Иванов: Аманетот на Мајка Тереза е да го чуваме македонскиот модел на соживот

Мајка Тереза им служеше на сите оние кои страдаат, им даваше надеж на безнадежните и сила на исцрпените.
Таа вдоми илјадници сираци и усреќи илјадници семејства. Со Редот на милосрдието, Мајка Тереза спаси милиони животи и ја врати свеста за вредноста на човечкиот живот за неотуѓивото човечко достоинство. И постојано потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување. Со сето тоа, Мајка Тереза си изгради жив споменик, потраен и повеличествен од сите наши споменици.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на денешната понтификална миса - централен настан организиран во рамки на татковинската прослава по повод прогласувањето на Мајка Тереза за Светица.

Осврнувајќи се на животниот пат и делата на Мајка Тереза, претседателот Иванов рече дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики.

- Наместо да се истоштуваме во политички битки за докажување на нејзиното потекло и присвојување на нејзиното име, Мајка Тереза би нè упатила да се угледаме на нејзиниот пример. Да правиме мали добри дела со голема љубов. А за тоа не мора да одиме на крајот од светот бидејќи, како што таа велеше, почитта и љубовта започнуваат во нашиот дом, во нашето маало, во нашиот град, во нашата држава Македонија. Гледајќи нè политички разединети и поделени, би побарала од нас да не се делиме и караме, туку да си простиме, да се помириме и да се почитуваме, нагласи Иванов.

Според Иванов, нејзината канонизација била можност за таков чекор и лидерите на двете најголеми партии од македонскиот блок ја прифатиле поканата и биле на канонизацијата во Ватикан, но за жал, лидерите на двете најголеми партии од албанскиот блок не успеале да се издигнат над дневнополитичките тензии и недоразбирања.

- Гледајќи колку лесно крстот и полумесечината, црквата и џамијата ги претвораме во граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии, би нè потсетила дека верата е љубов во акција. Дека не смееме само на име да се нарекуваме верници, туку дека мора да помагаме, се додека не нè заболи. Затоа што вистинската љубов боли. Би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа што само така ќе научиме да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики, рече Иванов.

Тоа, додаде македонскиот претседател, се вредностите што денес ни се повеќе од неопходни во Македонија. Тоа е аманетот што ни го остави Мајка Тереза, светицата од Скопје, светицата на светот. Верувам, додаде тој, дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е ако го исполнуваме овој нејзин завет.

Светата понтификална миса што се одржа на плоштадот „Македонија“ ја предводеше специјалниот папски кардинал, сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пулиќ.

- Гордејте се со Светата мајка. Вие, верниците кога ќе ви падне духот и ќе се најдете во опасност да ја изгубите надежта, инспирирајте се од оваа прекрасна мајка, која со своето застапништво ќе ви помогне. Мајките кои го изгубиле мајчинството, вратете го преку почитувањето на оваа света мајка, а Вие кои се плашите од животот, учете од оваа света мајка колкава е силата во верата. Не го заборавајте овој ден и овој настан, порача Пулиќ. 

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх Киро Стојанов ја прогласи капелата во спомен куќата на Мајка Тереза за светилиште на Света Мајка Тереза.

Светата миса ја следеа голем број верници, претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, домашни и странски делегации.

По повод прогласувањето на Мајка Тереза за Светица од страна на Ватикан, во текот на изминатите седум дена во Македонија се одржаа низа настани во рамки на татковинската прослава. Во спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје беа врачени статуетки со ликот на Светата Мајка Тереза и благодарници на хумани личности и организации кои во изминатиот период се докажале во областа на хуманизамот, помагањето и намалувањето на човековите страдања. Македонската академија на науките и уметностите организираше свечена академија за ликот и делото на Светицата Мајка Тереза, а вчера беше отворена и изложбата „Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија за Света Мајка Тереза“.

Агнеза Гонџа Бојаџиу позната како Мајка Тереза на 4 септември на плоштадот „Св. Петар“ во Ватикан беше прогласена за Светица од страна на поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск.

