Во Куманово конференција за социјално вклучување на млади Роми

Во организација на Националниот ромски центар денеска се одржа конференцијата „Промоција на социјалната инклузија на млади маргинализирани ромски рурални заедници“. Конференцијата е дел од проектот „Патот до социјална инклузија на младите Роми - желби и можности“, што се спроведува во Македонија, Бугарија и Романија.
Претставници од државни, локални институции, невладини организации и стручни лица ги презентираа мерките и начините за борба против социјалното исклучување на младите Роми  во рурални заедници.

Министерот без ресор Неждет Мустафа изјави дека ваквите трибини ги охрабруваат надлежните институции за решавање на децениските проблеми на ромската заедница.

- Ромското прашање е тешко и долгогодишно, но покажуваме позитивни практики особено во образованието на средношколци Роми, кое е на доста задоволително ниво. Уште едно позитивно искуство е потпишувањето Меморнадум за соработка со локалните власти  со што се покажа дека со владини и средства на локалната самоуправа се инвестира во руралните подрачја на ромската заедница, рече Мустафа.

Преку ромските информативни центри, како што рече, се доближуваме во решавање на крупните проблеми, како што е проблемот со сиромаштија, процес кој постепено се решава.

- Од година во година се преземаат мерки за зголемување на буџетот за Декадата и Стратегијата за да се задоволат потребите на заедницата, рече министерот Мустафа.

Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими објасни дека во иднина, младите Роми ќе бидат целна група кон која министерството ќе се насочи преку оперативните мерки за намалување на невработеноста.

- Генерално, проблемот со невработеноста е висок кај младите, не само во Македонија, туку и во Европа. Со оперативните мерки за вработување што ќе се преземат во иднина, токму младите Роми ќе бидат целна група за да се намали стапката на невработеност и да им покажеме дека тука има перспектива и да не ја бараат иднината надвор од државата, потенцира Ибрахими.

Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар најави засилена промоција и лобирање за поголема инклузија на младите Роми во стратешките планови, како на  национално така и на локално ниво.

- Ромите имаат потребно знаење и квалификации. Доколку е потребно за поголема вклученост ќе се доквалификуваат, доедуцираат, преквалификуваат, а со тоа се отвораат можности за побрз процес на интеграција, рече Елезовски.

Маја Геровска Митев од Филозофскиот факултет во Скопје информира дека Ромите од периферните средини имаат помал пристап и недоволно се информирани за јавните мерки за вработување и социјална заштита.

- Во тој контекст, продолжувањето на проектните активности на НРЦ, кои се стремат да се подигне степенот на информираност на младите Роми и во иднина активните мерки за намалување на невработеноста не треба исклучиво да се однесуваат на субвенционираното вработување, туку и кон мерката  самовработување, рече Геровска Митев.

Проектот промовира развој на центри за поддршка на заедницата и други форми на социјални услуги наменети за успешно вклучување на  маргинализирани рурални ромски заедници во општеството. /Извор: МИА/

Црногорците вложуваат 700 милиони евра во обновливи извори на енергија

Електростопанството на Црна Гора планира до 2020 да вложи 700 милиони евра во изградба на постројки за обновливи извори на енергија со вкупен капацитет од 500 мегавати.

„Фотоволтаичната централа Бриска Гора, ветерната фарма Гвозд и хидроцентралата Комарница ќе имаат вкупен капацитет од околу 500 мегавати“, рече директорот за развој и инженеринг Иван Мрваљевиќ.

Минатиот месец, акционерите на ЕПЦГ одобрија инвестиција од 58 милиони евра за изградба на ветерна фарма од 50 мегавати Гвозд, во соработка со австриската компанија Ивица Холдинг.

Во декември 2018 година, беше потпишан договор за изградба на фотоволтаичната  централа Бриска Гора вредна 178 милиони евра од околу 200 мегавати со  конзорциумот на  финскиот Фортум.

Пукотници во Амстердам во пресметка на црногорското подземје (ВИДЕО)

Еден Црногорец е убиен , а уште еден е повреден во престрелката во пицерија во центарот на Амстердам.

Во пукањето попладнево во пицерија во Амстердам, едно лице загина, а едно е повредено. Според српските медиуми, повреден е Јован Ѓуровиќ, брат на Лука Ѓуровиќ, еден од некогашните водачи на најсилниот црногорски клан кој загина во сообраќајна несреќа во 2013 година.

Во пресметка во Амстердам беше убиен Горан Савиќ, пријател на Ѓуровиќ, кој кога ги видел вооружените напаѓачи, скокнал пред Ѓуровиќ и со телото го заштитил од рафалот куршуми.

Савиќ е сопственик на пицеријата каде се случило пукањето.

„Тој скокна пред него како човечки штит“, рече еден очевидец.

Иако службите за итни случаи се обиделе да го реанимираат Савиќ, тој починал на местото на настанот. Ѓуровиќ се здобил со сериозни повреди и бил пренесен во болница.

Напаѓачите по пукањето избегале во сив Фолксваген со белгиски  регистарски таблички. Холандските медиуми објавија дека возилото подоцна било пресретнато од полициски службеници и по драматична акција среде улица,  уапсиле еден осомничен.

Ранетиот Ѓуровиќ е брат на Лука Ѓуровиќ кој би бил водач на најсилниот криминален клан во Бар. Тесно соработувал со Лука Бојовиќ , кој беше познат како прв човек на Земунскиот клан во Црна Гора.

По неуспехот на Нетанјаху, Бени Ганц ќе ја составува израелската влада

Поранешниот генерал Бени Ганц доби мандат за состав на новата влада на Израел , од што вчера се откажа досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

По нерешени изборни резултати во април и во септември, ова е првпат од 2008 година на некој друг освен на 70-годишниот Нетанјаху да му се даде задача да се обиде да состави влада.

Лидерот на партијата „Сино-бело" , Ганц сега има 28 дена да ја заврши задачата што му е доверена од претседателот Реувен Ривлин.

Отпрвин, Ривлин му го довери мандатот на Нетанјаху, лидерот на централно-десничарската партија Ликуд, кој беше премиер на Израел уште од 2009 година. Но, Нетанјаху го врати мандатот во понеделникот затоа што не успеа да собере мнозинство и рече дека сторил се за да го вклучи Бени Ганц и да формира влада за национално единство за да се избегнат трети избори годинава.  

Нетанјаху се соочува со бројни обвиненија за корупција, поради што 60-годишниот Ганц рече дека нема да учествува во владата, чиј премиер е обвинет за корупција.

Иако бил началник на Генералштабот на израелската армија од 2011 до 2015 година, Ганц , нема лесно да обезбеди мнозинство и доколку тој не успее да го стори тоа, најверојатни се нови парламентарни избори, трети годинава.

Ганц има поддршка од 54 пратеници, седум помалку од парламентарното мнозинство.

Ликуд освои 32 места на изборите во септември, од вкупно 120, а партијата на Ганц 33.

притисни ентер