Јавното обвинителство побара документација од три институции за случајот Крпач

Основното јавното обвинителство бара информации за истрагата за смртта на Коста Крпач од Специјалното јавно обвинителство, од МВР и од Основниот суд, со цел расветлување на случајот, потврдуваат за Канал 5 од скопско обвинителство.
Оттаму додаваат и дека ги очекуваат дополнителните наоди кои ги побараа откако минатата среда во стан во скопски  Капиштец беше откриено телото на 40-годишниот Коста Крпач со прострелна рана во градите.

-Извештајот од извршената обдукција не е пристигнат во Основното јавно обвинителство. Имено, по извршената обдукција, надлежен обвинител изврши координација и консултација со Институтот за судска медицина и со крим техника, по што издаде поголем број Наредби за вршење на дополнителни анализи и вештачења, велат од ОЈО.

Во станот на Крпач, како што потврдуваат и од Основниот суд Скопје 1, пред смртта бил извршен и претрес по барање на СЈО, од каде посочија дека Крпач бил нивен сведок со кого добро соработувале и дека тој доброволно се јавил како сведок. Како што вчера објавија дел од медиумите, се очекува деновиве надлежен јавен обвинител да ги повика одговорните од специјалното обвинителство кои работеле на случајот со Коста Крпач да ги образложат активностите во текот на постапката. Инаку, 40-годишниот Коста Крпач не е првиот за кого се говорело дека е жртва на тортура од страна на СЈО. Според потврдените информации досега се поднесени над 20-тина кривични пријави за малтретирање против обвинители од тимот на Катица Јанева. Во нив се тврдеше дека обвинителите преку закани се обидувале да изнудат лажни изјави од повиканите. Во однос на овие предмети кои се водат против обвинители и истражители од СЈО, од скопско обвинителство за Канал 5 велат дека сите постапки се запрени со одлуката за аболицијата на претседателот Иванов.
Од СЈО, пак се уште нема одговор – зошто наредиле претрес во домот на Коста Крпач, зошто тоа морало да се случува пред очите на неговото дете, сопругата, соседите,  што нашле за време на претресот, и зошто доколку СЈО немал намера да го гони Коста Крпач би им пречело прекинувањето на постапката од страна на Претседателот Ѓорге Иванов? Останува не одговорено и прашањето поставено во дел од медиумите -  зошто СЈО не побара од судот да биде издадена наредба за претрес кај Зоран Заев, кој не беше сведок, туку осомничен во случајот „Пуч“, а доцнеше со предавањето на прислушуваните материјали и дали СЈО ќе побара наредба за претрес кај Заев кој не ги предаде сите 500.000 прислушувани материјали, кои тврдеше дека ги поседува до обвинителството?

Одговор на овие прашања Канал 5 побара од СЈО, но до емитувањето на овој прилог не добивме повратен одговор.


Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Протест пред Собранието против Договорот со Грција

Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.

Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.

Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон. 

Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата. 

Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер