда за Поповски за кривичното дело за кое е обвинет, за што е предвидена казна затвор од четири до 15 години.

Одбраната, пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението. Поповски пред Судот кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, но не прецизира од кого. Тој се пожали и дека му бил даден отказ од МВР во, како што наведе, сомнителна дисциплинска постапка.

Ѓоко Поповски е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди. 

Нови судски рочишта денеска во Кривичниот суд треба да се одржат за предметите на СЈО „Тарифа“, „Титаник 2“ и „Труст“. /МИА

Собранието ќе ја продолжи 46. седница

Собранието денеска ќе ја продолжи 46. седница, која вчера беше прекината, откако пратениците го усвоија Законот за енергетика. 

Предлог на закон за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка е на дневен ред на денешната седница.

На дневен ред се и дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронско управување, дополнет предлог на закон за изменување на Законот за заштита на природата и дополнет предлог на закон за изменување на Законот за животната средина, сите во второ читање.

Пратениците ќе расправаат и за годишните извештаите за работата во 2017 година на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите, на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на Агенцијата за администрација, на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. /МИА

притисни ентер