„Авантурите на Аладин“ - премиера на Македонскиот народен театар

По поставувањето на „Силјан Штркот шанца“, Македонскиот народен театар повторно со премиера на претстава за деца - „Авантурите на Аладин“ во адаптација, драматизација и режија на Бојан Трифуновски. Овојпат ќе биде на големата сцена, премиерно на 22 март и со прва реприза на 29 март од 19 часот.

Режисерот Бојан Трифуновски на прес-конференција денеска рече дека претставата е авантура на повеќе нивоа. Се занимавале со светски позната материја која, рече тој, има неколку точки од кои не смееле да отстапат.

- Прашањето е како таа толку позната материја да ја направиме да биде повторно интересна и со неа да дадеме нешто ново. Успеавме да го нагласиме хуморот во претставата затоа што ако нешто ми е омилено тоа е звукот на колективното смеење на децата, нема поубав звук од тоа. Интересно беше и тоа што првпат на големата сцена на МНТ правиме претстава за деца која ги има сите визуелни бенефити. Важно е и тоа што оваа претстава ќе изобилува со многу музика, која ќе биде и автентична и описна, со одлични изоркестрирани композиции, но има и неколку кавери на светски класици коишто помагаат да се унапреди приказната. Сакам да направиме ведро и брзо темпо со кое се надеваме дека ќе го задржиме вниманието, не само на најмладите, туку и на останатата публика, рече Трифуновски.

Насловниот лик ќе го игра актерот Александар Михајловски кој потсетувајќи и на својот настап во неодамнешната премиера за Силјан Штркот, рече дека има убаво чувство кога игра во претстава за деца.

- Децата доаѓаат искрено. Сакаат да видат, да се одушеват. Тоа ми се случи и во „Силјан Штркот“ и тоа чувство ми е познато. Сега прераснува во нешто уште поголемо затоа што одиме на голема сцена и многу повеќе деца ќе може да доаѓаат на оваа претстава и ќе се забавуваат, рече Михајловски.
Дарја Ризова, која ќе ја игра Принцезата Џасмин, рече дека за неа „Аладин“ е прекрасна и безвременска бајка која, како што рече, е обоена со љубов што ги урива сите препреки и победува.
- На децата и на возрасните им носи порака дека љубовта е таа што го движи светот и нашето постоење, дека во времево во кое живееме треба да ја бараме љубовта во секого затоа што таа постои, но треба да се вреднува и да се шири меѓу нас, рече Ризова.

Актерот Сашко Коцев, кој ќе го игра ликот на Абаназер Велики, исто така, рече дека сака да игра во претстави за деца, а последната во која учествувал била во Кумановскиот театар пред 12 години. Истакна дека воведувањето претстави за деца е значајно за МНТ затоа што ќе ја донесат најмладата публика и ќе ја воспитаат да посетува театар.
- Претстава за деца е друго ниво, па во процесот на подготовка се соочивме со прашањето како и колку да биде смешно тоа што е смешно во приказната, и тоа што е тажно како да го направиме да биде тажно и емотивното да допре до нив, рече Коцев, додавајќи дека намерата им била претставата да биде допадлива за сите возрасти, да се видат визуелни елементи и да има хумор, но и емоција.

Во актерската екипа се и: Никола Ацевски (Духот од ламбата); Камка Тоциновски (Вдовицата - мајката на Аладин); Славиша Кајевски (Императорот - таткото на Џасмин); Драгана Левенска (Робинката од прстенот - Леонора) и Ненад Анѓелковиќ (Страшилото - принцот Леополд). Покрај нив учествуваат и деца-членови од Детското драмско студио на Магдалена Ризова-Черних.

За доловување на волшебното во приказната придонесуваат и сценографијата на Илина Ангеловска и костимите кои ги изработија Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска. Композитор е Џијан Емин, а кореограф Александра Кочовска-Начева.

Директорот на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференцијата рече дека заживувањето на детската сцена е меѓу нивните нови сериозни заложби. Ја почнале со „Силјан Штркот“, како што рече - симболично како што во 1948 година била првата изведба на „Силјан Штркот“ во режија на Петре Прличко.
- Претставите за деца се нашата нова заложба, да поставиме нов стандард и посебна грижа, внимание и третман, онака како што ги работиме и другите претстави од вечерната програма. „Авантурите на Аладин“ би рекол дека е првиот спектакл за деца во Македонскиот народен театар, истакна Пројковски.

ВМРО-ДПМНЕ на Извршен и Централен ги утврдува пратеничките листи

ВМРО-ДПМНЕ одржува седници на Извршниот и Централниот Комитет на кои треба да ги утврди целосните пратенички листи, откако претходно ги обелодени носителите во сите шест изборни единици.

