Куќата на Талеви во Охрид чека на реновирање

Куќата на Талеви како една од најстарите куќи во центарот на Охрид се уште не е на списокот за реновирање. Сопствениците велат дека уште пред три години добиле писмо од Министерството, но се уште нивната куќа останува руинирана.
Куќата на Талеви од Охрид чека реконструкција. Станува збор за една од најстарите куќи во стариот дел на Охрид, во месноста Месокастро.

Вреден и редок примерок на староградската архитектура, изградена во 19 век, а заштитена како споменик во 1951 година.

Сопствениците, емотивно врзани за спомените и детството бараат државата побрзо да ја реставрира куќата.

- Ако може бидејќи не сме во можност немаме финансиски средства ако може да го исполнат тоа што ни го предложиле дека ќе ни ја реставрираат куќата, вели Соња Кипаризоска сопственик на куќата.

- Јас секако овде живеам немам друго место каде да одам, немам стан. Тука ќе сум до кра,ј мора да се реши тоа прашање. Писмо уште пред три години добивме за реновирање, но не знам зошто се уште не се почнати, вели Славчо Талев сопственик на куќата.

Во стар охридски стил куќата на Талеви е вистинска атракција, посебно за туристите. Инаку лани Министерството за култура и охридскиот завод реконструираа три куќи во стариот дел на Охрид. Куќите на Ајри Доко, Митрески и Бојаџиеви.



Коловозите суви, на граничните премини нема задржувања

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. 

Интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. /МИА

В петок возилата на јавниот превоз по неделен возен ред

По повод претстојните велигденски празници, в петок, 26 април, возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред.

По повод претстојните велигденски празници, в петок, 26 април, возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред, со исклучок на автобусите на линиите 11, 11А, 18 А, 32, 47А, 51, 55, 55В, 56, 56А, 64А, 65А, 70, 74, 80А, 81, 118, 160, 180, што ќе возат по делничен возен ред.

Во сабота 27 април, недела 28 април, и понеделник 29 април, автобусите на сите линии ќе сообраќаат по неделен возен ред, соопшти ЈСП.

Автобусите по неделен возен ред ќе сообраќаат и во среда на 1 Мај-Меѓународниот ден на трудот.

Жичарницата на Водно ќе работи вообичаено сите празнични денови од 10 до 18 часот, а автобусите што сообраќаат до Средно Водно 25 (Транспортен центар-Средно Водно), 25А (Автомакедонија-Средно Водно) и 25Б (Дом на печат-Средно Водно) в понеделник, 29 април, ќе возат по неделен возен ред.

Жичарницата во вторник, 30 април, нема да работи. /МИА

Во МАНУ предавање на Луис од Оксфорд, за примената на информатички алгоритми

Примената на информатичките алгоритми за да се појасни ефикасноста на длабокото учење, е темата на денешното предавање на професорот Ард Луис од Универзитетот Оксфорд.

Примената на информатичките алгоритми за да се појасни ефикасноста на длабокото учење, е темата на денешното предавање на професорот Ард Луис од Универзитетот Оксфорд, во организација на Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии при Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ.

Професорот Луис предава теоретска физика на Универзитетот во Оксфорд. Неговата истражувачка група работи интердисциплинарни истражувања, на границата меѓу теоретска физика и хемија, применета математика и биологија.

Заедно со неговата истражувачка група, работат во полето на комплексно однесување што се појавува како резултат на интеракција меѓу различни објекти. Специфични области кои се од интерес вклучуваат биолошки системи како на пример различни проблеми поврзани со ширење на вирус, наноструктура на ДНК, еволуција на генетски мрежи.

Едно од неговите хобиа е молекуларна гастрономија, која е применета наука во уметноста на готвењето. Неговиот Erdos-Bacon број е 6. /МИА

притисни ентер