Со „Реквием за госпоѓа Ј.“ почнува 20. Скопски филмски фестивал

Со филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“ на режисерот Бојан Вулетиќ денеска почнува јубилејното 20. издание на Скопски филмски фестивал.

На програмата од денеска до 28 април ќе се најдат повеќе од 75 филмови, работилници и гостувања на реномирани филмски имиња, во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и кино „Фросина“.

Филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“ годинава беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал, а на свеченото отворање како што е најавено, пред публиката ќе се поклонат легендарната Мирјана Карановиќ која ја игра главната улога, режисерот и сценарист Вулетиќ, како и дел од филмската екипа.

На фестивалот ќе се одржи Ретроспектива на Стенли Кјубрик, на која ќе бидат прикажани пет негови филмови, а на 23 април извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик, Јан Харлан ќе одржи предавање. На 27 април во кино Фросина, ќе се одржи работилница за анимиран филм со Берин Тузлиќ, мултимедијален уметник од Сараево.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот ликовен уметник Ване Костуранов.

Филмовите се распоредени во осум програми. Најновата македонска филмска комедија во режија на Коле Ангеловски „Ах љубов моја“, како и неколку краткометражни филмови ќе бидат прикажани во програмата на филмови од македонска продукција.

Во Гала програмата ќе биде прикажана комедијата на оскаровецот Фернандо Труеба, „Кралицата на Шпанија“, со Пенелопе Круз, како и „Невидливиот гостин“ на режисерот Ориол Пауло и најновото остварување на Бруно Думон, „Заливот Слек“ со Жулиет Бинош во главната женска улога.

На програмата Авторски филм, ќе бидат прикажани филмовите „Загубени во Париз“ на режисерите Фиона Гордон и Доминик Абел, „Кафуле“ на Алекс де ла Иглесија и вторит дел од полуавтобиографска филмска трилогија „Бесконечна поезија“ на Алехандро Ходоровски.

Како дел од програмата Панорама на светскиот филм, ќе бидат прикажани шест остварувања, меѓу кои се рускиот филм „Ученик“ на режисерот Кирил Серебреников, американскиот „Каков што си“, на Мајлс Џорис-Пејрафит и „Вива“ на режисерот Педи Бретнах.

Вкупно 12 филмови од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански филмови, ќе бидат прикажани во рамки на програмата на Краток филм.

Скопје филм фестивал и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“, годинава преку детската филмска програма „Креираме заедно“, ги вклучуваат и децата во креирањето на фестивалската програма. Во програмата учествуваат ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои во духот на самозастапување говорат за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма. /МИА

Видео: Алек Болдвин вознемируван од пропалестинска активистка

Глумецот Алек Болдвин се соочи со вознемирување од пропалестинска активистка, а видеото од тој настан на „Х“ е прегледано над три милиони пати.

На снимката направена во некое кафуле, додека Болдвин плаќа за својата нарачка и го држи мобилниот телефон на увото, жената со својот телефон го снима и неколкупати настојчиво бара од него да каже „Слобода за Палестина“ и да го опцуе Израел и ционизмот. Кога активистката сфаќа дека глумецот ја игнорира, таа ја менува темата. Следното прашање е: „Зошто ја уби таа жена? Ја уби жената и не доби затворска казна? Нема затвор, Алек!“

Активистката тука ја има предвид смртта на кинематограферката Халина Хачинс на снимањето на каубојскиот филм „’Рѓа“. За потсетување, Болдвин се соочува со обвиненија за ненамерното убиство на Хачинс во 2021 година. Продолжението на судењето за убиство од небрежност е закажано за 10 јули.

На видеоснимката, натаму глумецот почнува да се заканува со полиција, но девојката е упорна во своето вознемирување и на крајот, Болдвин ѝ го исфрла мобилниот телефон од рака.

Алек Болдвин ја отфрли одговорноста за ненамерното убиство на Хачинс. /МИА

Oштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај кочанското село Грдовци

Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово забележале намерно оштетување на гумената брана кај селото Грдовци, што се користи за зафаќање на водата од реката Брегалница и наводнување на околните оризови ниви.

Непознат сторител со остар предмет ја исекол гумената обвивка во должина од околу половина метар, по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

-Во изминатите седум дена имаше шест обиди за сечење на гумата и конечно, во текот на доцните вечерни или раните утрински часови, сторителот успеал во намерата. Несфатливо е зошто некој, токму на почетокот на сезоната за сеење на оризот, се одлучил на ваква постапка со која прави повеќекратна штета. Во прашање е доведено наводнувањето на околу 100 хектари оризови површини. Освен тоа, наместо средствата со кои располагаме да ги инвестираме во одржување на каналската мрежа, ќе мора дел да потрошиме за ангажирање служба за чување на гумената преграда. Настанот веќе е пријавен во полиција и очекуваме разоткривање на сторителот и на неговите мотиви за ова кривично дело, истакна Станче Стефанов, техничко лице во водостопанскта подружница „Брегалница“.

Во тек се активности за санирање на оштетувањето на гумената преграда, но постапката е отежната поради зголемената количина вода. Вработените во подружницата очекуваат до крајот на денот да ја нормализираат состојбата со наводнувањето, за да се избегне прекин на сеидбената сезона во овој регион, но и да не дојде до исушување на нивите кои веќе се посеани со ориз.

Инаугурацијата на Путин ќе се одржи на 7 мај

Претседател на Комитетот за уставно законодавство и државност во Горниот дом на Советот на Руската Федерација, Андреј Клишас денеска изјави дека инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи на 7 мај.

Согласно руските закони, новоизбраниот претседател ја презема функцијата со мандат од шест години.

Инаугурацијата на Путин и во 2018 година се одржа на 7 мај. /МИА

притисни ентер