По четврти пат стартува судењето за убиството во Ореше

Само што започна и веднаш се одложи повтореното судење за платеното убиство на старецот Лазо Милошевски во селото Ореше.

Во судницата на велешкиот суд одлагањето на главниот претрес го побараа адвокатите на обинетиот нарачател на убиството Ѓоре Петровски и на обвинетите извршители на убиството Ордан и Љупчо Ѓоргиевски.

Бранителот на браќата Ѓоргиевски побара изземање на судиите Тања Милева и Габриела Гајдова поради тоа што тие претходно биле дел од кривичен совет кој им го продолжувал притворот на обвинетите.

И покрај мислењето на јавниот обвинител Славица Темелковски дека станува збор за одолговлекување на процесот Милева го одложи главниот претрес за први април, годинава. Таа му даде три дена рок на бранителот Давидовиќ да ги достави писменото барање за изземање и доказите по кој потоа ќе треба да се произнесе претседателот на судот во Велес.

Инаку, на прво и второ обвинетите во овој предмет велешкиот суд им суди по четврти пат. Претходно два пати ги осуди на казни затвор со по 12 години браќата Ѓоргиевски а третиот пат ги ослободи. Судии поврзани со овој предмет и обвинител се осудени на затворски казни поради серија пропусти во претходната постапка. Четвртиот обид да суди во случајот Ореше почна пред комплетно нов судски совет.

АКТО фестивал за современи уметности во Кочани

Со изработка на мурал на фасадата на ЈП „Водостопанство" во Кочани продолжува програмата на петнаесетото издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат".

Според организаторот на АКТО фестивалот, идејата за изработка на мурал во Кочани е во правец на соработка и активирање на локалната средина во продукција на културни настани за заедницата, а пораката „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот" е со цел да се потенцира важноста на солидарноста во актуелните услови на здравствената криза.

– Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци, туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно, истакна Филип Јовановски од АКТО фестивалот.

Автор на муралот е уметникот Ненад Тонкин, а реализацијата е во партнерство со Општина Кочани.

Муралот во Кочани е дел од серијата кои деновиве се изработуваат на површина од 600 квадратни метри во уште шест други градови: Битола, Прилеп, Велес, Штип, Гевгелија и во населбата Ченто во Скопје. /МИА

Трагично почина 27- годишниот внук на Елвис Присли

Внукот на Елвис Присли и синот на Лиза Мари Присли, Бенџамин Кеу (27) трагично почина. Според полицискиот извештај, тој се самоубил.

Неговото тело било пронајден во неговиот дом во Калабасас во неделата вечерта.

"Нејзиното срце е целосно скршено и таа е неутешна, но се обидува да биде силна за нејзините 11-годишни близнаци и најстарата ќерка Рајли. Таа го обожаваше тоа момче. Тој беше љубов во нејзиниот живот", изјави менаџерот на Лиса Мари за медиумите.

Таа го доби Бенџамин во врската со музичарот Дени Кеу. Претходно зборуваше за сличностите помеѓу нејзиниот син и Елвис, нарекувајќи ја неверојатна.

"Бен многу личи на Елвис. Секој сакаше да фотографира со него бидејќи сличноста е неверојатна. Понекогаш се чувствувам презаситено со емоции кога го гледам", рече таа.

Mama Lion with cubs ❤️🖤💚💙🦁🥰

A post shared by Lisa Marie Presley (@lisampresley) on

Полицијата известила дека биле повикани на местото на настанот во 18:30 часот по локално време.

„По пристигнувањето, полицијата ја пронајде жртвата со рана во горниот дел од торзото. Жртвата беше прогласена за мртва на местото на настанот“, објави полицијата.

Бенџамин живеел далеку од очите на јавноста и многу малку се знае за неговиот живот.

Медиумите во 2009 година напишаа дека тој потпишал договор од 5 милиони долари со Универзал, а потоа објавиле дека неговата музика нема да личи на онаа на неговиот дедо. Но, извршниот директор на Универзал, Питер ЛоФраменто, изјавил дека тоа не е точно.

Бабата на Бенџамин, Присила се омажи за Елвис во 1967 година и тие се разведоа шест години подоцна. Елвис почина во 1977 година на 43-годишна возраст.

Нивната единствена ќерка Лиза Мари се омажила за Кеу во 1988 година со кого имала две деца, Бенџамин и Рајли, денес успешен актер. Дваесет дена по разводот од Кеу, Лиза Мари се омажи за Мајкл Џексон со кого беше во брак две години.

Нејзиниот трет брак со Николас Кејџ во 2002 година траеше само два месеци. Четири години подоцна се омажи за Мајкл Локвуд со кого ги има близнаците Финли и Харпер. Тие се разведоа во 2016 година и сè уште се наоѓаат во валкана битка за старателство над нивните ќерки.

Најголем број од Ирците сакаат да работат од дома и по пандемијата

Повеќе од 80 проценти од вработените во Ирска сакаат да продолжат да работат од дома барем дел од неделата откако животот ќе се врати во нормала по пандемија на коронавирус, покажало истражувањето објавено денеска.

Како и многу работници во Европа, Ирците беа принудени да работат од дома во март кога беше прогласена пандемија на коронавирус и земјата се затвори.

Препораката на владата и натаму е да продолжат да работат од дома каде што е можно, бидејќи земјата се подготвува да ги укине и последните ограничувања.

24 проценти од нив сакаат да продолжат да работат од дома два до три дена неделно откако животот ќе се врати во нормала, според истражувањето на AIB/Amarach на 1.000 возрасни испитаници во текот на изминатите четири недели.

Оние што сакаат да работат еден до два дена од дома, а остатокот од неделата во канцеларија е 20 проценти. Исто така, 20 проценти од нив сакаат да продолжат да работат три до четири дена од дома, а 14 проценти од испитаниците рекле дека би отишле во канцеларија во текот на неделата само во случај на потреба.

Останатите 15 проценти претпочитаат да се вратат во канцеларија. Новата ирска влада вети дека ќе преземе мерки за трајно зголемување на бројот на оние мкои работат од дома, вклучително и даночни олеснувања за нив.

Притоа, се обидуваат да промовираат подобар баланс помеѓу работата и животот, поголемо учество на жените, поголем регионален баланс и да одговори на климатските промени со намалување на патувањата до работните места.

притисни ентер