МПЦ дозволи богослужба на албански јазик

На барање на православните Албанци во Македонија, Македонската православна црква - Охридска архиепископија одобри во црковните храмови да можат да се одржуваат богослужби на албански јазик.
Литургија на албански јазик наскоро, првпат треба да биде одржана во некоја од православните цркви во Македонија како израз на подготвеноста на МПЦ-ОА да им излезе во пресрет на барањата на граѓаните што се чувствуваат како православни Албанци.

Засега не е познато кога и во која црква ќе се одржи ваквата богослужба, но се знае дека тоа ќе биде панихида во спомен на Kристо Багери, син на познатиот албански преродбеник Јосиф Багери. Се навестува дека првата богослужба би можело да се случи напролет в година. Вакви и слични богослужби ќе можат непречено да се организираат секогаш кога ќе има потреба и барања од верниците.

Синодот на МПЦ-ОА веќе донел одлука со која се одобрува таквата богослужба која ќе ја изведат двајца свештеници што го знаат албанскиот јазик.

- Светиот синод на МПЦ одобрува да се ангажираат свештеникот Ристо Kумбуровски од Kичево, кој потекнува од Албанија и го владее албанскиот јазик, и еден претставник од Гостиварското архијерејско намесништво со благослов на надлежниот митрополит на Тетовско-гостиварската епархија г. Јосиф, да можат да ја богослужат панихидата на албански јазик во деновите што се одбележуваат во мавровските села, се наведува во синодската одлука донесена на почетокот од октомври годинава, а потпишана од архиепископот г.г. Стефан.

Синодскиот портпарол, владиката Тимотеј, вчера за весникот потврдил дека таквата одлука е донесена и оти ќе биде спроведена.

- Панихидата ќе ја одржат двајца наши свештеници, кои потекнуваат од село Пустец од Албанија, во која живеат наши Македонци. Тие свештеници се школувале во нашата Богословија во Драчево и дозволено е да се одржи таквата богослужба. Слични служби ќе се организираат секогаш кога ќе има вакви барања и кога ќе има верници што ќе присуствуваат, вели владиката Тимотеј.

Тетовско-гостиварскиот владика Јосиф ќе определи во која црква ќе се одржи првата служба, а извесно е дека ќе биде во мавровскиот крај.

Публицистот Бранислав Синадиновски, кој објавил повеќе трудови за православни Албанци, објаснува дека Kристо Багери е посебна личност.

- Освен што е син на преродбеникот Јосиф Багери, за него е најпознато тоа што како 16-годишник загинал во една комитска чета во околината на Битола. Тоа се случило во 1906 година, три години по Илинденското востание. И тој како православен Албанец загинал за слободна Македонија борејќи се против турските окупатори. Неговиот татко го надживеал, а за смртта на својот син напишал и една преубава елегија, вели Синадиновски и додава дека постои иницијатива на младиот комита да му се подигне споменик во Битола.

Идејата за богослужба на албански јазик во православните храмови ја промовирал Бранко Манојловски, почесен претседател на друштвото „Јосиф Багери“, кое се залага за афирмација на припадниците на оваа заедница, за што весникот веќе пишувал пред извесен период.

- Таа идеја планираме наскоро да им ја претставиме на црковните власти за да најдеме начин како да се оствари, рекол Бранко Манојловски, кој живее во мавровското село Kиченица, но и во САД.

Според негова процена во Македонија има значителен број Албанци што се со православна вера.

- Голем број од нив се уште не се изјаснуваат како такви. Одржувањето на богослужбите на албански јазик ќе помогне за нивното сознавање. Досега направив контакти со братството од Бигорскиот манастир и оттаму ми рекоа дека се позитивно расположени за таа идеја, вели Манојловски.

Во МПЦ наведуваат дека се подготвени и да се одржуваат богослужби и на други јазици.

- Ако, на пример, добиеме барања да организираме богослужби на турски или на ромски јазик, ќе ги прифатиме, велат од МПЦ.

Православните Албанци во Македонија ја поздравуваат одлуката на МПЦ за одржување литургија на албански јазик, во чест на Kристо Багери.

Наим Иљази од друштвото „Јосиф Багери“, кое се ангажира за афирмација на православните Албанци верува дека литургијата ќе се одржи во мај догодина.

- За тоа искажуваме голема благодарност кон МПЦ. Треба да знаеме дека културното разбирање е клучно за една поефикасна меѓусебна комуникација и за градење еден граѓански концепт за полесно решавање на општествените недоразбирања и проблеми. За жал, постојат луѓе што ја истакнуваат својата верска или етничка припадност како посупериорна во однос на другите етнички заедници, кои ги сметат за инфериорни и недостојни да учествуваат во општествените процеси за градење заеднички вредности, потенцира Иљази. /МИА

Ердоган на прагот на сигурна победа

На речиси една петина од изброените гласови , Реџеп Таип Ердоган има освоени скоро 60 проценти.

Според првичните резултати од изборите , кои се одржаа во Турција , актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган засега убедливо води со 59,99 проценти од гласовите на една петина од преброените ливчиња.

Неговиот главен противкандидат , Мухарем Инче освоил 25,8 проценти .Гласачките кутии беа затворени во 17 часот по локално време и се очекува вечерва да бидат познати резултатите од предвремените претседателски и парламентарни избори .

Аналитичарите предвидуваат победа на Ердоган со околу 45 до 55 проценти од гласовите.

Се удави Полски наутичар во Јадранското Море

Хрватските поморски власти попладнево го најдоа телото на полскиот наутичар , исчезнат во близина на Риека.

Во 7 часот утрово било пријавено дека е исчезнат Полски наутичар од едрилицата ,,Левант “ , на која имало уште десетмина туристи од Полска. По интензивна потрага телото на 67 годишниот наутичар било најдено во близина на островот Угљен . Го здогледал рибар од чамец и пријавил во спасувачката служба.

Членовите на едрилицата биле задржани во полицијата во Ријека на распит.

Истрагата ќе покаже како и зошто телото на искусниот наутичар се нашло во море.

Макрон од мини самитот на ЕУ : Не примаме лекции од други

Во Брисел се одржува мини самитот  на ЕУ , на кој лидерите на 18 земји членки решаваат за мигрантската криза.

Пред почетокот на самитот францускиот претседател Емануел макрон изјави ека не прима лекции од други земји , алудирајќи на изјавите на државниот врв на Италија , каде и новиот премиер Конте и неговиот заменик Ди Мајо го нарекоа ,,човек без допирни точки со реалноста”.

,, Ние никогаш не забораваме кои се нашите вредности. Тоа во овој момент е неприфатливо .” изјави Макрон пред почетокот на мини самитот. Проблемот настана откако голем број земји членки на ЕУ одбија да ја споделат одговорноста за мигрантите за да им помогнат на земјите кои се најмногу погодени , како Грција и Италија.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте кусо изјави дека ќе го претстави својот план за решавање на проблемот. Канцеларката Меркел се надева дека лидерите ќе се договорат како меѓусебно да си помагаат без да треба за тоа одлука од сите 28 членки на ЕУ.

Таа рече дека не очекува денеска да се постигне целосен договор , со оглед на фактот дека истата тема ќе биде во фокусот на формалната средба на сите лидери на земјите членки на ЕУ на 28 и 29 јуни.

притисни ентер