Путин денеска е во Белград

Србија не планира да воведе санкции против Русија, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ во ексклузивното интервју за Итар-тасс пред посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Белград.

- Никој не може да и’ наредува на Србија да ги разурне своите односи со Руската Федерација. Србија е слободна и независна држава, таа е на европскиот пат, но не воведе и нема да воведе санкции против Русија, истакна српскиот премиер.

Вучиќ нагласи дека србите имаат историски, културни и религиозни врски со Русите.

Српскиот премиер истакна дека очекува со рускиот претседател да разговара за конкретни прашања за соработка во економската сфера.

Вучиќ потсети дека ослободувањето на Белград се случило благодарение на големата поддршка на Црвената армија.

– Овој настан е една од нашите најважни историски победи, додаде тој.

Рускиот претседател треба да слета околу 10 часот по што ќе присуствува на воената парада на која по повод ослободувањето на Белград ќе продефилираат 4000 војници а ке учествува и познатата руска група ловци за акробатско пилотирање “Стрижи”.

Српските медиуми доцна синока објавија дека Вучиќ разговарал со американскиот потпретседател Бајден кој рекол дека целосно ја подржува евроатлантската интеграција на Србија.


Голем пожар во депонијата „Мегленци“

Голем пожар од вчера гори на депонијата „Мегленци“ во Новаци. Од општина Битола информираат дека пожарот од утрово е ставен под контрола и дека на терен се сите надлежни институции.

„По пријавата на вработените дека во депонијата ‘Мегленци’ има пожар, екипи на ЈП ‘Комуналец’ веднаш реагирале на терен за да се спречи натамошното ширење и да се локализира пожарот. За таа цел веднаш биле известени сите надлежни институции, а биле повикани на помош и екипи од РЕК ‘Битола’ и општина новаци, на чија територија се наоѓа депонијата“, велат од општината.

Поради топлото време, пожарот зафатил големи површини и се проширил во вечерните часови, но тој веќе е ставен под контрола. Случајот е пријавен и во СВР Битола, но засега не се знае кои се причините за опожарувањето на депонијата.

„Жаба“ на Јукиќ најдобар филм, „Златна арена“ и за режија

 На годинашниот 65. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ освои „Златна арена“ за најдобар филм и „Златна арена“ за режија.

Филмот  ја доби и главната награда од Федерацијата на филмсклите критичари на Европа и Медитеранот - ФЕДОРА.

Фестивалот на „Жаба“ и го додели и признанието за Најдобра малцинска копродукција.

„Жаба“ зборува за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнување среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта.

Сценариото го напишаа Пјер Жалица и Елмир Јукуќ, а базира на истоимената театарска претстава по текст на Дубравко Михановиќ.  Кинематографер на филмот е Дејан Димески, а снимател на звук  е Игор Поповски. Улогите ги толкуваат: Емир Хаџихафизбеговиќ, Александар Сексан, Мирсад Тука, Моамер Касумовиќ.

„Жаба“ е копродукција на Рефреш Продукција од БиХ, Скопје Филм Студио, Пропелер Филм Хрватска и Ливинг Пикчрс Србија. Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Претставата е регионален хит и во текот на изминатите десетина години е одиграна над 260 пати. 

Силно невреме во дебарскиот регион

Силно невреме проследено со ветер, обилен дожд, град и електрични празнења го зафати дебарско-реканскиот крај и подрачјето на Жупа.

Градот причини штети на земјоделските производи. Тоа е дополнителна штета од последиците на претходните временски неприлики. Улиците се преполнија со вода, а во одделни места вода навлезе и во подрумските простории.

Од Подрачната единица на Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека штетите дополнително ќе се проценуваат.

Обилните дождови засега предизвикаа само помали одрони на камен и земја на патните правци кон Струга и кон Маврово. Екипи на дебарската секција на „Македонија пат“ се на терен во расчистување на истите.

Од секцијата препорачуваат внимателно возење посебно на делницата Дебар-Трница, што е дел од патниот правец Дебар-Маврово и почитување на сообраќајните прописи и патната сигнализација. 

притисни ентер