Момче повредено во Скопје, големи кражби во Гевгелија и во тетовско

18-годишен тинејџер, случаен минувач е ранет со пиштол во центарот на Скопје.

 Момчето еден час по полноќ завршило на Ургентен центар со куршум во нога само затоа што поминувало во близина на место на инцидент каде што се судриле две групи младинци. Пиштолот е употребен во непосредна близина на плоштадот Македонија кај барот Тренд.

Таму на скопскиот плочник се затепале две спротивставени групи, еден од насилниците извадил пиштол и испукал куршум кој по рикошет од земја го погодил 18-годишното момче. Двете групи се разбегале. За време на увидот кој сега наместо со истражен судија го врши обвинител најдени се две чаури.  Полицијата нема информации за идентитетот на тепачите туку соопшти дека превзема мерки за расчистување на случајот.

И додека во Скопје летаа куршуми кон случајни минувачи полицајците регистрираа уште големи кражби. Интересна е пријавата во Гевгелија каде 36-годишен струмичанец се пожалил во тамошната полиција дека некој му украл 45 илјади евра. Кражбата според оштетениот се одиграла прексиноќа во кафеана во Гевгелија, таму тој седел речиси 6 часа, а потоа видел дека во внатрешниот џеб на јакната му ги нема парите. Нема објаснување од каде ограбениот носел толкава сума пари и зошто седел во кафеана со 90 банкноти од по 500-тини евра.

Тешка кражба е регистрирана и во куќа во гостиварско Форино каде непознат крадец преку подрум влегол во домот на 50-годишен маж и по пребарувањето на собите украл златен накит вреден 32 илјади евра како и нешто над 4 илјади евра во кеш. Познавачите и натаму апелираат граѓаните вредните предмети да ги чуваат во банкарски сефови, а парите на сметки за да не станат жртви на се похрабрите разбојници.
притисни ентер