Абонго Малик Обама - мераклија на жени

Македонија има богата историја, и покрај сета друга исклучителна убавина, ги има и најубавите жени – изјави полубратот на американскиот претседател.

Повеќе од два и пол часа новинарите го чекаа Обама. Не тој од Америка, туку полубратот од Кенија. Со големо задоцнување конечно Абонго Малик Обама пристигна кај споменикот на Мајка Тереза во Скопје. Полубратот на американскиот претседател, во Македонија дојде како мировник. Добитник е на Балканска повелба за мир која му ја доделува невладината организација Балкански клуб на мирот. Со најубави зборови за Македонија, Обама е благодарен дека е добитник на ова признание.

- Ви пренесувам најтопли поздрави од народот на Кенија и исто така од народите од Африка. Се надевам дека моето доаѓање ќе биде врска и мост меѓу нашите народи и се надевам дека со она што го имаме заедничко, но и со разликите, ќе можеме да го направиме светот подобар. Знам дека Македонија има богата историја, и покрај сета друга исклучителна убавина, исто така вие ги имате и најубавите жени – изјави Абонго Малик Обама

Ако го впишете името на Абонго Малик Обама на Google, прво што излегува е постара слика со неговиот полубрат Барак Обама, но и многу информации за неговиот приватен и професионален живот. Абонго живее во Кенија. Има 12 жени и ја води фондацијата "Барак Х. Обама". На една од свадбите кум му бил полубратот од Америка. Имал политички амбиции како и неговиот брат. Се кандидирал на локални избори под слоганот Обама овде, Обама таму. Ветил многу работи во кампањата, дури и Мекдоналдс во Кенија, но не дотуркал ни до градоначалник. Обама сепак најмногу заработува на презимето. Пари му носи фондацијата, која иако хуманитарна постојано била под надзор на даночните власти. Абонго Обама пишуваат американските весници, на аукција ги продавал и двете писма кои му ги пратил претседателот од Америка за 30 илјади долари. Првата посета на Македонија на постариот полубрат на американскиот претседател Барак Обама не му тргна на арно. Организаторите се извинија дека доцнел наводно бидејќи му ги изгубиле куферите на аеродром во Виена. По Македонија Абонго Малик Обама заминува на турнеја во соседните држави.  
притисни ентер