Дебата за формализирање на дознаките од странство

Граѓаните кои добиваат финански дознаки од странство по официјални канали, да добиваат ваучери од Владата за здравствени услуги и лекови во вредност од нивна просечна потрошувачка, а шест проценти од износот на дознаката да стават на пензиска штедна сметка, е еден од начините за ставање на примателите на дознаки по социјалниот чадор промовиран на денешната јавна расправа на оваа тема организирана од Институтот за економски политики и истражувања Finance Think.
Ваучерот, беше посочено денеска, е еден од начините за трансформација на дознаките од неформална во формална социјална заштита. Во Македонија, покажале резултатите од истражувањето на Институтот, стасуваат годишно околу 400 милиони долари, од кои половината по неформални канали. Околу 88 илјади приматели на овие дознаки се невработени лица.

Клучните резултати од истражувањето, рече извршниот директор на Finance Think Благица Петрески, покажуваат дека дознаките служат како неформален извор на социјална заштита во Македонија.

- Ваучерот ќе обезбеди формална социјална заштита и пензиска и здравствена, поддржува дополнително финансиско описменување на примателите, а на долг рок може да придонесе за попродуктивна и поздрава популација, рече таа.

Во однос на бенефитите што би ги имала Владата, покажало истражувањето, ќе го намали износот од буџетот за социјална помош, а за економијата и општеството во целина ќе помогне во намлување на инцидентноста на социјална ранливост и исклученост, појасна слика за износот на дознаки кои влегуваат во земјата, зголемување на штедењето...

- За секој дополнителен денар дознаки личната потрошувачка за здравје се зголемува за 0,2 денари, а општата потрошувачка за 0,6 денари. Дополнителниот денар пак потрошен на здравствена услуга ја намалува веројатноста за лошо здравје за 0,17 денари, покажуваат податоците од направеното истражување.

Маја Парнарџиева Змејкова, експерт во здравствениот менаџмент смета дека идејата за вауер од овој вид е добра, но оти треба да се размисли дали здравството е секторот во кој тој би можел да се користи со оглед на тоа што најголем дел од граѓаните, како што рече, се здравствено осигурени лица, без разлика дали станува збор за вработени, пензионери, земјоделци, неврабнотени, корисници на социјална помош....

Доколку, рече таа, се работи тие средства од ваучерот да можат да се користат за плаќање на одредената партиципација, тогаш, рече тоа е нешто за кое би можело да се размислува.

Смета дека идејата за ставање на 6 проценти од вредноста на дознаката на пензиска приватна сметка е добро решение кои ќе овозможи поголема сигурноста на граѓаните. /МИА

Мигранти запреле воз во Босна и ги ограбиле патниците

Група илегални мигранти насилно запреле патнички воз во близина на Добој , во БиХ , а потоа и ограбиле патниците и избегале.

Инцидентот се случил вчера , кога мигрантите , додека патувале со возот , ја  повлекле рачката за запирање во случај на опасност. Возот сообраќал на редовната линија Бихаќ- сараево и во него имало десетина патници.

 Петтемина мигранти ги ограбиле патниците , им ги зеле парите и храната и избегале во непознат правец.

Полицијата од Добој го истражува грабежот. Според официјалните податоци , од почетокот на минатата година во БиХ преку границата со Србија и Црна Гора влегле над 23 000 мигранти.

Се проценува дека сега во државата има меѓу 4 и 5 илјади мигранти.

Димовски ги прими копиите од акредитивните писма на новите амбасадори на Естонија, Гана, Уганда и на Малта

На средбата се разговарало и за досегашната билатерална и мултилатерална  соработка и можностите за нејзино унапредување.

 Во Министерството за надворешни работи, државниот секретар Виктор Димовски денеска ги прими копиите од акредитивните писма на вонредните и ополномоштени амбасадори во Република Македонија на Република Естонија со седиште во Будимпешта, Кристи Карелсон, на Република Гана со седиште во Прага, Вирџинија Хесе, на Република Уганда Елизабет Паула Напејоккако и на Суверениот Воен Ред на Малта со седиште во Рим, Франческо Саверио Џусти.

Како што соопшти МНР, во оваа прилика, државниот секретар Димовски ѝ посака успешна мисија на новата естонска амбасадорка, изразувајќи уверување дека со своето дипломатско искуство и личен ангажман ќе даде значаен придонес во продлабочувањето на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Естонија.

