Скандал:Во Брисел изложба каде македонската историја се преставува како бугарска

На еден од постерите на изложбата пишува дека „Охрид е бугарска територија, претставен како дел од територијата на Цар Самуил, исто и Битола со тврдината како дел од бугарското царство“.

Во Брисел не престануваат бугарските провокации кон Република Македонија и македонската историја и потекло, јавува дописникот на МИА од европската престолнина.

Откако минатата недела бугарска дипломатка на работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан побара негативна препорака во прогрес-извештајот за нашата земја, а изминативе месеци кружи бугарски “нон-пејпер” документ низ ЕУ-институциите каде се вели дека македонската нација е вештачка и дека нејзината историја и јазик се фалсификувани, деновиве во Европската комисија се одржува изложба организирана од бугарската комесарка Кристалина Георгиева, каде овојпат е на мета македонската историја и азбука.

На се уште актуелната изложба со наслов „Свети Кирил и Методиј и бугарската азбука“, која се одржува во официјалната зграда на Комисијата, „Берлемонт“, а посветена на 1.150-годишнината од Моравската мисија на светите солунски браќа, кои се претставени како Бугари, словенската азбука е претставена како извадок од старо-бугарскиот јазик. Иако е еврокомесар за хуманитарна помош и одговор на кризи, Бугарката Георгиева застанала зад оваа изложба направена со помош на Институтот за литература при Бугарската академија на науките и на Националната библиотека „Свети Кирил и Методиј“ од Софија. Таа пред шест месеци организираше претставување на балканските народни танци познати како „оро“, каде исто така, покрај сите земји од балканскиот регион, Македонија не беше спомената.

Георгиева има право како дел од неформалната Влада на Унијата да делува на овој начин, но зад ваква провокаторска и негаторска изложба, таа не смеела да го злоупотреби своето место во Комисијата и да застане во промоција на анти-македонската политика на официјална Софија, посебно злоупотребувајќи ја комисиската зграда што се наоѓа во срцето на Брисел.

Меѓу спорните наводи во оваа изложба се цитира извесен грчки професор Јанис Карајанопулос, чија област е византиската историја, според кого „државата на Цар Самуил била целосно опфатена од Бугари по род!“. Па, така на еден од постерите пишува дека „Охрид е бугарска територија, претставен како дел од територијата на Цар Самуил, исто и Битола со тврдината како дел од бугарското царство“.

Од канцеларијата на бугарската еврокомесарка Кристалина Георгиева, која стои зад оваа изложба во Европската комисија, велат дека таа не ја организирала, туку дека ја прифатила поканата од организаторите само да биде патрон, а тоа според нив е „Бугарската меморијална фондација“.

- Ова е вообичаена пракса од страна на комесарите и во тоа својство тие немаат одговорност за содржината на изложбата, ниту, пак, да вршат влијание, коментира Дејвид Шерок, портпарол на Георгиева.

Од друга страна, пак, од таборот на комесарката за мултилингвизам Андрула Василиу, воопшто не сакаа да коментираат дали како на заштитници на мултилингвизмот, дозволиле во Комисијата изложба на која целосно се извртува вистината за потеклото и корените на словенскиот јазик, како на еден од најстарите јазици во Европа.

Што се однесува, пак, до официјалната бугарска политика во Брисел, провокациите не престануваат и нејасно е како Софија очекува потпишување на договор за добрососедство со Македонија, откако само годинава се направија илјадници провокации, со директен атак на македонскиот идентитет, нација и јазик од нивна страна. /MИА

Следната фаза од случајот за екстрадиција на Џулијан Асанж во САД ќе започне во мај

Следната фаза од судењето на Џулијан Асанж ќе започне во мај, откако американската влада му ги даде гаранциите на Високиот суд во Лондон што ги побара во врска со случајот на основачот на Викиликс во случај тој да биде екстрадиран.

Основачот на Викиликс се гони во САД за наводен заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана по објавувањето на илјадници протечени документи поврзани со војните во Авганистан и Ирак.

За време на дводневното рочиште во февруари, адвокатите на Асанж (52) побараа од судијата дозвола да го оспори отфрлањето на поголемиот дел од случајот за да ја спречат неговата екстрадиција. Минатиот месец, двајца судии ги отфрлија повеќето правни аргументи на Асанж, но рекоа дека доколку САД не обезбедат гаранции, тој ќе може да поднесе жалба по три основи.

Тие гаранции се дека Асанж ќе биде заштитен и ќе може да се повика на Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја штити слободата на говорот во земјата; дека САД нема да имаат „предрасуди во судењето“ поради неговата националност и дека тој нема да се соочи со смртна казна.

Вчера, двајцата судии потврдија дека САД дале гаранции до судот и посочија дека сослушувањето ќе се одржи на 20 мај и ќе трае околу два часа.

Судот ја донесе пресудата откако сопругата на Асанж, Стела Асанж, во вторникот рече дека САД отворено дале збунувачки термини. - САД не дадоа гаранција за Првиот амандман и дадоа стандардно уверување за смртната казна, рече таа. „Соединетите Држави не се обврзаа да го повлечат претходното тврдење на обвинителството дека на Џулијан му недостигаше првиот амандман бидејќи тој не бил американски државјанин. Наместо тоа, САД се ограничија на отворено заобиколувачки јазик, тврдејќи дека Џулијан може „да се обиде да го покрене прашањето“ од Првиот амандман доколку се екстрадира.

„Дипломатската нота не прави ништо за да ја намали екстремната вознемиреност на нашето семејство за неговата иднина - мрачните изгледи тој да го помине остатокот од својот живот во самица во американски затвор поради објавување наградувано новинарство“, додаде неговата сопруга.

Американското Министерство за правда одби да коментира.

Најмногу дожд во Виница 32 литри на квадрат, најстудено на Попова Шапка минус три степени

Најмногу дожд во изминатото дененоќие наврна во Виница 32 литри на метар квадратен, во Берово 25, Лазарополе 19, Радовиш 16, Штип 15, Охрид 14, а девет литри во Скопје, соопшти УХМР.

Три степени под нулата утрово се измерени на Попова Шапка, пет во Скопје, шест во Берово, Охрид, Битола, Штип и Струмица, а девет во Гевгелија.

Во текот на ноќта преовладуваше облачно време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини со повремен снег. Наместа дуваше умерен до засилен ветер претежно од северен правец.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во северозападните делови каде ќе има услови за ретки грмежи. На планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови засилен западен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19 степени.

Во Скопје променливо облачно и посвежо со услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 15 степени.

Петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во чест на Мирко Попов

Петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, годинава ќе се реализира во чест на Мирко Попов, најавуваат организаторите на фестивалот.

На конференција за печат што ќе се одржи денеска во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во пресрет на манифестацијата ќе присусуствува тимот на фестивалот Виолета Качакова и Владан Дробицки. На прес - конференцијата ќе бидат и дел од изведувачите: актерот Оливер Митковски, како дел од музичкиот проект „Поетроника“, пијанистката Дуња Иванова и маестро Љупчо Мирковски, под чија диригентска палка ќе настапи Биг Бендот со музика на легендарниот Кире Костов.

Сите фестивалски вечери ќе се реализираат во Филхармонијата и во Лабораториум.

притисни ентер