Американец сакал да влезе во домот на Сандра Булок

Тој е уапсен по пријава на Булок.

Претставничката на полицијата на Лос Анџелс, Нуриа Ванегас изјави дека полициската екипа била испратена во раните утрински часови на адреса на актерката, откако пријавила дека некој се обидува да влезе во нејзината куќа.

Полицијата на самото место го уапсила 39-годишниот Џошу Корбета.

Агентот на Сандра Булок ја потврди информацијата и потврди дека актерката е добра и не е повредена./МИА


Џиновски глечер испушти милиони тони слатка вода во океанот

Огромната санта мраз била двојно поголема од Луксембург кога се одвоила од ледената покривка Ларсен, која се загреала побрзо од кој било друг дел на најјужниот континент на Земјата.

Џиновски глечер, кој се одвои од Антарктикот во 2017 година, со топење испушти околу 61 милион олимписки базени слатка вода во океанот што покрена прашања за тоа како ова ќе влијае врз морскиот екосистем, се наведува во извештај објавен во текот на вчерашниот ден.

Огромната санта мраз била двојно поголема од Луксембург кога се одвоила од ледената покривка Ларсен, која се загреала побрзо од кој било друг дел на најјужниот континент на Земјата.

Според British Antarctic Survey (BAS), со површина од 5.719 километри квадратни, тој бил најголемиот глечер на Земјата кога се формирал и шести по големина забележан досега.

Две години, „џинот" тежок 1 трилион тони, познат како А-68, плуташе во студените води на Веделското Море пред да отпатува на север и да му се закани на британскиот остров Јужна Џорџија, на околу 4.000 километри од неговата почетна точка.

Глечерот, наречен А-68а, по откинувањето на парчето, се приближил до островот кон крајот на 2020 година, предизвикувајќи стравувања дека ќе се заглави на морското дно, блокирајќи ги океанските струи и попречувајќи го минувањето на илјадници пингвини и фоки.

Сепак, според новата студија, глечерот иако накратко го допрел морското дно, брзо се стопил во потоплиот регион околу Јужна Џорџија и изгубил значајна количина од својата маса додека да стигне до поплитките води.

Научниците кои го следеа неговото патување преку сателит пресметаа дека А-68 испуштил вкупно 152 милијарди тони слатка вода богата со хранливи материи во морето помеѓу крајот на 2020 година и неговото топење во 2021 година.

Тоа е колку 20 пати поголема количина вода од таа во Лох Нес, Шкотска, односно 61 милион олимписки базени, соопшти БАС. Во соопштението се додава дека тоа е „нарушување кое би можело да има длабоко влијание на морскиот екосистем на островот".

– Тоа е огромна количина растворена вода, изјави Ен Бракман – Фолгман, научник во Центарот за поларни набљудувања и моделирање (CPOM), која го водела истражувањето објавено во весникот Remote Sensing of Environment.

Таа додава дека следно што сакаат да го утврдат е тоа дали имало позитивно или негативно влијание на екосистемот околу Јужна Џорџија

ОЈО: Увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во Карпош

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, во која животот го загуби едно лице, а уште едно беше повредено.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил „Цитроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди, оштетената починала на лице место, додека другиот пешак е повреден и пренесен во болница.

По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, а нареди и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот со цел да се утврди дали тој управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции.

Издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата. Се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување.​​

Десетина сантиметри снежна покривка во Крива Паланка

Во Крива Паланка ноќеска и утрово паднаа околу десетина сантиметри снег, а висината на снежната покривка на повисоките места е околу триесетина сантиметри.

Утрово до 10:30 часот имаше забрана за сообраќај на тешки товарни возила на магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка кон граничниот премин Деве Баир поради врнежите, но веќе е отстранета.

Екипите на јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка задолжени за расчистување на снегот во централното градско подрачје се на терен и се чистат паралелно, и тротоарите и улиците во градот, како и локалните патишта.

-Уште во текот на ноќта и утрово фрлени се сол и ризла на локалните патишта, на главната улица, а денеска се расчистуваат и локалните правци кон руралните средини. На тротоарите и останатите пристапни површини се расчистува и механички. Се работи на улиците од прв приоритет, но ќе се пристапи во текот на денот и кон расчистување на останатите улици и повисоките места, изјави директорот на ЈП Комуналец, Крива Паланка, Миле Марковски.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека возилата се на терен кон регионалните патишта кон република Србија, селата Огут и Голеш, а за село Герман ќе биде испратено посебно теренско возило за чистење.

притисни ентер