Шилегов: Започнат е процесот на разговори за формирање на новата Влада, лидерската средба е во тек

Започнат е процесот на разговори за формирање на новата Влада, лидерската средба е во тек, истакна денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.
По завршувањето на средбата, посочи, и од страна на СДСМ и од страна на ДУИ до јавноста ќе бидат испратени соопштенија.

Според него, сосема е небитно прашањето за ресорската распределба или персоналната распределба на имиња или ресори по политичките партии.

- Она што е најбитно за Република Македонија, она што е интерес за Република Македонија да ги смениме, односно да воспоставиме принцип на фунцкионирање односно враќање на системот на функционирање во којшто граѓаните Владата ќе ја осеќаат за своја. Доколку остане истиот принцип, или истиот начин или систем на функционирање на власта тогаш се совршено небитни ресорите и персоналните решенија на тие ресори, потенцира Шилегов.

Во врска со тоа до кога очекува да траат разговорите околу формирањето на Влада, тој рече дека очекуваат што е можно поскоро да завршат овие разговори, бидејќи нема да бидат потребни дваесетте дена предвидени со Уставот.

- Ден поскоро формирање на Влада е ден подобро за Република Македонија да избегнеме токму од ваквите штетни и криминални договори коишто гледате дека една власт во заминување ги потпишува, додаде Шилегов.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе разговараат со сите политички партии кои ги дале потписите за добивање на мандат за состав на Влада. Во тие разговори, појасни, ќе бидат дефинирани политичките позиции на секоја партија, во смисла на поддршка на Владата и идна партиципација.

- Дали тоа ќе биде преку ресорно учество или преку политичка поддршка на Владата, тоа ќе биде резултат на тие преговори. Сите партии кои ги имаат дадено потписите за добивање мандатот, ќе бидат дел од разговорите. По завршување на тие разговори, ќе ги дефинираме позициите на тие партии, во однос на владиното мнозинство, рече Шилегов. /МИА


Попладне дожд

Времето во Македонија ќе биде променливо облачно претпладне со почести сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи особено на север и на запад.

Утринската температура ќе се движи од девет до 15, а дневната од 23 до 30 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно претпладне со повеќе сончеви периоди, а попладне и со услови за појава на нестабилност со повремено пороен дожд и грмежи. Температурата од 14 до 27 степени.

До четврток ќе се задржи променливо облачно време, претежно во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд и грмежи. Во среда и четврток се очекуваат поинтензивни процеси, особено во западните и северните делови. Во петок и сабота ќе има појава на повремен локален дожд./МИА

Пресуда за Поповски за случајот „Триста“

Во Кривичниот суд денеска ќе биде соопштена пресудата за предметот „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила.

На минатото рочиште беа изнесени завршни зборови на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство и на одбраната.

СЈО побара осудителна пресуда за Поповски за кривичното дело за кое е обвинет, за што е предвидена казна затвор од четири до 15 години.

Одбраната, пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението. Поповски пред Судот кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, но не прецизира од кого. Тој се пожали и дека му бил даден отказ од МВР во, како што наведе, сомнителна дисциплинска постапка.

Ѓоко Поповски е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди. 

Нови судски рочишта денеска во Кривичниот суд треба да се одржат за предметите на СЈО „Тарифа“, „Титаник 2“ и „Труст“. /МИА

Собранието ќе ја продолжи 46. седница

Собранието денеска ќе ја продолжи 46. седница, која вчера беше прекината, откако пратениците го усвоија Законот за енергетика. 

Предлог на закон за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка е на дневен ред на денешната седница.

На дневен ред се и дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронско управување, дополнет предлог на закон за изменување на Законот за заштита на природата и дополнет предлог на закон за изменување на Законот за животната средина, сите во второ читање.

Пратениците ќе расправаат и за годишните извештаите за работата во 2017 година на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите, на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на Агенцијата за администрација, на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. /МИА

притисни ентер