Амбасадорот Карелсон се заблагодарила за поддршката и изразила подготвеност за зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес и натамошно зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји.

На средбата се разговарало и за досегашната билатерална и мултилатерална  соработка и можностите за нејзино унапредување. Притоа, биле истакнати приоритетите на Република Македонија во рамките на внатрешната и надворешната политика и биле разменети  мислења за актуелни регионални и меѓународни прашања.

За време на средбата со новоименуваната амбасадорка на Гана, Димовски и посака добредојде, пренесувајќи ја целосната подготвеност на македонската страна за продолжување и продлабочување на односите и соработката со Република Гана во сите сфери од заемен интерес.

Димовски информирал за приоритетите на Република Македонија на меѓународен план, а биле разменети и мислења за актуелни  регионални и меѓународни прашања.

Амбасадорката Хесе, се посочува, го нагласила интересот за оформување на правната рамка и унапредување на билатералната соработка и најавила интерес за отворање на почесен конзулат во Република Македонија.

-Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната соработка на мултилатерален план и ја истакнаа подготвеноста за унапредување на севкупната соработка во сите области од взаемен интерес во наредниот период, стои во соопштението од МНР.

Државниот секретар Димовски, денеска ги прими копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Уганда за Република Македонија, Елизабет Паула Напејок, при тоа, посакувајќи и добредојде ја пренесе целосната подготвеност на македонската страна за продолжување и продлабочување на односите и билатералната соработката во сите сфери од заемен интерес. Димовски информирал за приоритетите на Република Македонија на меѓународен план, а биле разменети  и мислења за актуелни  регионални и меѓународни прашања.

Амбасадорката Напејок го истакна интересот на нејзината земја за воспоставување соработка на економски план и посебно во областа на трговијата и туризмот, како и за отпочнување на универзитетска соработка.

При приемот на копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Суверениот воен болнички ред на Свети Јован од Ерусалим, Родос и Малта за Република Македонија со седиште во Рим, Франческо Саверио Џусти, Димовски изразил задоволството од досега воспоставените пријателски односи и заложби за нивно натамошно унапредување.

-Двајцата соговорници ја констатираа важноста на хуманитарната мисија на Суверениот Воен Ред на Малта во Република Македонија во изминатите дваесетина години, споделувајќи заеднички културни и цивилизациски вредности.  Обострано беше истакната улогата и значењето на мултилатералната дипломатија на Редот во глобалните хуманитарни активности во полза на болните и сиромашните, што е важен придонес  во постигнувањето на Милениумските развојни цели на ОН, стои во соопштението.

Влада: Законот за јазиците не предвидува дополнителни вработувања во општините во кои граѓаните на немнозинските заедници се помалку од 20 отсто

 Владата на Република Македонија во денешното соопштение наведува дека тврдењата на опозициската ВМРО – ДПМНЕ не се точни.

 Бидејќи Законот за употреба на јазиците не предвидува дополнителни вработувања во општините во кои граѓаните на немнозинските заедници се помалку од 20 отсто

-Законот за употреба на јазиците предвидува формирање Централна агенција којашто ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска или друга етничка заедница ќе има потреба од комуникација и ќе се обрати на друг јазик, покрај македонскиот, тогаш Централната агенција ќе им излезе пресрет на тие граѓани и ќе ја преведе комуникацијата за потребите на граѓаните коишто се обраќаат, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Тоа, како што појаснуваат од Владата, значи дека во институциите во општините каде што 20 отсто од граѓаните не се припадници на немнозинските етнички заедници, нема дополнително да се вработуваат граѓани од албанска или која било друга етничка припадност за исполнување на одредбите од Законот за употреба на јазиците.

-Владата на Република Македонија останува цврсто на ставот дека Законот за употреба на јазиците е во интерес на сите граѓани и е во рамки на концептот едно општество еднакво за сите. Со неговата имплементација ќе се зајакне севкупната социјална стабилност во Република Македонија и ќе придонесе кон зајакнување на интегритетот и економскиот прогрес на земјата, се додава во соопштението.

Владата, како што е наведено во соопштението, креира политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

притисни ентер