Портпаролот Петре Шилегов беше прашан и дали ќе го разгледаат документот од ВМРО-ДПМНЕ како решение за излез од политичката криза.
Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов денеска изјави дека на Македонија не и се потребни нови избори и оти очекуваат дека во најбрзо можно време да се закаже седницата на Собранието на која ќе се избере претседател.
- Во Македонија имаше избори, на Македонија не и се потребни избори, граѓаните на Република Македонија кажаа дека сакаат промени, формирано е ново владино мнозинство во парламентарна демократија каква што е Република Македонија. Иванов нема право да се противи на Уставот на Република Македонија, рече Шилегов коментирајќи го ставот од денешното интервју на претседателот Ѓорге Иванов за одржување избори за излез од кризата.
Од утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан, како што рече Шилегов, очекуваат дека ќе бидат пренесени пораките кои веќе се дадени од страна на Европската Комисија, Советот на министри на ЕУ и од страна на еврокомесарот Могерини, а тоа е дека во Македонија мора да се врати уставниот поредок. - Очекуваме дека тоа е пораката која ќе биде пратена и до Иванов и до Груевски. Очекуваме дека ќе има силна осуда на говорите и повиците на политичко насилство кои ги промовираше Никола Груевски, рече Шилегов.
Според него, Груевски ја создал политичката криза и не може да биде дел од решението за Македонија. Единствениот документ којшто е во интерес на Македонија и граѓаните, наведе Шилегов, е програмата на новата реформска влада на СДСМ.
На прес-конференцијата портпаролот на СДСМ се обрати до директорите, професорите и наставниците, бидејќи, како што тврди, загрижени родители јавувале дека има наредба во училиштата, нивните деца утре да се изнесат на протести.
- Веднаш да престанат притисоците и злоупотребите на деца за партиски цели! Ќе има сериозна одговорност за секој кој ќе прекине настава за да носи деца на протести, со што ја загрозува и нивната безбедност и безбедноста на граѓаните, рече Шилегов.