Украдени над 50 вредни икони од црквата во село Гопеш

Организирана група разбојници ја осквернавија црквата „Свето Преображение“ во битолското село Гопеш и однесоа над 50 вредни икони, од кои поголем дел се изработени од сликарот Јосиф Радев, ученик на познатиот Дичо Зограф.
Увид на лице место денеска извршија од битолскиот Завод и Музеј евидентирајќи дека е направена огромна штета.

,, Најмалку педесетина икони недостасуваат. Иконите се од последната четвртина на 19 век. Поголемиот дел се дела на Јосиф Радев, ученик на Дичо Зограф, прославениот наш сликар од 19 век.-вели Ристо Палигора, историчар на уметност.

Крадците провалиле од задната страна на црквата каде скршиле прозорец, а потоа веројатно со метална шипка ги скршиле и алките на синџирот кој ја обезбедувал внатрешната врата.

,, Влегле внатре. Направено е од грпа најмалку од три лица зашто иконостасот е висок преку  5 метри. Некој требало да ги вади иконите, да ги спушта долу. Шест парчиња оставија дали немале време или биле пресечени во акцијата.,,- вели Горан Наумовски од Црковниот одбор.

Во селото има само десттина постојани жители кои велат дека не се чувствуваат безбедно. Покрај честите кражби во црквата разбојници влегувале и во приватни куќи.

Полицијата трага по крадците, а од битолскиот музеј нагласуваат дека располагаат со фотографии од сите икони кои треба да послужат истите да бидат побрзо најдени.

Инаку, црквата датира од 1871 година.

Министерот Спасовски во посета на ГП Јажинце, СВР Тетово и општина Брвеница

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги посети Граничниот премин Јажинце и Секторот за внатрешни работи Тетово, а оствари и работна средба со градоначалникот на општина Брвеница Енвер Пајазити, како и со граѓани од оваа општина.

На средбата со колегите во Полициската станица за гранични работи Јажинце и во СВР Тетово министерот Спасовски се запознал со актуелните состојби од разни области во надлежност на овие организациони единици при МВР, за обемот и квалитетот на работа, но и за постигнувањата и очекуваните резултати.

Спасовски, како што иформираат од МВР, на средбите бил запознаен дека ГП Јажинце месечно го минуваат меѓу 5.000 до 7.000 домашни и странски патници, а годинава таа бројка, заклучно со октомври, изнесува вкупно 577.856 лица кои го минале овој граничен премин, што говори за релативно зголемен проток на луѓе и стоки надвор и во нашата држава.

Во разговор со надлежните во СВР Тетово, на министерот Спасовски му биле презентирани и состојбите во разните области од криминалитет на подрачјето на овој Сектор за внатрешни работи. Притоа, особено било нагласено дека процентот на откривање на кривичните дела изнесува 71 во однос на вкупниот број евидентирани кривични дела, за период од почетокот на оваа година,  заклучно со крајот на месец октомври, што претставува респектабилна бројка, споредбено со истиот период минатата година. Односно, во вкупно евидентираните 1.564 кривични дела, за 1.070 сторители се поднесени соодветни пријави. Покрај ова, особено бил истакнат падот на кривични дела од областа на класичниот криминал, пред сè кај тешките кражби и кражби, потоа падот на кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје, како и намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи.

Спасовски, информираат од министерството, ги нагласил консинуираните напори што актуелното раководство ги прави, особено во сферата на подобрување на материјално-техничките и социјални услови за работа на полициските службеници, потенцирајќи дека примарно мора да биде професионалното работење согласно законите, што во голема мерка ќе влијае на генералното подигање на стандардите и квалитетот на работата на полицијата.

На средбата, пак, со градоначалникот на општина Брвеница, министерот Спасовски разговарал околу интензивирањето на соработката меѓу локалната власт и полицијата, односно за досегашниот квалитет на таа соработка и мерките што треба да се превземат за нејзино унапредување, со една цел – поголема сигурност и безбедност на сите жители на општината. Во тој контекст, министерот Спасовски и пред претставниците на локалната самоуправа и пред жителите на Брвеница го нагласи значењето на концептот за полицијата како сервис на граѓаните, неговото натамошно развивање, особено во делот на меѓусебна комуникација и заедничка превенција од сите предизвици што се важни за жителите на општина Брвеница./МИА

Боливијците бараат привремен претседател по заминувањето на Моралес

Боливиските пратеници ќе се соберат за и формално да ја прифатат оставката на претседателот Ево Моралес , кој пребега во Мексико , со цел да се распишат нови избори.  

