Жестоко во Бугарија - 20 повредени во протести, власта го прозва Борисов

Во четири часот утринава заврши заложничката драма во бугарскиот парламент, кога неколку илјади демонстранти го блокираа и не им дозволија на пратениците и министрите да го напуштат по дебатата посветена на ребалансот на буџетот. Најмалку 20-мина се повредени во најжестоката ноќ од почетокот на антивладините протести со кои се бара оставка од владата.За иницијатор на нередите, власта го обвини поранешниот премиер, Бојко Борисов.

Со последната група евакуирани пратеници, в зори беше ставен крај на заложничката драма во бугарскиот парламент. По осум часа неизвесност, полициските специјалци ја совладаа разулавената толпа, 100-ната пратеници и министри беа извлечени од зградата, а европска Бугарија ја преживеа најпеколната ноќ од почетокот на 40-дневните антивладини протести. Преживеа и актуелната влада на Орешарски.

- Не и прилега на една демократска држава кога пратеници, министри, бизнисмени и претставници на синдикати се држени како заложници во парламентот, изјави Кристијан Вигенин, министер за надворешни работи на Бугарија.

- Очигледно е дека некој сака по секоја цена да падне владата што поскоро, дури и пред завршувањето на парламентарната сесија за да има предвремени извори. Тоа многу е јасно се гледа од изјавата на Борисов и однесувањето на неговата партија ГЕРБ, кои единствено би добиле од таквото сценарио, изјави Сергеј Станишев, претседател на Социјалистичката партија на Бугарија.

Се почна со традиционалните слогани и барања за оставка на владата. Но, протестот излезе од контрола, демонстрантите го блокираа влезот на собранието и се судрија со полицијата. Најмалку 22-ца се повредени, од кои тројца полицајци. Не успеа и обидот со автобус да се извлечат заложниците.

- Мојата рана е како многу други рани и тоа воопшто не е важно. Важно е дека Бугарите веќе не се простодушен и кроток народ, кој може да се манипулира.

Антивладините протести почнаа на 14-ти јуни, еден месец по одржувањето на изборите по оставката на Борисов. Иницијална каписла беше поставувањето на контроверзниот медиумски магнат Делјан Пеевски на чело на Националната агенција за безбедност.

Повеќе од 280 милиони луѓе се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештај на ФАО

 Над 280 милиони луѓе во 59-те земји во светот каде кризата со храна е најтешка, се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Се забележува дека иако вкупниот удел на луѓето во светската популација кои се соочуваат со голем недостиг на храна во 2023 година беше малку помал отколку во 2022 година, тој остана над нивото пред пандемијата.

Во него се нагласува дека процентот на луѓе кои се соочуваат од акутен глад останува висок, а главни фактори зад овој тренд се воените конфликти, екстремните временски услови и економските шокови, кои продолжуваат да го загрозуваат одржливиот развој на светот.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предупредува дека влошувањето на ситуацијата во светот како резултат на овие фактори претставува сериозна закана за глобалната безбедност на храната во тековната 2024 година.

Извештајот на ОН ги става Авганистан, ДР Конго, Нигерија, Судан и Етиопија во првите пет земји погодени со најакутна криза со храна. /МИА

Владата на Словачка ја одобри контроверзната реформа на јавната радио и телевизија

 Владата на Словачка денеска ја одобри контроверзна реформа на јавната радио и телевизија во земјата, чекор, кој според критичарите, ќе доведе до преземање на целосна контрола врз медиумите од страна на Владата.

Минатиот месец, илјадници луѓе се собраа во главниот град за да го осудат планот, кој беше широко критикуван од локалните новинари, опозицијата, меѓународните медиумски организации и Европската комисија.

Премиерот Роберт Фицо рече дека промените се неопходни, бидејќи јавниот радиодифузен сервис РТВС бил политички пристрасен и е „во конфликт со словачката Влада“. Предложените измени ќе значат дека тој ќе има нова организација.

Се очекува, Парламентот, во кој коалициската Влада на Фицо има мнозинство, во јуни да ги одобри измените. /MIA

Де Соуза: Португалија одговорна за злосторствата за време на трансатлантското ропство

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза рече дека Португалија е одговорна за злосторствата извршени за време на трансатлантското ропство и колонијалната ера и посочи дека има потреба од репарации.

Говорејќи на настанот на кој доцна синоќа беа поканети странски дописници, Ребело де Соуза рече дека Португалија „ја презема целосната одговорност“ за неправдите од минатото и дека тие злосторства, вклучително и колонијалните масакри, имаат „цена“.

Тој посочи дека Португалија мора да ја плати цената.

„Дали има злосторства што не се казнети, а одговорните не се уапсени? Дали има стока што е ограбена и не е вратена? Да видиме како можеме да го поправиме тоа“, рече Ребело де Соза.

Во текот на повеќе од четири века, најмалку 12,5 милиони Африканци беа киднапирани, насилно транспортирани на долги растојанија главно со европски бродови и продадени во ропство.

Оние кои го преживеале патувањето завршиле со работа на плантажи претежно во Бразил и Карибите, додека други профитирале од нивниот труд.

Португалија продаде речиси шест милиони Африканци, повеќе од која било друга европска нација, но досега не успеа да се соочи со своето минато, а во училиштата малку се учи за нејзината улога во трансатлантското ропство. /МИА

притисни ентер