Комеморативна седница за Вања Лазарова

Во чест и спомен на доајенот на Македонската народна песна - Вања Лазарова, Македонската Радио Телевизија денеска во студиото М1 на Македонското Радио, ќе одржи свечена комеморација.
Посмртните останки на Вања Лазарова денеска ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта - Бутел во Скопје.

Таа почина завчера на 86-годишна возраст, во Скопје. „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Со маки сум се родила“, се само некои од многуте македонски изворни народни песни што ги испеа Лазарова. Најголемиот дел се снимени во продукција на МРТ.

Вања Лазарова беше родена на 27 април 1930 во село Страцин, Кратовско. Извесно време работеше во Операта при МНТ, а била членка и на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“.

Настапувала на голем број концерти на повеќе континенти, а пеела и во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Има голем придонес и во соработката со групата „Анастасија“ за музиката во филмот „Пред дождот“ кој во 1994 година освои „Златен лав“ во Венеција.

Впечатливиот глас на Вања Лазарова ќе остане дел од македонското музичко наследство. 

Повеќе од 42 илјади Косовци се откажале од своето државјанство во последните девет години

Од 2009  до почетокот на 2018 година, над 42 илјади граѓани на Косово се откажале од државјанството, додека само во првите четири месеци од оваа година истото го сторилe 1 648 Косовци.

Загрижувачки е бројот на младите, на возраст од 18 до 34 години, кои се откажуваат од косовското државјанство, пишува денешен „Зери“.

Заменик- министерот за внатрешни работи Изми Зека вели за весникот дека на почетокот на годинава е видно зголемен бројот на оние што се откажале од државјанството, споредено со минатата година.

– Главната причина за откажување од косовското државјанство е добивањето државјанство во некои од земјите на Европската унија, кои не дозволуваат двојно државјанство за оние кои не се државјани на ЕУ, вели Зека.

„Девојката со жиците“ на „Подвижен музички театар“-Битола вечер премиерно на Драма фестивал во Љубљана

Во словенечкиот главен град Љубљана, вечер во рамки на 5. меѓународен Драма фестивал, премиерно ќе биде изведена драмската опера „Девојката со жиците“, на „Подвижен музички театар“ –Битола (Moving Music Theatre-Bitola).

Станува збор за копродукциски проект на Словенечкиот националниот театар, СНГ-Љубљана и „Подвижен музички театар“, ММТ-Битола, во режија на битолчанецот Марјан Неќак, кој во проектот соработува со текстописецот Ана Бунтеска, Дарја Доминуш-преведувач и драматург, Наташа Филиповиќ костимограф, како и со фотографот Петер Ухар.

- Се работи за драмска опера за една виолинистка, која патува со воз низ Европа трагајќи по подобро утре. Метафоричниот и драматичен музички резултат лесно се движи низ повеќе жанрови од рок, поп, електронска музика со длабоки чувства на циркуски звук до опера како кулминирачка точка на емоции и интерпретации на двајца соло изведувачи. Во драмската опера, чија подготовка ја помогна „Еуростандард“-Скопје, ќе настапат Барбара Церар и Урош Фурст, а кореограф е Жиган Крајчар, изјави за МИА, режисерот и композитор Марјан Неќак.

Драма операта „Девојката со жиците“ на „Подвижен театар“-Битола ќе биде изведена и во наредните два дена во Љубљана. /МИА

Погрдни графити на спомен одбележјето на Јосип Броз Тито на градскиот плоштад во Куманово

Непознати сторители напишале погрдни графити на спомен плочата на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито на градскиот плоштад во Куманово.

На плочата нацртан е кукаст крст, а на плочникот пред одбележјето испишани се погрдни графити. Настанот се случил ноќта спроти 25 мај. Поддржувачите на Тито вчера го одбележаа овој ден.

Настанот го осуди и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитреивски, преку социјалните мрежи и побара надлежните да го пронајдат сторителот и да го изведат пред лицето на правдата.

- Не е прв пат да се сквернават споменици од НОБ. Ваквите нечовечки акти нема да не поколебаат да ги негуваме придобивките на партизаните од НОБ и Јосип Броз Тито кои се бореа против најголемо зло на човештвото фашизмот и ни овозможија ние денеска да живееме во слободна и независна држава Република Македонија, напиша Димитриевски.

Освен, градоначалникот и граѓаните на Куманово го осудија ваквиот чин и бараат надлежните органи да го расветлтат овој случај.

Од МВР потврдија дека случајот е пријавен во кумановската полиција во 50 минути по полноќ и оттаму додадваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. /МИА

притисни ентер