Оштетени штедачи од СФРЈ ја тужат и Македонија пред судот во Стразбур

По тужба на оштетени штедачи од Босна, и Македонија се најде пред Судот за човекови права во Стразбур.
Богданов, кој ја застапува Македонија, изјави дека очекува земјава да биде исклучена од плаќање на евентуални пенали и очекува судот уште еднаш да ја потврди одлуката дека Србија и Словенија треба да ги вратат замрзнатите штедни влогови.

Македонија не е одговорна за заробените пари на босанските граѓани кои поднесоа тужба до судот за човекови права во Стразбур барајќи си ги парите од старото девизно штедење.

На денешното рочиште пред големиот судски совет составен од 17 судии владиниот агент Богданов во одбраната посочи дека станува збор за приватно правен однос меѓу босанските државјани и банките во кои пред 20-тина години ги вложиле заштедите.

- Од друга страна ние дадовме одбрана дека Владата односно РМ не е одговорна за овој случај од причина што станува збор за приватно правен однос помеѓу босанските државјани односно тужителите и банките каде што ги депонирале средствата на времето а кои што банки се наоѓаат на територијата на Босна, односно нивните мајки се наоѓаат во Србија и Словенија, што значи дека со нас како држава нема никаков контакт предметот и дека тужбата треба да биде отфрлена во тој дел, а рековме и дека односно изложивме и акцентиравме нашето законодавство во делот на старото девизно заштеда со законот донесен во 2000 година со кој што на недискриминаторски начин се регулира тоа прашање и им беа вратени средствата односно старото девизно штедење на сите луѓе кои имаа штедено во Македонија без оглед на националност, вели Костадин Богданов, владин агент во ЕСЧП.

Конкретна сума која држава колку и кому му должи судот не може да утврди, единствено доколку наложи ќе се донесе меѓудржавна одлука. Богданов очекува пресуда во корист на Македонија до крајот на годинава или почетокот на 2014.

- Очекуваме во врска со Македонија да нема повреда односно очекуваме дека најверојатно судот ќе остане на првостепената пресуда каде има беше наложено на Србија и Словенија да ги платат тие средства кои биле штедени во нивни експозитури на нивни банки во останатите републики, вели Богданов.

Во ноември мината година судот во Стразбур по тужбата против сите поранешни југословенски републики, веќе ја ослободи Македонија од исплата на старите долгови, зошто поголем дел биле веќе исплатени и ги задолжи Љубљана и Белград да им ги вратат парите на штедачите. Во судот во Стразбур има  околу 1600 апликации и 8000 тужители што бараат пари од старото девизно штедење.

Министерите на ЕУ утре ќе бидат брифирани за текот на преговорите за името

 Македонија и напредокот во преговорите за името ќе бидат една од главните теми на утрешниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Министрите за надворешни работи на ЕУ утре ќе се состанат за редовниот министерски совет, неколку недели пред јунскиот Самит на кој европските лидери треба да одлучуваат за препораката на Европската Комисија за старт на преговори со Македонија и Албанија.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, ќе ги брифира министрите на 28-те земји членки за процесот на преговори, додека двајцата министри за надворешни работи на Македонија и Грција треба да продолжат да преговараат во Брисел, по њујоршката рунда. 

Најавено е дека Бугарија, која моментално претседава со ЕУ, заедно со Австрија, која го презема кормилото на ЕУ од 1 јули, ќе организираат појадок на кој ќе учествуваат европските министри и министерот за надворешни Димитров, јавува дописничката на МИА во Брисел. Ова ќе биде прилика за европските министри да го распрашаат шефот на македонската дипломатија за текот на преговорите со името, брифираат европски извори во Брисел.

Од македонското МНР, претходно денеска, најавија дека министерот за надворешни работи Никола Димитров утре заминува во дводневна работна посета на  Брисел, како и неговата агенда.

Деновиве во јавноста циркулира нацрт „нон-пејпер“ изработен од Франција и Холандија во ЕУ во кој овие две земји се изјаснуваат против старт на преговори со Македонија и Албанија. Како што јави МИА вчера, дипломатски извори од други земји членки велат дека не се изненадени од овој документ и дека нината позиција им е позната на сите во ЕУ, но дека тоа „не нѐ загрижува многу“.

Нон-пејпер во европскиот дипломатски речник е неформален документ кој се поднесува во рамки на преговарачки процеси, најчесто со цел да се предизвика реакција или дебата за одредена тема околу која нема согласност. Нон-пејперите не секогаш го рефлектираат официјалниот став на земјата или институцијата кои го напишале.

