Повредени двајца тетовци со нож

Двајца тетовци се здобиле со повеќе убоди со нож по физичката пресметка со други двајца тетовци што ноќеска половина час по полноќ се случила во Тетово, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Според неговите податоци И.К.(26) се здобил со неколку убоди со нож во вратот и грбот додека  И.К.(30) исто така со остар предмет задобил повреди на десната рака и вратот. Двајцата повредени со возило на Брза помош биле пренесени во тетовската клиничка болница каде им била укажана помош по што 26-годишниот И.К. поради сериозноста на повредите бил  префрлен на скопските клиники.

-Нивното повредување се случило на улицата „Браќа Миладинови“ односно Благоја Тоска“ во Тетово додека осомничени дека ги повредиле се М.М.(34) и неговиот две години помлад брат Р.М од Тетово со кои претходно физички се пресметувале и кои набрзо се пронајдени, приведени и задржани во Полициската станица Тетово, рече Јосифовски.

Полицијата извршила комплетен увид при што биле пронајдени и подигнати траги за вештачење како и еден нож на расклопување. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што ќе следува соодветен поднесок најави Јосифовски. 

Сопружници физички нападнати од нивен роднина

Скопјанецот Н.Ј. (38) и неговата сопруга Т.Ј. (33) синоќа биле физички нападнати од нивниот роднина Д.А. (31).

МВР информира дека случајот половина час по полноќ во полиција го пријавил Н.Ј., кој рекол дека од 14 часот со неговата бремена сопруга и двете малолетни деца биле на гости кај Д.А. 

Околу 21 часот, Д.А. со палка почнал да го удира Н.Ј. и неговата бремена сопруга. Со возило на Итна медицинска помош, тие биле префрлени во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што им била укажана лекарска помош и им биле констатирани тешки телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. /МИА

Повеќе од 42 илјади Косовци се откажале од своето државјанство во последните девет години

Од 2009  до почетокот на 2018 година, над 42 илјади граѓани на Косово се откажале од државјанството, додека само во првите четири месеци од оваа година истото го сторилe 1 648 Косовци.

Загрижувачки е бројот на младите, на возраст од 18 до 34 години, кои се откажуваат од косовското државјанство, пишува денешен „Зери“.

Заменик- министерот за внатрешни работи Изми Зека вели за весникот дека на почетокот на годинава е видно зголемен бројот на оние што се откажале од државјанството, споредено со минатата година.

– Главната причина за откажување од косовското државјанство е добивањето државјанство во некои од земјите на Европската унија, кои не дозволуваат двојно државјанство за оние кои не се државјани на ЕУ, вели Зека.

„Девојката со жиците“ на „Подвижен музички театар“-Битола вечер премиерно на Драма фестивал во Љубљана

Во словенечкиот главен град Љубљана, вечер во рамки на 5. меѓународен Драма фестивал, премиерно ќе биде изведена драмската опера „Девојката со жиците“, на „Подвижен музички театар“ –Битола (Moving Music Theatre-Bitola).

Станува збор за копродукциски проект на Словенечкиот националниот театар, СНГ-Љубљана и „Подвижен музички театар“, ММТ-Битола, во режија на битолчанецот Марјан Неќак, кој во проектот соработува со текстописецот Ана Бунтеска, Дарја Доминуш-преведувач и драматург, Наташа Филиповиќ костимограф, како и со фотографот Петер Ухар.

- Се работи за драмска опера за една виолинистка, која патува со воз низ Европа трагајќи по подобро утре. Метафоричниот и драматичен музички резултат лесно се движи низ повеќе жанрови од рок, поп, електронска музика со длабоки чувства на циркуски звук до опера како кулминирачка точка на емоции и интерпретации на двајца соло изведувачи. Во драмската опера, чија подготовка ја помогна „Еуростандард“-Скопје, ќе настапат Барбара Церар и Урош Фурст, а кореограф е Жиган Крајчар, изјави за МИА, режисерот и композитор Марјан Неќак.

Драма операта „Девојката со жиците“ на „Подвижен театар“-Битола ќе биде изведена и во наредните два дена во Љубљана. /МИА

притисни ентер