Коцијанчич: Хан утре нема време за средба со претставници на граѓанското општество

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, утре нема да се сретне со претставниците на граѓанската асоцијација „За заедничка Македонија“.

 Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, утре нема да се сретне со претставниците на граѓанската асоцијација „За заедничка Македонија“ кои ги предводат масовните протести што изминатите денови се случуваат во земјата за зачувување на унитарноста на Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Ова денеска го соопшти портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, потврдувајќи дека Хан добил понуди и за други средби, но дека тој и тројцата европратеници Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, утре во Скопје ќе се сретнат само со претставниците на македонските политички партии.

- Како што веќе реков во петокот, Хан ќе се сретне со политичките претставници. Вистина е дека има и други барања и често кога тој патува во земјата, ние се обидуваме да се сретнеме со што е можно повеќе соговорници, вклучително и со такви од граѓанското општество. Но, овојпат комесарот ќе се сретне само со политичките претставници, бидејќи неговата агенда не дозволува повеќе, истакна Коцијанчич.

Како што е познато, во името на граѓанската асоцијација „За заедничка Македонија“, еден од нејзините предводници Игор Дурловски, вчера побара нивни претставници да се сретнат со еврокомесарот и тројцата пратеници од Европскиот парламент. Но, според неговата гласноговорничка, Хан при утрешната посета на Македонија нема време да се сретне со предводниците на протестите што се случуваат во повеќе од 30 градови. Организаторите за утре најавуваат пречек на Јоханес Хан со над сто илјади луѓе на улиците на главниот град Скопје. 

Поголема група мигранти фатени во близина на Костурино

Дваесет и пет мигранти од Пакистан изутрината биле фатени во близина на струмичкото село Костурино откако во половина час по полноќ во полицијата било пријавено дека непознати лица ги товарат во две патнички возила.

Дваесет и пет мигранти од Пакистан изутрината биле фатени во близина на струмичкото село Костурино откако во половина час по полноќ во полицијата било пријавено дека непознати лица ги товарат во две патнички возила.

Како што информира МВР, полициски службеници излегле на местото и го пронашле возилото „Форд Галакси“ со англиска национална ознака, кое било празно и без клучеви. Во непосредна близина на возилото биле откриени мигрантите.

Веднаш потоа, во близина на местото, полициските службеници го стопирале и второто возило („БМВ“ со радовишки регистарски ознаки), кое, исто така, било пријавено. Возилото го управувал А.А. (32), а сопатник бил Ш.Е. (25), двајцата од радовишкото село Калаузлија.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот. /МИА

Сопружници физички нападнати од нивен роднина

Скопјанецот Н.Ј. (38) и неговата сопруга Т.Ј. (33) синоќа биле физички нападнати од нивниот роднина Д.А. (31).

МВР информира дека случајот половина час по полноќ во полиција го пријавил Н.Ј., кој рекол дека од 14 часот со неговата бремена сопруга и двете малолетни деца биле на гости кај Д.А. 

Околу 21 часот, Д.А. со палка почнал да го удира Н.Ј. и неговата бремена сопруга. Со возило на Итна медицинска помош, тие биле префрлени во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што им била укажана лекарска помош и им биле констатирани тешки телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. /МИА

Повеќе од 42 илјади Косовци се откажале од своето државјанство во последните девет години

Од 2009  до почетокот на 2018 година, над 42 илјади граѓани на Косово се откажале од државјанството, додека само во првите четири месеци од оваа година истото го сторилe 1 648 Косовци.

Загрижувачки е бројот на младите, на возраст од 18 до 34 години, кои се откажуваат од косовското државјанство, пишува денешен „Зери“.

Заменик- министерот за внатрешни работи Изми Зека вели за весникот дека на почетокот на годинава е видно зголемен бројот на оние што се откажале од државјанството, споредено со минатата година.

– Главната причина за откажување од косовското државјанство е добивањето државјанство во некои од земјите на Европската унија, кои не дозволуваат двојно државјанство за оние кои не се државјани на ЕУ, вели Зека.

притисни ентер