Во Тетово одбележан Денот на Македонската револуционерна борба

Со полагање цвеќе пред Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово, здруженија, политички партии и граѓани го одбележаа Денот на Македонската револуционерна борба.

- Без почит на минатото и историјата не можеме да ја градиме сегашноста, ниту да ја проектираме иднината бидејќи тие се неделиви, рече во обраќањето историчарката Оливера Гиченко.

Шестмина херои, истакна, на овој ден во 1893 година во Солун го формираа Македонскиот револуционерен комитет од кого подоцна произлезе Внатрешната македонска револуционерна организација со главна и основна цел, ослободување на Македонија со сопствени сили.

- Овие херои го кренаа вулканот врз кои генерации се калеа како железо и челик. Македонската револуционерна организација е симбол на борбата на нашите претци и водилка на нашата борба за Македонија. Како корен на стебло низ годините растеше и се разгрануваше, ширејќи ја идејата за слобода на својот народ, нагласи Гиченко.

Во чест на паднатите борци за Македонија делегации на чествувањето испратија претставници на Здружението на борци од Тетово, тетовскиот гарнизон на АРМ, општинските комитети на ВМРО – ДПМНЕ и ВМРО – НП, српската заедница, здруженијата на воени и трудови инвалиди, Достоинство, Бедем и здружението Херои на Македонија.
притисни ентер