„Повелба на Република Македонија“ за Црвениот крст

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Црвениот крст на Република Македонија.
Признанието се доделува по повод 70 години од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија, како организација која преку реализација на многубројни хуманитарни активности во различни сфери на делување, даде посебен придонес во обезбедување на помош и поддршка на ранливото население во Република Македонија и пошироко, а со тоа и афирмација и промовирање на меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности. /МИА

Теодоракис: Северните соседи не се опасност за Грција

Ставот дека Река сака решение на спорот со името и уште од почеток е со јасна позиција, го повторува лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис во интервју за грчкиот весник „Етнос" и додава дека „Грција не е во опасност од северните соседи".

– Прашувам: ќе имаме повеќе проблеми ако нашите соседи се членки на ЕУ или протекторат на Турците и Русите? Бидејќи, очигледно, ако им го пресечеме патот кон Европа, некаде ќе се вклучат и тие. Значи, за неколку седмици, ние Грците треба да донесеме важна одлука: Ќе кажеме „не" на промената на нивното име од Македонија, како што денес сите ги признаваат, во Северна Македонија? Ќе се судриме со сите наши сојузници кои го поддржуваат договорот? Ги преброивме последиците за грчко-турските односи? За нашата економија?, вели Теодоракис во интервјуто за грчкиот весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на неговиот коментар за изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев, лидерот на Река вели „Егејски Македонци постојат, но зборуваат грчки". Додава дека нема да молчат за ставовите од македонска страна и истакнува дека ако има повлекувања од обврските предвидени со Договорот од Преспа, тогаш договор не постои.

-Тоа што сакаме решение не значи дека ќе молчиме пред апсурдите што ги кажуваат – кога ги кажуваат – нашите соседи. Договорот наведува дека јазикот на ПЈРМ припаѓа на групата јужнословенски јазици. Исто така, прифатија дека немаат никаква врска со античката грчка култура и наследството на грчката Македонија. Сето ова мора да се отслика во нивниот Устав. Ако се повлечат од ова, тогаш очигледно нема договор, вели Теодоракис, пренесе МИА. /МИА

Најмногу снег на Шапка, најстудено во Паланка

Најмногу врнежи во изминатото деноноќие имало во Берово- 24 литри на метар квадратен, а најстудено утрово било во Крива Паланка минус девет степени. 

Снежната покривка во Берово е осум стантиметри, на Попова Шапка 16, Крива Паланка 13, Виница два и Струмица еден сантиметар.

Во текот на ноќта и во раните утрински часови облачноста од запад се зголеми, па во моментов преовладува облачно време. Дува слаб северен ветер.

Врнежи од снег претпладнево има во западните делови, а попладне особено во текот на ноќта врнежите ќе се прошират насекаде и ќе се интензивираат. Повеќе врнежи се очекуваат во западните делови од земјава, а до утре претпладне снежна покривка ќе се формира насекаде низ земјава, особено на планините. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде во интервал од 0 до 7 степени.

Во Скопје претежно облачно, доцна попладне, а особено во текот на ноќта со повремен снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Температурата ќе достигне околу 2 степена.

Облачно и студено со повремени врнежи од снег, ќе биде особено претпладне. Потоа следува период на претежно стабилно време со пониски утрински температури, додека дневните од петок ќе бидат во пораст. /МИА

Дебата во владата за проблемот со линданот

Дебата за изнаоѓање конечно решение на проблемот со отпадот од пестицидот линдан во поранешната фабрика „Охис“ ќе се одржи денеска во владата.

На дебатата воведно обраќање ќе имаат премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на владата.

Линданот од 2009 година е забранет за  производство.

Станува збор за пестицид, кој порано се користел во земјоделството.

Белиот прашок служел како инсектицид.

Со неговото одвојување од другите соединенија се создала огромна количина токсичен отпад кој се депонирал на отворено.

притисни ентер