Холандија и Франција се познати по отпорот на нивната јавност кон натамошното проширување на ЕУ, особено со оглед на претстојните европски избори за Парламентот, на кои се очекува евроскептичните партии да го засилат своето присуство во оваа институција.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, чија центристичка партија не е членка на ниту една европска политичка група во моментов гради сојузи и коалиции во пресрет на европските избори, и голем број аналитичари сметаат дека неговите ставови и позиционирања по европските прашања во голема мера претставуваат тактизирање, вклучително кога станува збор за проширувањето.

Повеќе земји членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, отворено се залагаат за старт на преговори со Македонија доколку се реши спорот за името со Грција. /МИА

Патролирањето по Кримскиот мост – “приказна за добра ноќ“

Пратеникот на Државната дума, Дмитриј Белик ја прокоментира можноста украински бродови да патролираат во близина на Кримскиот мост.

Тој оцени дека било какви најави од тој тип се “приказни за добра ноќ“.

Како што објави, во акваторијата на Кречкиот проток, Украина претставува “непосакуван гостин“, кој нема да се пушти преку тој праг.

„Русија во целост ги исполнува сите меѓународни обврски кога станува збор за обезбедувањето на слободен поморски сообраќај – протокот е отворен но го контролира Русија. Било каков обид за патролирање од страна на некоја друга држава ќе биде санкционирано со “црвен картон и исфрлање од теренот“ – изјавил Белик.

Како што оценил, украинската храброст се само зборови на хартија, но кога ќе се случи нешто на терен, тогаш тоа баш и не изгледа така.

Покрај тоа, Белик додал дека Керчкиот проток го контролираат граничните служби на Федералната служба за безбедност на Русија, а тука во близина е и Црноморската флота доколку некој нешто се обиде да изведе.

Претходно еден украински пратеник го повика претседателот Петро Порошенко да ја преземе контролата врз Азовското море и Керчкиот проток, пренесува „Спутник“.

ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција: Владата максимално да се посвети на клучните реформи

Поддршката на „Нон пејперот” на скоро 1/5 од државите членки на ЕУ (Франција, Холандија, Белгија, Данска и Лукембург), укажува дека граѓаните на Република Македонија мора сериозно да бидат загрижени за евроатланската иднина на сопствената држава.

Поддршката на „Нон пејперот” на скоро 1/5 од државите членки на ЕУ (Франција, Холандија, Белгија, Данска и Лукембург), укажува дека граѓаните на Република Македонија мора сериозно да бидат загрижени за евроатланската иднина на сопствената држава, наспроти розовата слика која сака да ни ја претстави Владата на Зоран Заев. Актуелната влада исто како и владата на Груевски се служи со манипулации и замена на тези. Премиерот Заев и неговата влада мора да знаат дека поддршката од мнозинството членки на ЕУ, е сепак помалку од потребниот консензус на сите држави членки на ЕУ за отпочнување на преговорите за членство.

По објавувањето на ,,Нон пејперот” станува јасно дека позитивниот Извештај на ЕК од пред неколку недели е само политички инструмент и средство за мотивција со кој и се даде дополнителна шанса на Владата на РМ да го стори тоа што мора да го стори. Реформи и реформи.

Сега на сите им станува јасно дека голата замена на власта на едни со други и промената во општата атмосфера во државата, не довеле до суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Отсуствуваат клучните реформи во правосудството, деполитизација на јавната администрација и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. А за тоа се потребни квалитетни и чесни личности во извршната власт, а не шарени шминкери и манекени, партиски мешетари и недоквалификувани кадри и лица од црните листи.

Господине премиере!. Наместо постојано да ширите нереален оптимизам во врска со изнаоѓање на решение за спорот со нашиот јужен сосед како единствен услов за влез во ЕУ, Ви препорачуваме максимално да се посветите на внатрешните проблеми и клучните реформски зафати. Само со подигање на животниот стандард на граѓаните, со еднаквост на сите пред законите и без селективна правда, со администрација како сервис на граѓаните и со дебели казни за сторителите на криминалот и корупцијата, ќе станеме европејци и ќе почуствуваме дека конечно дојде ,,живот”. Во спротивно на добар пат сте да го изодите истиот пат како и Вашиот претходник Груевски.

Граѓаните не се со кратко паметење и знаат да казнуваат. Овој пат на казната за неспособноста да се решат клучните прашања, нема да се чека цели единаесет години. /МИА

притисни ентер