Во Ресен и во Елбасан ќе се изгради споменик на Светиот Владимир

Во Ресен и во Елбасан ќе се изгради споменик на Светиот Владимир, а ќе се уредат и таканаречени патеки на Светиот Владимир.
Ова беше најавено на отворањето на изложбата „Портретите на Светиот Владимир на Балканот“ и промоцијата на монографијата „Светиот Кнез Владимир“ во ресенскиот сарај.

Активностите се дел од соработка во областа на културата помеѓу општина Ресен, црногорската општина Бар и општината Елбасан во Албанија.

,,Покренавме иницијатива општините Бар, Ресен и Елбасан да се спријателат и да соработуваат, а основа на тоа пријателство и соработка е токму патот на Светиот Владимир“ -вели градоначалникот на општина Бар.

Свети Јован Владимир е еден од мачениците и светител на Охридската архиепископија и неговиот култ е негуван уште од неговата смрт.

За науката е многу важно што над 70 портрети на зетот на Цар Самоил, кнезот Јован Владимир се собрани од Грција, Бугарија, Србија, Албанија и Македонија.

Сите тие се дотолку позначајни што се работени во охридската дијацеза, на дебарската уметничка школа.

Тоа е потврда дека култот за Светиот Јован Владимир се обработува во охридскиот црковен центар, а самите портрети се потврда на континуитетот на МПЦ од Самоил до денес, како своевидена особеност на идентитетот на македонскиот народ.


Превенцијата и раното откривање на ракот на кожата клучни за намалување на смртноста

Карциномот на кожата ако се открие навреме, третманот може да биде успешен. 

 Може најлесно да се превенира, а неговата појава може да се спречи со менување на навиките и избегнување на директна изложеност на Сонце, порачуваат докторите. Годишно се регистрираат по двесте нови случаи.

Мај е месец за подигнување на јавната свест за заштита од ракот на кожа. По тој повод, Министерство за здравство и Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија утре на Медицинскиот факултет организираат  трибина на тема „Предизвиците во третманот на најчестиот карцином - ракот на кожата“, информира ресорниот министер Венко Филипче на неговиот ФБ профил.

Покрај министерот Филипче на трибината ќе се обрати и директорката на Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија д-р Софија Пејкова, а ќе учествуваат доктори од неколку клиники и институти. /МИА

Најавени нови протести во Грција за името Македонија

Во повеќе градови во Грција најавени се нови протести на 6 јуни против разговорите за спорот со името.

Организатори на протестите се истите кои ги организираа протестите во Солун и во Атина, но овој пат такви собири нема да се одржат во двата најголеми грчки градови, туку во неколку други, кои засега не се објавени.

Организаторите на протестите велат дека сакаат да ги потсетат властите дека грчкиот народ е против каква било отстапка за името Македонија и бараат да ја почитуваат волјата на народот.

 Како што соопштија денеска, веќе стапиле во контакт со локалните власти каде што треба да се одржат протестите и побарале поддршка од нив.

Илјадници грци во јануари протестираа во солун, а во февруари во Атина со порака “Македонија е Грчка„, осудувајќи ги разговорите за компромисно решение на спорот со името.

Две сопатнички повредени во судар на патничко и товарно возило

Две сопатнички се повредени во сообраќајната несреќа што утринава во 2 часот се случила на крстосницата од улиците „Панајот Гиновски“ и „Борис Сарафов“ во Скопје.

Како што информира МВР, во сударот на патничкото возило „Опел Астра“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј. (60) од Гостивар и товарното возило „Опел Виваро“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С. (64) од скопското село Сарај со повреди се задобиле сопатниците во возилото „Опел Астра“, Ф.А. (51) од Дебар и Б.С. (54) од Гостивар.

Тие со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“, каде им била укажана лекарска помош. Кај Ф.А. биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на лекување, додека кај Б.С. биле констатирани телесни повреди и била пуштена на домашно лекување.

Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. /МИА

притисни ентер