Бугарско пиши-бриши за Славко Јаневски

Бугарските администратори на Википедиа избришаа дел од биографијата на поетот Славко Јаневски откако вчера Канал 5 објави дека Бугарите се единствените кои ја впишаа одлуката на лустраторите за признатиот книжевник и академик Славко Јаневски, пред промената да се внесе и на македонската страница.

Од вкупно 9 страници за Славко Јаневски на најголемата интернет енциклопедија, само бугарската ја впиша одлуката на комисијата за верификација на факти. Промената беше извршена во саботата попладне, а бугарските администратори во 6-тиот пасус на биографијата на Славко Јаневски допишале.

-Тринаесет години по неговата смрт официјално е утврдено дека Славко Јаневски бил агент на југословенските тајни служби, на кои им кажувал информации за свои колеги писатели и уметници. (цитат од википедиа на бугарски јазик.)

Откако Канал 5 вчера ја објави информацијата за која имаше и многу коментари од гледачи и читатели на сајтот www.kanal5.com.mk, администраторите на бугарската википедија претпладнево околу 11.20 часот го избришале лустрациското минато на Јаневски, кое се уште не е официјално објавено ниту пак ќе може да биде објавено затоа што академик Славко Јаневски почина пред 13 години.

Бугарската биографија за Јаневски повторно е вратена во претходна состојба. Причината засега никој не ја открива. На фотографиите на сајтот на Канал 5 ќе ги видите разликите во бугарската википедиа биографија, на едната е актуелната страница, а на другата со сина боја е обележана претходната страница.

Членот на комисијата за верификација на факти Чедо Дамјановски денеска соопшти дека академик Славко Јаневски ги озборувал колегите и ја проценувал вредноста на нивните книжевни дела, а не ги кодошел на идеолошко-политичка основа. Тоа според Дамјановски не е законска основа за лустрација, а претходно со одлука на уставниот суд беше стопирано лустрирање на починати.

По големата бура во јавноста за досието Слав-Јан, (на академик Славко Јаневски) комисијата за верификација повторно се состана вчера и ја потврди одлуката како законска, додека критичарите ги обвини дека не ги знаат фактите за причината за лустрација на Јаневски.

-Комисијата напоменува дека во својата работа и одлучување не се занимава со имињата, професијата, големината, профилот и значењето на лицата кои се опфатени со Законот. Согласно ова, комисијата не прифаќа да биде вовлечена во наметнати дебати за вреднување на личности и дела кои излегуваат од рамките на Законот, исто како што не прифаќа да биде обвинувана за нарушување на угледот и реномето на МАНУ, или за сквернавење на македонскиот идентитет, го соопшти ставот на комисијата за верификација на факти, портпаролот Предраг Димитровски.

Најголема осуда за лустрација на Јаневски стигна од МАНУ, академијата го оцени како потегот на лустраторите како внатрешен удар против македонскиот национален идентитет, и одлука која е донесена противуставно.

Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

Германската шефица на дипломатијата во кавга со Нетанјаху за снимките од пазарот во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се судрија за време на состанокот во Ерусалим околу хуманитарната помош за Појасот Газа, пренесоа германските медиуми.

Баербок и Нетанјаху се судрија околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху ѝ покажа фотографии на Баербок, наводно од северниот дел на Газа, каде што се вели дека хуманитарната криза е најлоша, а на кои што се гледаат пазари преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

Како одговор, Баербок на својот мобилен телефон покажа фотографии од прегладнети деца од Појасот Газа и рече дека фотографиите што ги покажал Нетанјаху не се вистинити.

Според израелската ТВ станица Канал 13, израелскиот премиер рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои сугерираа изобилство и добри услови за живот во варшавското гето во 1942 година.

Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани преполните пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарна помош. Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го одразуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.

Според овие информации, Баербок, која вчера престојувала во Израел за да укаже на лошата хуманитарна состојба во Појасот Газа и да се бори за поголема помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на севкупна слика за состојбата на цивилите во Газа.

Митрески од Струга: Младите не смеат да бидат жртви на политичари без став и без визија

„Во Струга ги реновиравме буквално сите училишта и спортски сали и изградивме три нови сали. Го реконструиравме затворениот пливачки базен, тројно ја покачивме минималната плата. “

Ги дуплиравме странските инвестиции. Ги зголемивме пензиите за над 50%, ги покачивме платите во сите сектори. Но, тоа не е доволно. Поминавме и поминуваме сериозни економски последици од КОВИД кризата, но и од војната во Украина. Затоа ни е потребна ЕУ. За побрзо да ги донесеме европските стандарди дома“, порача Јован Митрески, носител на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија на вечерашниот собир во Струга.

Тој нагласи дека платите и пензиите ќе растат побрзо, инфраструктурно побрзо ќе се развиваме, туристичка сезона ќе има преку целата година, полесно ќе се развива езерскиот, планинскиот и руралниот туризам, само со поддршка на ЕУ.

Митрески додаде дека е лесно со шпекулаци да будиш најдлабоки чувства кај секој Македонец за мајчиниот македонски јазик, да зборуваш за македонскиот јазик како бугарски дијалект, а притоа да не гласаш за Договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ вклучувајќи ја и Бугарија.

„Лесно е само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ. Лесно е, ама не е чесно на граѓаните да им ја крадеш иднината за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт. Не вреди борбата за власт ако се загрози иднината на државата. Државата мора да оди напред. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија кои освен за својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго“, нагласи Митрески и додаде дека изборот е или интеграција или изолација.

Тој ги повика стружани да се обединат и да не дозволат да се вратат оние кои ја доведоа Македонија до бездна и од неа направија заробена држава.

„Да застанеме сите обединето и сложно зад планот за европска Македонија. Да застанаме сите обединето и сложно зад бројот 1.Заедно и сложно да постигнеме уште една победа за европска Македонија“,се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер