Кинотеката го претстави ДВД-то со опусот на браќата Манаки

Кинотеката на Македонија денеска со презентација на ДВД-изданието со реставрираните и дигитализирани филмови на браќата Јанаки и Милтон Манаки го одбележа Светскиот ден на аудиовизуелното наследство - 27 Октомври, а на самиот ден, в недела, ќе органиизра ексклузивна проекција на целокупниот опус на првите сниматели на Балканот.

ДВД-то ги содржи 42-та филма кои браќата ги снимале со својата „Камера 300“ од првите години на 20 век и кои Милтон му ги предал на Архивот во 1963. Целокупното нивно творештво беше реставрирано во 2012/2013 година во филмска лабораторија во Будимпешта, а потоа објавено на ДВД.

Филмологот Игор Старделов на презентацијата рече дека реставрацијата била макотрпен процес кој траел 8-9 месеци при што, освен технички новини, екипата имала и морална дилема колку може и смее да го поправа филмскиот материјал стар повеќе од еден век. - Добивме задоволителен производ од кој сум горд, истакна Старделов.

Во ДВД-то се содржани првите снимки на Манаки - од баба им, 114-годишната Деспина, која преде во родното село Авдела, и снимки на кои нивната камера регистрирала важни историски настани: посетата на турскиот султан Мехмед Петти Решад; посета на романска делегација; принцот Александар Караѓорѓевиќ во Битола; погреб на митрополитот Емилијанос од Гревена; празнување на Водици во Бер и во Битола и многу филмови за свадби и обичаи...

Покрај филмовите, ДВД-то има и дел Додатоци, во кој се внесени: биографија на Манаки, филмографија, избор од написи за браќата, аудио и видеозаписи (тука е објавено интервју на Милтон Манаки за Радио Скопје во 1963 година, неколку месеци пред неговата смрт, како и погребот на Милтон во Битола кој го снимил „Вардар-филм“), потоа има фотогалерија со избор од 30-ина фотографии што ги направиле Манаки, а на крајот има шестминутен материјал - споредба на филмовите пред и по реставрацијата.

Директорката на Кинотеката Мими Ѓоргоска-Илиевска во име на целиот колектив и врачи Повелба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевсказа за исклучителен придонес и континуирани заложби во развојот и дејноста на заштитата на аудиовизуелните добра.

- Благодарение на поддршката на Министерството за култура, пред се на министерката Елизабета Канческа-Милевска, дигитализацијата на македонската филмска продукција ќе продолжи да се реализира како долгорочен проект, со што ќе се обезбеди полесен пристап за корисниците, а воедно и зачувување на овој вид наследство, рече Ѓоргоска-Иливеска.

Заблагодарувајќи се за признанието, Канческа-Милевска рече тоа е потврда дека Владата и Министерството за култура со овој проект се на вистински пат во зачувувањето на богатото аудиовизуелно наследство кое, како што рече, е национална гордост.

- Ова признание е и голема обврска за нас и во иднина да продолжиме со нашите инвестиции во оваа дејност и со нашите заложби да ги презентираме вредните фондови на македонските подвижни слики пред европската и светската јавност, рече министерката за култура. Таа потсети на преземените активности - донесениот посебен закон за заштита на аудиовизуелните добра и проектот за опремување депоа со современи услови за чување на кинотечното наследство, во просторот на Хавзи-пашините конаци - споменик на културата во скопско Бардовци.

Рече и дека покрај опусот на Манаки и филмовите на режисерот Столе Попов, кои досега се реставрирани и дигитализирани, процесот ќе продолжи и за творештвото на други македонски автори.

Проекцијата на филмовите на Манаки во Кинотеката в недела, од 20 часот, ќе биде придружена со музика која во живо ќе ја изведат Благој и Бојан Маротови, авторите на музиката за ДВД-изданието.

ДВД-то беше промовирано во септември во Битола, во рамки на 34. ИФФК „Браќа Манаки“, а неодамна беше претставено и на 50-тиот фестивал „Златен портикал“ во Анталија. Со филмовите на првите сниматели на Балканот, идната година во Париз ќе биде отворен Фестивалот на Југоисточна Европа.

На денешното одбележување на Светскиот ден на аудиовизеулното наследство во Кинотеката беше прочитана пораката за 2013 година од генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, со мото „Да се спаси нашето наследство за идните генерации“.

Во оваа пригода на Кинотеката и беше подарен и редок предмет - мал проектор стар повеќе од еден век, каков што во минатото имале некои домаќинства за приватни проекции. Подарокот го донираше Јулија Пендевска и тој ќе биде експонат во музејската поставка на Кинотеката.

Единствената институција во Македонија за зачувување, собирање и афирмирање на филмското наследство во 2014 година ќе биде домаќин на 70. Светски конгрес на Меѓународната федерација на филмски архиви (ФИАФ), во која членува од 1991 година.

ЛДП организира „Pet Friendly“ ден во канцеларијата „Либерално ќоше“

„Pet Friendly“ ден за дружење, разговори и идеи на граѓаните со претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова, ќе се одржи денеска во новоотворената канцеларија на ЛДП „Либерално ќоше“ во срцето на Скопје.

