Давор Стојановски добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016

Младиот автор Давор Стојановски со романот „Собирачи на пепел“, во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје, е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016 што ја доделува „Утрински весник“.
На 13 март жири-комисијата за избор на лауреатот на 18-тата книжевна награда, во состав Петар Андоновски (претседател), писателката Гордана Михаилова Бошнакоска, Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач и Катарина Богоева, уредничка на културната редакција на „Утрински весник“, со мнозинство гласови реши оваа награда да му ја додели на Давор Стојановски.

- Романот „Собирачи на пепел“ претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што е чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата, рече на денешната прес-конференција претседателот на жири-комисијата Андоновски.

Стојановски, како што рече, одлично владее со приказната,  тој е ненаметлив и непретенциозен во пишувањето, а структурата на неговиот текст е цврста, што придонесува романот да биде и содржински и композициски убедлив.

Тој истакна дека на конкурсот пристигнале 28 романи, а во финалето за наградата влегле и романите „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојановска (1977) и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ од Игор Станојоски (1979).

Професорката Бојаџиевска смета дека наградата на Стојановски е заслужена зашто, како што рече, погледот на свет кој ни го пренесува во својата проза кореспондира со времето во кое живее.

Стојановски изрази задоволство за наградата која, како што рече, е една од најобјективните и најреномираните во Република Македонија. Упати благодарност и до луѓето кои му помогнале додека го пишувал текстот и до издавачот.

Појасни дека идејата за романот „Собирачи на пепел“ постоела подолго, а на делото работел последните пет месеци. Додаде дека е задоволен и изрази надеж дека ќе допре до пошироката публика.

Давор Стојановски е роден на 8 март 1987 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а во моментов живее во Австрија. Пишува проза, поезија, драмски текстови и критичка литература. Дел од неговото творештво е објавено во домашни и во странски антологии и книжевни списанија. Добитник е на повеќе награди. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот избор со четири други романи за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.

Лауреатот ќе биде награден со статуетка, плакета и 150.000 денари. /МИА

ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција: Владата максимално да се посвети на клучните реформи

Поддршката на „Нон пејперот” на скоро 1/5 од државите членки на ЕУ (Франција, Холандија, Белгија, Данска и Лукембург), укажува дека граѓаните на Република Македонија мора сериозно да бидат загрижени за евроатланската иднина на сопствената држава.

Поддршката на „Нон пејперот” на скоро 1/5 од државите членки на ЕУ (Франција, Холандија, Белгија, Данска и Лукембург), укажува дека граѓаните на Република Македонија мора сериозно да бидат загрижени за евроатланската иднина на сопствената држава, наспроти розовата слика која сака да ни ја претстави Владата на Зоран Заев. Актуелната влада исто како и владата на Груевски се служи со манипулации и замена на тези. Премиерот Заев и неговата влада мора да знаат дека поддршката од мнозинството членки на ЕУ, е сепак помалку од потребниот консензус на сите држави членки на ЕУ за отпочнување на преговорите за членство.

По објавувањето на ,,Нон пејперот” станува јасно дека позитивниот Извештај на ЕК од пред неколку недели е само политички инструмент и средство за мотивција со кој и се даде дополнителна шанса на Владата на РМ да го стори тоа што мора да го стори. Реформи и реформи.

Сега на сите им станува јасно дека голата замена на власта на едни со други и промената во општата атмосфера во државата, не довеле до суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Отсуствуваат клучните реформи во правосудството, деполитизација на јавната администрација и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. А за тоа се потребни квалитетни и чесни личности во извршната власт, а не шарени шминкери и манекени, партиски мешетари и недоквалификувани кадри и лица од црните листи.

Господине премиере!. Наместо постојано да ширите нереален оптимизам во врска со изнаоѓање на решение за спорот со нашиот јужен сосед како единствен услов за влез во ЕУ, Ви препорачуваме максимално да се посветите на внатрешните проблеми и клучните реформски зафати. Само со подигање на животниот стандард на граѓаните, со еднаквост на сите пред законите и без селективна правда, со администрација како сервис на граѓаните и со дебели казни за сторителите на криминалот и корупцијата, ќе станеме европејци и ќе почуствуваме дека конечно дојде ,,живот”. Во спротивно на добар пат сте да го изодите истиот пат како и Вашиот претходник Груевски.

Граѓаните не се со кратко паметење и знаат да казнуваат. Овој пат на казната за неспособноста да се решат клучните прашања, нема да се чека цели единаесет години. /МИА

Пресметка на банди во Мексико – Пронајдени седум безживотни тела

Во централно мексиканската држава Гванахуато, пронајдени се телата на седум лица, а официјалните претставници сметаат дека станува збор за членови на криминални организации.

Канцеларијата на државниот обвинител соопшти дека три од жртвите убиени се со огнено оружје и оти тие се идентификувани.

Телата на четирите преостанати жртви пронајдени се распарчени во црни пластични вреќи на две локации.

Покрај вреќите пронајдени се и пишани пораки од ривалските банди, пренесува „АП“.

Криминалните групи не се именувани, но се наведува дека се занимаваат со продажба на краден бензин и дрога.

Работна посета на министерот Димитров на Брисел

Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре и задутре ќе престојува во работна посета на Брисел.

Како што соопшти МНР, во рамките на посетата, Димитров утре ќе учествува на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија, организиран во рамките на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, претстојното австриско претседавање и во пресрет на Советот за надворешни работи на ЕУ. Дискусиите ќе бидат фокусирани на евроинтегративните процеси на Република Македонија, имплементацијата на реформската агенда на Владата, како и добрососедските односи.

Министерот Димитров на 29 мај ќе има обраќање во бриселскиот тинк-тенк Европски центар за политики (ЕПЦ) на тема: “The Macedonian name dispute: a test for EU enlargement to the Balkans“.

За време на престојот во Брисел, министерот Никола Димитров ќе оствари средби со претставници од институциите на ЕУ и неколку министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

По последната средба за името во Њујорк со шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, медијаторот Метју Нимиц кажа дека преговорите  ќе продолжат во Брисел. Од МНР засега не соопштуваат дали во Брисел ќе има средба на Димитров со Коѕиас. /МИА

притисни ентер