Од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ја вклучуваме Михаела Димовска..

Михаела познати ли се веќе кандидатите за идни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ?

Ахмети и Османовска го потпишаа коалицискиот договор за приклучување на Унија на Ромите

Претседателката на Унија на Ромите, Фатима Османовска и лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, денеска во општина Шуто Оризари го потпишаа коалицискиот договор за приклучување на Унија на Ромите кон Европскиот фронт.

Османовска порача дека Ромите ќе влезат во Европската Унија како рамноправни со сите граѓани, бидејќи како што рече, ромската заедница има високо образовен и стручен кадар, како и ромска политичка партија, за која рече, обединува и организира.

- Како заедница со децении наназад молиме за да се створи шанса за нас, ни велеа немате образовен кадар, немате политичка моќ, не сте организирани. Еве сме сега со високо образовен и стручен кадар со ромска политичка партија која што обединува и организира. Застанати пред европската врата, Ромите ќе влезат во ЕУ како рамноправни со сите граѓани, порача Османовска.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во своето обраќање истакна дека големо достигнување е тоа што Општина Шуто Оризари е единствената општина на ромска заедница во Европа и ѝ укажа на Османовска дека ја има поддршката од Албанците, бидејќи како што рече, тие знаат како е да се биде маргинализиран.

– Претседателке вие нема потреба да поставувате барања, нашата поддршка несомнено ја имате, ние знаеме како е да се биде маргинализиран и затоа ќе се залагам повеќе за вас отколку за мене. Со целосна одговорност ви ветувам, пробајте нѐ да видите какви партнери сме, не со зборови, туку со дела. Нашата земја мора да се интегрира во ЕУ и да има владеење на правото, а тоа заедно како Европски фронт мора тоа да го постигнеме. ДУИ ќе направи сѐ што е потребно за во Собранието да има ромска претставничка, порача Ахмети.

На прес-конференцијата посветена на потпишувањето на коалицискиот договор беше присутен и градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој изрази жалење што претходните политичари не ја препознале приликата да ја искористат можноста на Рамковниот договор, онака како што го искористиле Албанците.

– Жалам што претходните политичари не ја препознаа оваа прилика да се искористи Рамковниот договор рака како што го искористија Албанците да бидат рамноправни со Македонците. Со овој договор Ромите ќе почнат да живеат сонот кој требаше да започне уште пред 24 години, рече Дудуш.

Полска тврди дека НАТО прави планови за соборување на руски проектили

НАТО ги разгледува плановите за соборување руски ракети доколку се приближат до границите на алијансата, тврди Полска, откако проектил залутал во нејзиниот воздушен простор.

Анджеј Шејна, заменик-министер за надворешни работи на Полска, изјави за локална радио станица дека „различни концепти се анализираат во рамките на НАТО... вклучително и соборување на такви проектили кога тие се многу блиску до границата на Алијансата“,пишува Телеграф.

„Но, тоа би морало да се случи со согласност на украинската страна и земајќи ги предвид меѓународните последици“, додаде тој.

Во неделата вечерта, Варшава соопшти дека руската крстосувачка ракета истрелана на цел во западна Украина поминала околу 1,6 километри во полскиот воздушен простор, поминувајќи 39 секунди.

Полското Министерство за одбрана ги активираше системите за противвоздушна одбрана и борбените авиони на НАТО, Ф-16 откако објектот залута преку границата на Алијансата во близина на Осердово, село во земјоделски регион во близина на границата со Украина.

Крстосувачките проектили можат да ја променат својата траекторија во воздух за да избегнат одбранбени системи.

Владислав Косинијак-Камис, полскиот министер за одбрана, подоцна им изјави на новинарите дека проектилот би бил соборен доколку имало знаци дека се движи кон цел во Полска.

Една од опциите за одбрана е да се соборат ракетите пред да преминат од Украина во воздушниот простор на НАТО. Сепак, ова може да го искористи Москва како оправдување за ескалација во поширок конфликт надвор од границите на Украина.

Претходните лансирања на руски ракети и беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО останаа без одговор, и покрај сугестиите дека членот 5 на алијансата за взаемна одбрана може да биде активиран како одговор на таков инцидент.

Во вторникот САД објавија дека се подготвени да ги исполнат обврските кон НАТО и да ја бранат Алијансата во случај на напад.

Запрашана за изјавите на Полска, Сабрина Синг, портпаролка на Пентагон, рече: „Она што го зборуваше администрацијата е дека ќе ја браниме секоја педа од НАТО“.

притисни ентер