Министерот Адеми се сретна со извршниот директор на РЕЦ Марта Бониферт

Делегација на Република Македонија предводена од министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, која учествува во работата на глобалниот Самит за вода во Будимпешта, денеска оствари работна средба со Марта Бониферт, извршен директор на Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) со седиште во Унгарија.

На состанокот, како што информира МЖСПП, присуствувале претставници на Амбасадата на Република Македонија во Унгарија, на Министерството и на РЕЦ задолжени за прашања од областа на управувањето со водите.

Министерот Адеми изразил задоволство од долгогодишната успешна соработка меѓу Министерството и РЕЦ на регионално ниво, но и на национално преку соработка со Канцеларијата на РЕЦ во Република Македонија во реализација на национални проекти.

Како успешни заеднички проекти на средбата биле истакнати активностите во образованието за одржлив развој, реализирани преку имплементацијата на Зелениот пакет за образование (Green Pack), финансиран од страна на Владата на Австрија, Зелен пакет јуниор, негово издание наменето за најмладата популација на ученици и посебно специјалното издание наменето за деца со оштетен вид. Министерот Адеми ја истакнал важност на воведување на еколошкото образование во образовниот процес од најмала возраст, како најуспешна алка во процесот на подигањето на свеста за животната средина.

Министерот Адеми информирал за тековните активности на Министерството во оваа област, напредокот во однос на законодавната рамка и нејзината имплементација, со нагласување на напредокот во тековниот процес на воспоставување на тела за управување со речните сливови и изработка на планови за нивно управување.

Од РЕЦ, како што се наведува во соопштението, информирале за искуствата, тековните и планирани проекти во оваа област. Се дискутирало и за можностите за соработка, особено поддршка во иницирање и реализација на проекти од областа на управување со водите во прекуграничен контекст, како што е проектот за реката Лепенец, кој е приоритет во рамки на билатералната соработка во областа на животната средина меѓу Република Македонија и Косово, зајакнување на капацитетите на инспекциските служби во оваа област, како и важноста на реализација на проекти со регионална димензија.

Триесет лица со Ковид-19 и во изолација ќе гласаат на 13 јули во Штип

Триесет лица кои се заразени со коронавирусот, но и лица кои се во изолација се пријавиле да гласаат на 13 јули, информира денеска претседателката на Општинската изборна комисија Штип, Сенка Андреева.

Во моментов во Штип има над 160 активни случаи на Ковид-19 и 258 лица се во изолација. Поголем е бројот на пријавени за гласање на 14 јули. До ОИК пристигнале 214 барања за остварување на правото на глас од страна на болните и изнемоштени лица, кои гласаат во истиот ден со осудениците од штипскиот затвор.

Андреева истакна дека се интензивни подготовките за спроведување на предвремените парламентарни избори.

Пристигнат е недоверливиот материјал, како што се гласачки кутии, паравани и заштитна опрема, а доверливиот материјал го чекаат во недела. Во Штип од 77 избирачки места вкупно 14 ќе ја менат локацијата, поради незадоволување на здравствените протоколи.

Гласачите на овие избирачки места се веќе информирани преку медиумите и на таблата на ОИК-Штип.

Стојаноска: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува денар за спортот и денар за културата од акцизите за горива

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува денар за спортот и денар за културата, што ќе значи сериозна придобивка за овие две гранки.

Дафина Стојаноска носителката на листата за изборна единица 6, во рамки на предизборните активности во Гостивар најави дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе започне со реализација проекти важни за културата и културното наследство.

Таа од пред Националната установа Центар за култура АСНОМ во Гостивар потенцира дека културата е многу значаен фактор за идентитетот и развојот на секоја држава.

– ВМРО-ДПМНЕ во програмата „Обнова" има посветено доста труд и време токму за културата. Наши културни приоритети се: културниот идентитет, културното наследство, уметничкото наследство, работници во културата, културните и креативни индустрии, меѓународната културна соработка и инфраструктурата за наредните десет години, рече Стојаноска.

Таа ги критикува СДС за покачувањето на акцизите за нафта и нафтени деривати, кои како што напомена се случило во два наврати за време на нивниот тригодишен мандат.

– Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува денар за спортот и денар за културата, што ќе значи сериозна придобивка за овие две гранки, кои и тоа како се битни за обнова на Македонија. На 15-ти јули заокружете го бројот 14, за да имаме повеќе за секого, но и повеќе за културата во Македонија, истакна Стојаноска.

Во текот на денот, Дафина Стојаноска ќе оствари средби со угостители од Гостивар, членките на унијата на жени, а во вечерните часови ќе има средби со граѓани во населбата Дутлок.

Бесконтактното плаќање со „Виза" во земјава зголемено за 113 проценти

Истражувањето е спроведено во текот на мај, на примероци од по 500 корисници на картички во земјите од регионот, во старосна граница од 18 до 55 години.

Користењето на бесконтактниот начин на плаќање со Виза картичките во земјава порасна за 113 проценти во однос на март минатата година, а 86 проценти од граѓаните се подготвени да користат бесконтактни трансакции, покажува првото регионално истражување на компанијата „Виза" во рамки на кампањата „Во чекор со дигиталната иднина".

Истражувањето е спроведено во текот на мај, на примероци од по 500 корисници на картички во земјите од регионот, во старосна граница од 18 до 55 години.

Според податоците секој четврти граѓанин на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес редовно користи бесконтактни картички, но лидер во регионот по употреба на бесконтактна технологија е Македонија, каде што дури 68 проценти од испитаниците го користат овој метод при плаќање.

Од друга страна, Албанија бележи најниска употреба – дури еден од 10 потрошувачи плаќа на овој начин, но купувачите во оваа земја се мотивирани да се запознаат подобро со оваа технологија и да ги користат нејзините придобивки.

Како главни предности на употребата на бесконтактни картички се истакнуваат брзината (65 проценти од корисниците го навеле ова како бенефит), едноставност за ракување (65 проценти) и практичност (65 проценти).

Околу 38 проценти од купувачите кои не користат бесконтактни картички, како причина го наведуваат тоа што банката не им понудила таква можност, додека девет проценти истакнуваат дека не знаат дека постои таква опција во државава, или пак се загрижени за безбедноста во текот на користењето – 18 проценти. Шест проценти од корисниците признале дека не се сигурни како се употребуваат бесконтактните картички.

Во исто време, скоро секој петти потрошувач во нашата држава користи мобилен телефон за бесконтактно плаќање, додека 77 проценти се запознаени со опцијата „мобилен паричник". Околу 68 проценти од корисниците изразиле желба во иднина да плаќаат преку апликација на мобилните телефони, додека 30 проценти се воодушевени од таквата можност. Мнозинството од испитаниците ја истакнале практичноста како позитивна околност на ваквиот вид на бесконтактна трансакција и тоа што „благодарејќи на оваа опција можат да ги остават картичките и готовината дома". Една петтина од испитаниците сметаат дека овој вид на плаќање е забавен и интересен бидејќи сакаат да бидат во тренд со остатокот од светот. Како главни недостатоци на мобилниот паричник наведени се безбедноста и ограниченоста на бројот на места каде таков вид на плаќање е овозможено.

Виза неодамна во сите земји од Југоисточна Европа го зголеми максималниот износ за бесконтните трансакции за кои не е неопходен внес на ПИН код. Во земјава, тој лимит е зголемен на 2.500 денари./МИА.

притисни ентер