Промоција на „Сите драми и сонети“ од Шекспир

Во Друштвото на писателите на Македонија утре напладне ќе биде промовирана книгата „Сите драми и сонети” од Вилијам Шекспир. Препевот од англиски е на Драги Михајловски, писател, преведувач и универзитетски професор.

Книгата, во обем од 1650 страници, ја објави издавачката куќа „Каприкорнус” од Скопје и со неа најголемиот писател на англискиот јазик и најеминентниот светски драмски автор Шекспир на македонските читатели им се претставува во интегрален вид со 37 драми и 154 сонети.

Покрај предговорот за творечките особеноси на Шекспир, книгата располага со посебни текстови за секоја драма, како и со прилог за сонетите. Автор на сите текстови е препејувачот проф. д-р Драги Михајловски. /Извор: МИА/

Премиерот Заев очекува пред Берлинскиот процес да се сретне со Борисов за Гоце Делчев

Премиерот Заев чека повратен одговор од бугарскиот колега Борисов за средба посветена на спорот за Гоце Делчев. 

Очекува жешкото прашање да се стави на маса најдоцна до 10-ти ноември, пред одржувањето на Берлинскиот процес, со кој заеднички претседаваат Македонија и Бугарија. Средбата со Борисов, како што најави на прес-конференцијата со новиот евроамбасадор Дејвид Гир, би се одржала во Софија во рамките на неговата прва официјална посета на Бугарија во новиот мандат. Заев уверува дека нема да дозволи причини за нови одлагања на почетокот на преговорите, за што, оптимизам влевале сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат пречка. Прашан кое е неговото лично чувство дали Делчев е Македонец или Бугарин, Заев вели.

-Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер. Низ историските личности треба да гледаме основа за градење на уште поголемо пријателство и соработка помеѓу двете земји и двата народа и оти не е добро како за европската иднина на Балканот, така и за регионот на Југоисточна Европа, историските моменти да се избегнуваат и да се ставаат „под тепих", вели Зоран Заев, претседател на Владата

Наследникот на Жбогар, новиот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир, не сака да навлегува во внатрешната расправата во Брисел околу можноста билатералните спорови да ја креираат преговарачката рамка за Македонија. Очекува да се оствари волјата на Берлин и земјава да ги почне преговорите до крајот на годинава, а потоа како што вели, да ги засукаме ракавите. Како клучни задачи за Македонија ги посочи реформите во владеењето на правото, одржувањето на демократијата, човековите права и добрососедските односи.

-Важно е да се продолжи со реформирање на сите области, особено во сферата на владеењето на правото, кое е еден од клучните кластери во преговорите според новата методологија за проширување, кое треба да биде отворено прво, а затворено последно, изјави Дејвид Гир, евроамбасадор

По бугарскиот условувачки меморандум синоќа позитивна порака пристигна од Брисел, по состанокот на Советот за општи работи. Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот, оцени дека дополнителни услови за Македонија не треба да има.

-Себе си се гледаме како чесни олеснувачи за да изградиме мостови стабилни за сите. Разговараме за прашањата со нашите бугарски партнери, затоа што треба да работиме врз основа на тоа за што сме се договориле заедно, не треба да воведуваме дополнителни критериуми и услови, изјави Михаел Рот, германски државен министер за Европа

Дали контроверзниот меморандум на Софија ќе се протне како услов во преговарачката рамка ќе се знае по 6-ти октомври, кога ќе заврши расправата за документот меѓу земјите членки.

Бектеши – Холштајн: Министерството за економија останува отворено за зајакнување на економската соработка со Германија

Како што соопштуваат од Министерството за економија, на средбата биле истакнати пријателските односи помеѓу двете држави. 

Економската соработка меѓу двете земји, мерките за справување со социо-економската криза предвизикана од коронавирусот како и економските политики на новата Влада за идниот развој на економијата, се дел од темите на кои се разговараше на денешната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е Анке Холштајн.

Како што соопштуваат од Министерството за економија, на средбата биле истакнати пријателските односи помеѓу двете држави.

Министерот Бектеши истакнал дека Министерството за економија и во наредниот период ќе остане отворено за секаков вид на соработка со Сојузна Република Германија. Со амбасадорката Холштајн се согласија дека ќе работат на дополнително унапредување на економските односи помеѓу двете земји.

Амбасадорката Холштајн упатила честитка за изборот на новата Влада, како и за повторниот избор на Бектеши за министер за економија.

– Сојузна Република Германија е наш најзначен трговски партнер од осамостојувањето до денеска, многу германски инвеститори работат со голем успех во нашата земја како резултат на тоа, потенцираше министерот и посочил дека има големи можности за натамошно зајакнување на економската соработка меѓу двете земји во повеќе области и индустрии.

Министерот Бектеши се заблагодарил на поддршката од страна на СР Германија и посочил дека специјалниот советник Валтер Дефа кој го номинираше германската Влада да помогне со реформите во економијата, има интензивна комуникација во крерирање на решенија за понатамошен развој на соработката меѓу двете земји.

Бектеши ги потенцирал приоритетите на Владата во наредниот период коишто се во насока на постигнување забрзан и одржлив економски раст преку зголемување на конкурентноста на македонската економија.

Се заблагодарил за континуираната поддршка од страна на СР Германија за напорите кои ги прави нашата земја во остварувањето на европските аспирации и започнувањето на преговори за членство во ЕУ.

Тој изразил надеж дека првата меѓувладина конференција би можела да се одржи наскоро, за време на претседавањето на СР Германија со Европскиот совет./МИА

Бела ноќ по 16-ти пат в сабота на 10 локации

Со препораки за почитување на мерките против корона вирусот, културната манифестација Бела ноќ, по 16-ти пат, в сабота на 26 септември, ќе се одржи во Скопје.

- Една недела порано од вообичаеното на 10 локации (паркингот пред салата Борис Трајковски, МКЦ, Зеленото пазарче, Ибни Пајко плоштадот, Музејот на современа уметност, Домот на култура Кочо Рацин, Архитектонскиот факултет, Градската библиотека браќа Миладиновци и Даут пашиниот амам), посетителите ќе можат да ги погледнат перформансите, концертите, изложбите и другите културно-уметнички активности, информираат од град Скопје.

Со почитување на мерките и препораките на министерството за здравство и град Скопје за заштита од пандемијата од коронавирусот, настаните од Белата ноќ в сабота ќе започнат од 19:00 часот и ќе траат до 24:00 часот, работното време на локалите нема да биде продолжено после 24:00 часот, нешто што беше вообичаено за минатите бели ноќи.

притисни ентер