Ученик ја дупнал глава, мајката тврди дека тоа е од ударот на наставникот

Наставник во основното училиште „Васил Главинов“ во Велес удрил ученик по што детето удрило во ѕид и ја дупнало главата.
Ова е тврдењето на мајката на седумгодишното дете , која револтирана од случката побара одговорност за наставникот поради негрижа.

Според неа , наставникот и се јавил после извесен период откако се случил настанот , по што раната е санирана од страна на лекар од хирушкото одделение во велешка болница.

„ Повикана бев од работното место дека му е дупната главата, не знаејќи дека главата му е дупната од наставникот. Самиот наставник што е во целодневен престој, бидејќи син ми се закачил со некое дете, кога ги раздвојувал го удрил силно по главата моето дете, се здоби со длабока рана и дојдовме на шиење во хирургија“ - изјави Даниела Стефанова – мајка на ученикот.

Канал 5 побара одговор од директорот на училиштето за тоа што се случило.

Од таму, спротивно на мајката на детето, велат дека наставникот е совесен и одговорен, но не дадоа конкретен одговор дали се точни изјавите на родителот.
Сепак тврдат дека стручната служба ќе разговара и со двете страни и со  останатите ученици за да дознаат како детето се здобило со раната.

„Се уште случајот не е испитан до крај за да можам да кажам што точно се случило. Сепак јас тврдам дека ситуацијата не е таква и треба да се испита и ќе се испита во текот на овие денови“ – изјави  Лилјана Николовска Коцева – Директор на ООУ „Васил Главинов“

Мајката на повреденото дете  размислува  да го отпише од ова училиште, а најави дека случајот ќе го пријави во полиција.

Превенцијата и раното откривање на ракот на кожата клучни за намалување на смртноста

Карциномот на кожата ако се открие навреме, третманот може да биде успешен. 

 Може најлесно да се превенира, а неговата појава може да се спречи со менување на навиките и избегнување на директна изложеност на Сонце, порачуваат докторите. Годишно се регистрираат по двесте нови случаи.

Мај е месец за подигнување на јавната свест за заштита од ракот на кожа. По тој повод, Министерство за здравство и Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија утре на Медицинскиот факултет организираат  трибина на тема „Предизвиците во третманот на најчестиот карцином - ракот на кожата“, информира ресорниот министер Венко Филипче на неговиот ФБ профил.

Покрај министерот Филипче на трибината ќе се обрати и директорката на Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија д-р Софија Пејкова, а ќе учествуваат доктори од неколку клиники и институти. /МИА

Најавени нови протести во Грција за името Македонија

Во повеќе градови во Грција најавени се нови протести на 6 јуни против разговорите за спорот со името.

Организатори на протестите се истите кои ги организираа протестите во Солун и во Атина, но овој пат такви собири нема да се одржат во двата најголеми грчки градови, туку во неколку други, кои засега не се објавени.

Организаторите на протестите велат дека сакаат да ги потсетат властите дека грчкиот народ е против каква било отстапка за името Македонија и бараат да ја почитуваат волјата на народот.

 Како што соопштија денеска, веќе стапиле во контакт со локалните власти каде што треба да се одржат протестите и побарале поддршка од нив.

Илјадници грци во јануари протестираа во солун, а во февруари во Атина со порака “Македонија е Грчка„, осудувајќи ги разговорите за компромисно решение на спорот со името.

Две сопатнички повредени во судар на патничко и товарно возило

Две сопатнички се повредени во сообраќајната несреќа што утринава во 2 часот се случила на крстосницата од улиците „Панајот Гиновски“ и „Борис Сарафов“ во Скопје.

Како што информира МВР, во сударот на патничкото возило „Опел Астра“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј. (60) од Гостивар и товарното возило „Опел Виваро“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С. (64) од скопското село Сарај со повреди се задобиле сопатниците во возилото „Опел Астра“, Ф.А. (51) од Дебар и Б.С. (54) од Гостивар.

Тие со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“, каде им била укажана лекарска помош. Кај Ф.А. биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на лекување, додека кај Б.С. биле констатирани телесни повреди и била пуштена на домашно лекување.

Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. /МИА

притисни ентер