Мајка Тереза почина во 1997 година во Калкута, Индија. Родена е во Скопје на 26 август 1910 година како Агнес Гонџа Бојаџиу. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. /МИА

Црногорците вложуваат 700 милиони евра во обновливи извори на енергија

Електростопанството на Црна Гора планира до 2020 да вложи 700 милиони евра во изградба на постројки за обновливи извори на енергија со вкупен капацитет од 500 мегавати.

„Фотоволтаичната централа Бриска Гора, ветерната фарма Гвозд и хидроцентралата Комарница ќе имаат вкупен капацитет од околу 500 мегавати“, рече директорот за развој и инженеринг Иван Мрваљевиќ.

Минатиот месец, акционерите на ЕПЦГ одобрија инвестиција од 58 милиони евра за изградба на ветерна фарма од 50 мегавати Гвозд, во соработка со австриската компанија Ивица Холдинг.

Во декември 2018 година, беше потпишан договор за изградба на фотоволтаичната  централа Бриска Гора вредна 178 милиони евра од околу 200 мегавати со  конзорциумот на  финскиот Фортум.

Пукотници во Амстердам во пресметка на црногорското подземје (ВИДЕО)

Еден Црногорец е убиен , а уште еден е повреден во престрелката во пицерија во центарот на Амстердам.

Во пукањето попладнево во пицерија во Амстердам, едно лице загина, а едно е повредено. Според српските медиуми, повреден е Јован Ѓуровиќ, брат на Лука Ѓуровиќ, еден од некогашните водачи на најсилниот црногорски клан кој загина во сообраќајна несреќа во 2013 година.

Во пресметка во Амстердам беше убиен Горан Савиќ, пријател на Ѓуровиќ, кој кога ги видел вооружените напаѓачи, скокнал пред Ѓуровиќ и со телото го заштитил од рафалот куршуми.

Савиќ е сопственик на пицеријата каде се случило пукањето.

„Тој скокна пред него како човечки штит“, рече еден очевидец.

Иако службите за итни случаи се обиделе да го реанимираат Савиќ, тој починал на местото на настанот. Ѓуровиќ се здобил со сериозни повреди и бил пренесен во болница.

Напаѓачите по пукањето избегале во сив Фолксваген со белгиски  регистарски таблички. Холандските медиуми објавија дека возилото подоцна било пресретнато од полициски службеници и по драматична акција среде улица,  уапсиле еден осомничен.

Ранетиот Ѓуровиќ е брат на Лука Ѓуровиќ кој би бил водач на најсилниот криминален клан во Бар. Тесно соработувал со Лука Бојовиќ , кој беше познат како прв човек на Земунскиот клан во Црна Гора.

По неуспехот на Нетанјаху, Бени Ганц ќе ја составува израелската влада

Поранешниот генерал Бени Ганц доби мандат за состав на новата влада на Израел , од што вчера се откажа досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

По нерешени изборни резултати во април и во септември, ова е првпат од 2008 година на некој друг освен на 70-годишниот Нетанјаху да му се даде задача да се обиде да состави влада.

Лидерот на партијата „Сино-бело" , Ганц сега има 28 дена да ја заврши задачата што му е доверена од претседателот Реувен Ривлин.

Отпрвин, Ривлин му го довери мандатот на Нетанјаху, лидерот на централно-десничарската партија Ликуд, кој беше премиер на Израел уште од 2009 година. Но, Нетанјаху го врати мандатот во понеделникот затоа што не успеа да собере мнозинство и рече дека сторил се за да го вклучи Бени Ганц и да формира влада за национално единство за да се избегнат трети избори годинава.  

Нетанјаху се соочува со бројни обвиненија за корупција, поради што 60-годишниот Ганц рече дека нема да учествува во владата, чиј премиер е обвинет за корупција.

Иако бил началник на Генералштабот на израелската армија од 2011 до 2015 година, Ганц , нема лесно да обезбеди мнозинство и доколку тој не успее да го стори тоа, најверојатни се нови парламентарни избори, трети годинава.

Ганц има поддршка од 54 пратеници, седум помалку од парламентарното мнозинство.

Ликуд освои 32 места на изборите во септември, од вкупно 120, а партијата на Ганц 33.

притисни ентер