Сепак не било се природно – Мерлин Монро имала естетски хируршки интервенции

Лекарската документација за американската актерка Мерлин Монро која сугерира дека холивудската ѕвезда имала естетски хируршки зафати ќе биде понудена на продажба следниот месец заедно со уште неколку рендгенски снимки.

Шест рендгенски снимки и лекарски белешки кои датираат од периодот меѓу 1950 и 1962 година би можеле да достигнат цена од 15 до 30 илјади долари на аукција што на 9 и 10 ноември ќе ја организира аукциската куќа Џулијен, од Беверли Хилс, Калифорнија.

Белешките од естетскиот хирург Мајкл Гурдин по се изгледа ги потврдуваат шпекулациите дека актерката која беше олицетворение на убавината и на гламурот за време на златното време на Холивуд била подложена на естетски зафати.

„Секогаш се шпекулираше, дали е оперирана или не“, вели извршниот директор на Џулијен, Мартин Нолан.

Продавачот кој е анонимен, белешките ги добил како подарок од Гурдин. Белешките вклучуваат и записи од 1950 година за вметната рскавица во брадата на Монро која почнала да се распаѓа.

Подоцна со рендген снимки е увидено дека можеби станува збор за минијатурна фрактура.
притисни ентер