Катастрофални услови во воспитно - поправните домови

Состојбата во воспитно – поправните домови е катастрофална.
Немаат ни услови за згрижување на децата, ниту пак за нивна социјализација и воспитување.

Оваа констатација на Народниот правобранител е причина на едно место денеска да се соберат директорите и социјалните работници од сите институции во државава во кои се згрижуваат деца со нарушено поведение.

Заменик правобранителот покажа фотографии од некои установи, кои како да се од некој хорор филм. Имало случаи кога деца кои 700 дена се воделе како штитеници на некој дом, а внатре всушност биле само 30 денови.

Правобранителот постојано врши посети во воспитно – поправните домови. Од она што досега го согледале е дека најлоша е состојбата во заводот за згрижување „Ранка Милановиќ“ во Скопје.

Директорите на установите не се согласуваат дека работите се до толку лоши и дека правеле се за децата штитеници да добијат соодветен третман. Но правобранителката им порача дека ако вака остане состојбата во домовите, тогаш тие попусто постојат и не ја исполнуваат целта за која се формирани.


Како ќе се реши проблемот со извозот на земјоделски производи на Косово?

Времената рамка на Косово за повисоки царини од 30% за овошје и зеленчук предизвика хаос во регионот.

Петти ден земјоделците немаат каде да ги извезуваат своите производи. Извозот од ден во ден е се помал. Им се закануваат огромни штети.

В среда во Белград ресорните министри на земјите од регионот на итен состанок ќе бараат лек за проблемот. Најавија и контра-мерки. Македонија веќе испрати и допис до ЦЕФТА  и ЕУ потенцирајќи дека мерката е неаргументирана.

Во меѓувреме српскиот министер за трговија Расим Љајиќ и порача на Приштина да се одлучи дали е или не е ЦЕФТА потписничка.

Косовската времена мерка ќе трае три месеци. Со неа, за 30% се зголемуваат царините за увезеното овошје и зеленчук. Опфаќа 21 сорта од земјоделските производи и важи за сите држави кои увезуваат во Косово.

Најпогодени, според министерството за земјоделство, се доматите, пиперките и сливите.

Иран: Најмалку 25 лица повредени во земјотресот

Најмалку 25 лица се повредени во земјотресот со јачина од 5,9 степени по Рихтер, кој денеска го погоди западен Иран, неколку часа откако два земјотреси ја потресоа јужната провинција Хормозган.

Гувернерот на западната провинција Керманшах, Хусанг Базванд, изјави дека 25 лица се повредени и дека, за среќа, нема информации за мртви.

Претходно денеска, јужниот дел на Иран беше погоден од земјотреси со јачина од 4,7 степени и 5,7 степени според Рихтеровата скала.

Во тие потреси немаше повредени, а предизвикана е помала материјална штета.

притисни ентер