Нападнат полицаец во струшко

Полициски службеник во Граничната полиција е повреден вчера околу 17 часот при вршење на службената должност во близина на струшкото селото Шум, информира СВР Охрид.


Граничната полициска патрола поставена кај струшкото село Вишни, при контрола констатирала дека во трактор во кој имало две лица од Велешта и едно лице албански државјанин, нелегално се превезуваат шест метри кубни огревно буково дрво односно транспортот се вршел без соодветна доку- ментација. Патролата констатирала дека немало прописно поставен жиг на огревното дрво и оти тракторот сообраќал без регистарски таблици.

- Поради тоа, патролниот тим на граничната полиција со еден полициски службеник во тракторската кабина и полициско возило како придружба го упатил тракторот кон полициската станица во селото Франгово каде требало да се преземат понатамошни мерки. Во близина на селото Заграчани, тракторот бил блокиран од патничко моторно возило марка „Волксфаген-голф“ без регистарски таблици од кое излегле две лица од селото Велешта. Тие упатиле вербални напади и закани кон полицискиот службеник по што едниот од нив го истуркал возачот на тракторот и со возење се упатил кон селото Шум. Во тоа бил спречен од полицискиот службеник кој го запрел тракторот, појасни портапролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Тој додаде оти на местото на инцидентот пристигнале повеќе други лица кои веднаш физички го нападнале полицискиот службеник додека дел од нив го спречиле вториот полициски службеник да преземе службени мерки за одвраќање на нападот. Групата го одзела тракторот и побегнале кон селото Шум.

Според информациите од СВР Охрид, полицискиот тим на граничната полиција приведе едно лице жител на селото Велешта, а во тек се мерки за пронаоѓање на неколку други лица, од кои едно е албански државјанин. Кај нападнатиот припадник на граничната полиција се констатирани лесни повреди на главата, вратот и левото рамо. /MИА
притисни ентер