- Водејќи се од нашата совесност, свесност и одговорност, покренавме иницијатива за носење на нов закон за благосостојба на животните. Милениците, се семејство, не потрошен предмет и затоа секој сопственик кој го остава својот миленик на улица треба да сноси одговорност и да се обезбеди регулиран систем на одговорно одгледување и размножување. Воедно да се обезбедат соодветни услови за бездомните кучиња и мачки и при тоа да ги заштити граѓаните од несакани повреди, е пораката на Зајкова, стои во соопштението од партијата.

Граѓаните се добредојдени на петочното дружење заедно со своите миленици, а своите идеи и предлози, се додава, може да ги споделат и во писмена форма.

На полето на заштита на животните, ЛДП до Собранието поднесе и предлог за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, којшто ќе воведе построги мерки против оставање животни на улица, поодговорно сопствеништво и ќе ги подобри нивните услови, стои во соопштението.

Во Собранието седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Амандманот 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, е со важност до 07 јуни 2024 година.

Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за одбрана и безбедност, на која се очекува да се дискутира за Информација за потребата на доделување на Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави.

Како што стои во образложението објавано на собраниската веб страна за Информацијата потпишана од министерката за одбрана Славјанка Петровска, Амандманот 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, е со важност до 07 јуни 2024 година.

-Врз основа на член 8 став 5 од Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста и член 13 од Уредбата за начинот на доделување на договори со влади на странски држави и Извадокот од Нацрт-записникот од 12-та седница на Владата на Република Македонија, одржана на 26 март 2024 година, со број 41-3655/2 од 26 март 202 година, предметниот материјал има за цел да ја информира Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија за потребата на доделување на Амандман број 5 Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, се вели во Информацијата.

Имено, Министерството за одбрана на Република Македонија со Стратегиски одбранбен преглед ги согледа потребите за реформа на одбранбениот сектор за негова интеграција во НАТО. Со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности се трасира патот на реформите во одбрана и дава рамка за модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија за постигнување на целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО.

-Еден од клучните проекти за опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника е проектот за набавка на лесни оклопни возила на тркала, кој е предвиден да се реализира во периодот 2019-2027 година. Со Извадок од Нацрт-записникот од Деведесеттата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 25.09.2018 година, донесен е заклучок со кој се задолжува Министерството за одбрана во соработка со Канцеларијата за одбранбена соработка на САД, да ги искористи можностите кои ги нуди Програмата за набавка на нова и современа опрема со западни платформи ERIP (European Recapitalization Incentive Program), потребна з аопремување на декларираните сили, посебно за лесната пешадиска баталјонска група, стои во Информацијата.

Во Информацијата се посочува дека со Извадок од Нацрт-записникот од Сто и седумдесет и втората седница на Владата на Република Македонија, одржана на 24 декември 2019 година, Владата донесе заклучок се го прифати Договорот со владата на САД за набавка на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата на Република Северна Македонија согласно Писмото за понуда на прифаќање на понудата (Letter of Offer and Acceptance-LOA0 FMS Case MK-B-UCC од 12 декември 2019 година.

-Целокупниот проект се однесува за набавка на 96 лесни оклопни возила JLTV од производителот OSHKOSH. Во периодот од 2019 година заклучно со 2023 година, во однос на предметната набавка досега се склучени четири Амандмани кон договорот и вкупно се порачани 71 лесно оклопно возило JLTV. На ден 22 март 2024, од Владата на Соединетите Американски Држави добиен е Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, кој се донесува на набавката на преостанатите 25 лесни оклопни возила, со што ќе се комплетира набавката на овој вид на возила, се вели во Информацијата.

Се посочува дека Управната група во Министерството за одбрана го разгледала Амандманот број 5 и донесе заклучок дека текстот е усогласен помеѓу Канцеларијата за одбранбена соработка од Амбасадата на САД во Република Македонија и Министерството за одбрана, Амандманот 5 е во согласност со писмото за барање за конкретна набавка, претходните одлуки на Програмска и Управна група во Министерството за одбрана за набавка на лесни оклопни возила на трката JLTV, со што се исполнети условите од членот 11 од Уредбата, односно ги содржи елементите утврдени со ФМС процедурите и истото претставува договор за набавка и да продолжи постапката и пред Владата на Република Македонија, со цел негово донесување.

-Со набавката на преостанатите 25 лесни оклопни возила JLTV и со склучувањето на Амандман 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, ќе заврши првата фаза за опремување на Армијата и лесната пешадиска баталјонска група со лесни оклопни возила на тркала JLTV, набавката ќе се изведе поекономично и поефикасно и како краен резултат ќе се реализираат причините поврзани со интероперабилноста на меѓународни операции и мисии, нужните потреби за функционирање на Армијата на Република Македонија во меѓународни операции и мисии, со што сметаме дека се исполнети условите утврдени во член 4 став 1 алинеја 1, 2, 3 и 6 од Уредбата, се посочува во Информацијата.

Состанок на Стопанската комора на Македонија со претставници на СДСМ

Стопанската комора на Македонија денеска ќе одржи работен состанок со претставници на политичката партија СДСМ.

Пред средбата предвидени се изјави за медиумите од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

притисни ентер