Моралес денеска замина во Мексико со владин авион , каде доби азил од „хуманитарни причини“ и затоа што „му се заканувале по живот и интегритет“, се вели во соопштението на мексиканскиот министер за надворешни работи Марсел Ебрардо.

Поранешниот лидер вчера на својот профил на Твитер објави дека ја напушта земјата, велејќи дека тоа е „од политички причини“, но дека „секогаш ќе ја следи ситуацијата“ и дека „наскоро ќе се врати со поголема моќ и сила“.

Моралес ја објави својата оставка по 13 години владеење за да стави крај на насилните протести што избувнаа откако резултатите од изборите беа оспорени поради наводните бројни нерегуларности. Тој се смета себеси за жртва на државен удар.

Пратениците ќе се состанат за официјално да ја прифатат неговата оставка. Владата на Моралес падна откако Организацијата на американски држави (ОАС) објави извештај за изборните нерегуларности.

Голем дел од неговите заменици и претседателот на парламентот поднесоа оставки , а се очекува привремениот лидер да стане опозицискиот политичар и втор потпретседател на Сенатот, Џeанин Анез. Таа најави дека ќе ја прифати функцијата.

Моралес, 60-годишниот поранешен одгледувач на кока дојде на власт во 2006 година како прв домороден претседател на Боливија. Откако стана претседател, боливиската економија порасна за 4,6 проценти на годишно ниво, двојно поголема од остатокот на Јужна Америка.

Тој ги национализира резервите на природен гас во земјата и вложи пари во социјалните програми што од сиромаштија извлекоа скоро два милиони луѓе, скоро една петтина од вкупното население на Боливија.

Со измени на Уставот во 2009 година го смени името на државата во Мултинационална држава Боливија за да ја одрази различноста на нејзините етнички групи кои со години биле граѓани од втора класа.

Неговиот пад беше на извесен анчин најавен на референдумот во 2016 година, кога  тој побара измени на Уставот за да му се овозможи повторно да се кандидира за претседател оваа година. Боливијците го отфрлија со 51 процент од гласовите референдумот за промена на сутавот , но тој потоа правно го поништи решението.

Царовска: Голем број фирми отворени со грант во 2018 опстојуваат и покажуваат одржливост на пазарот

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во Тетово посети три бизниси кои од 2018 година користат мерки од Оперативниот план за зголемување на вработеноста.

– Финансиска поддршка при вработување на мали компании е основа за развој и затоа преку оперативните мерки државата инвестира во поттикнување на мали бизниси. Само во оваа година 330 лица во Полошко основаа бизниси, а само во Тетово 221. Овој бизнис, пекарата како и другите два, графички дизајнер и фризер се корисници на грант од 2018 и со тоа се покажува дека се одржливи и даваат резултати, рече Царовска.

– Користам грант од 5.000 евра, се вработивме јас и сопругата. Со парите набавивме опрема за работа, кафемат, столици и друг инвентар. На пролет се надевам на уште едно вработување, изјави Нухиу.

Годината што изминува бележи рекордни бројки на искористеност на мерките, велат од Агенцијата за вработување.

– Агенцијата за вработување и оваа 2019 година успешно реализира мерки и политики за вработување, со партнерите од невладиниот сектори и УНДП. Во дел самовработување во 2019 бележиме најголем број апликации и најголем број потпишани договори, а кон граѓаните со тоа се пласирани осум милиони евра за отворање семејни и мали бизниси, изјави директорката на Агенцијата, Билјана Јовановска.

Претставничката на Организацијата на Обединетите Нации за меѓународен развој (УНДП), Сања Бојанчич посочи дека веќе 12 години оваа агенција на светската организација им помага на претприемачите во државата.

– Во нашата работа е убаво кога ќе видите резултати и задоволни лица и реализирање на бизнис во услови кои не се лесни да се работи. Ние даваме поддршка, но нивниот труд  и самодоверба се клучни за успешноста, рече Бојанчич. /MИА

притисни ентер