Сноуден ќе ги земе предвид барањата, поставени од Путин за привремениот азил

Поранешниот соработник на ЦИА и на НСА Едвард Сноуден ќе ги земе предвид барањата на рускиот претседател Владимир Путин да запре со објавувањето на тајните на американското разузнавање, како услов за да остане во Русија, изјави новинарот Глен Гринволд, кој прв соопшти за информациите со кои располага Сноуден, јави ДПА.

Гринволд застана во одбрана на одлуката на Сноуден да побара привремен азил во Русија, нагласувајќи дека таа е „меѓу неколкуте држави, кои не капитулираат пред американските барања“.

Германскиот огранок на „Транспаренси интернешнл“ соопшти денеска дека ќе му ја додели на Сноуден наградата Whistleblower за откривање на масовното американско следење на комуникациите во светот. Оваа награда се доделува на секои две години.

Сноуден, кој слета во Москва пред еден месец и оттогаш се наоѓа на транзитната зона на аеродромот Шереметјево минатата недела поднесе барање за привремен азил во Русија./МИА



притисни ентер