Хорови од Хрватска и Македонија гостуваа во Велес

На големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Кoнстантинов-Џинот“ во Велес синоќа имаше концерт на хорска музика насловена „Мостови на пријателство“.

Настапија МПЗ „Ријека Семпре Алегро“ од Риека и ХГД „Звијезда Даница“ од Краљевица, двата под диригентство на Хелга Дукариќ-Дангубиќ, и ГМХ „Вардар“ од Скопје, под диригентство на Јасмина Ѓорѓеска, во пијано придружба на Андреј Наунов. Иако аматерски, трите хора ја одушевија многубројната велешка публика која ги награди со долг и силен аплауз.

Хелга Дукариќ-Дангубиќ изјави дека соработката со ГМХ „Вардар“ од Скопје започнала минатата година кога имале два заеднички концерта во Риека и во Краљевица, а по гостувањето во Велес, вечер ќе настапат и во Скопје. Таа сенадева дека соработката ќе продолжи.

- Го завршивме концертoт на трите хора со заеднички настап со песната „We Are The World“, со една порака сите на светот да бидеме обединети и пријатели и кон тоа да тежнееме. Музиката отсекогаш ги спојувала луѓето од сите нации и националности. Тука сите сме исти на светот и нам ништо не ни е важно освен музиката која не спојува да се дружиме и меѓу нас да постои пријателството, рече Дукариќ-Дангубиќ.

Двата хора од Хрватска се аматерски. Хорот„Звијезда Даница“ од Краљевица постои 122 години и е меѓу најстарите хорови во Хрватска. На концертот се претставија со хрватската народна песна. Хорот од Риека, пак, настапи со многу светски познати популарни песни и на крај со македонската песна „Елено ќерко“ во чест на нивните пријатели од Македонија.

Диригентката на хорот „Вардар“ Јасмина Ѓорѓеска искажа задоволство од заедничкиот концерт во Велес и соработката со двата пријателски хора од Хрватска.

- Задоволна сум од гостопримството на велешани и се надевам дека оваа соработка ќе премине во традиција. Нашиот хор изведе композиции од разни временски периоди и различни стилови, a освен македонската народна хорска обработка имaше и позната филмска музика, рече Ѓорѓеска. /МИА

Стејт Департментот: Сериозна владина корупција и насилство врз новинари

Стејт Департментот ја нотира состојбата со човековите права во речиси 200 земји и територии низ светот. 

Сериозна владина корупција и сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани со насилство врз новинари, се регистрирани во извештајот на Стејт Департментот за состојбата со човековите права во Македонија во 2023 година, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик. Извештајот наведува дека законот предвидува кривични казни за корупција од страна на функционери, но оти владата не го спровела ефективно.

- Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата, создава широки можности за корупција, се вели во документот.извештајот нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери.

Стејт Департментот ја нотира состојбата со човековите права во речиси 200 земји и територии низ светот. За Бугарија во извшетајот се нотира дека властите на Бугарија продолжиле да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи.

ЦУК со апел за внимателност поради најавените метеоролошки промени

Центарот за управување со кризи (ЦУК) изутринава апелира за внимателност поради најавените метеоролошки промени со дожд, умерен ветер и со снег на повисоките места.

Кога се оди со возило на планините, препорачливо е да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот.

- Во реон на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, ќе се извршат во повеќе наврати минирања на теренот, информираат од ЦУК.

Изминатото деноноќие немало пожари на отворено, имало само урбани.

- ЦУК издвојува два коишто се навидум наивни, ги има секојдневно, а се потенцијална опасност за палење поткровја и околни објекти. Тоа се пожарите на оџаци. Регионалниот ЦУК - Охрид информира дека пожарникари, вчера од 13.05 до 14 часот, со тројца пожарникари и едно ПП возило гаснеле запален оџак на улицата „8-ми Септември“ број 26, а РЦУК - Велес соопштува дека вчера од осум до девет часот, петмина пожарникари и две ПП возила гаснеле запален оџак на локален дуќан за скара во градот, наведуваат од ЦУК.

Оџаците, како што пожарникарите превентивно препорачуваат, е потребно да се чистат поредовно, се нагласува во соопштението на ЦУК.

Во последното деноноќие имало вкупно 1.583 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.

- „Реални“ повици биле 59,13 отсто, а 40,87 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 61,05 проценти, кон Итната медицинска помош - 35,96 отсто. Додека, кон пожарникарите - 1,12 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК, пишува во соопштението.

САД почнаа преговори за повлекување на 1.000 американски војници од Нигер

Американските власти почнаа преговори со властите на Нигер за повлекување на американските војници од оваа западноафриканска земја, соопшти синоќа Пентагон.

Војниците досега беа во оваа земја за борба против џихадистичките екстремисти во регионот Сахел, на кој му припаѓа Нигер.

Владата на Нигер, која се појави по минатогодишниот државен удар, одлучи минатиот месец да го раскине договорот за воена соработка со САД, соопштувајќи дека присуството на американски војници во Нигер сега е „нелегално“.

Минатата недела Вашингтон конечно се согласи да повлече повеќе од 1.000 војници од земјата и објави дека испраќа делегација во Ниамеј за да се договорат за деталите за повлекувањето.

-Можеме да го потврдиме почетокот на разговорите меѓу САД и Нигер за уредно повлекување на американските сили, рече портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер.

„Мала делегација од Пентагон и американската команда во Африка“ учествува во разговорите, а САД „ќе продолжат да ги истражуваат можните опции за да се осигураат дека секогаш сме способни да се справиме со потенцијалните терористички закани“, додаде Рајдер.

Шефот на дипломатијата на Нигер, Бакари Јау Сангаре, изјави дека денеска имал „разговори“ со американската амбасадорка во Ниамеј, Кетлин Фицгибон, за „прашањето за заминувањето на воените трупи од Нигер“.

Разговорот се одвивал во присуство на Марија Барон, директорка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во Ниамеј, која изрази уверување дека агенцијата „ќе ја продолжи билатералната соработка“ со Нигер, се наведува во соопштението.

Во Нигер, САД имаат голема база за беспилотни летала во близина на Агадез. Неговата изградба чинела околу 100 милиони долари.

По државниот удар со кој беше соборен избраниот претседател Мохамед Базум, новиот воен режим брзо побара повлекување на трупите од Франција.

Воената хунта политички се зближи со Русија, како и Мали и Буркина Фасо, земји со кои исто така владеат воени хунти. /MИА

притисни ентер