Во Беровско почна процената на штетите од невремето

По завчерашното невреме проследено со поројни дождови, електрични празнења и силен град во големина на лешник, што го зафати и подрaчјето на Малешевијата, започна и процената на нанесените штети, јави МИА.
Според првичните, неофицијални согледувања, најголеми оштетувања им се нанесени на вишните и сливите кај овошните и на компирот, пиперот и доматите кај градинарските култури. Оштетени се и нивите засеани со житни култури, кои сега се во таканаречената млечна зрелост, но и фуражните растенија и ливадите.

Од надлежните општински и државни органи е упатен апел до индивидуалните земјоделски производители да ги пријават оштетените површини, бидејќи стручна комисија ќе ги проверува и утврдува штетите и според утврдени критериуми, ќе предложи надоместок за претрпените оштетувања.

Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Демонстранти фрлаат шок-бомби и камења врз полицијата пред Парламентот на Македонија

Шок-бомби и камења фрлаат дел од учесниците на вечерашниот протест  кон полицијата поставена пред Собранието на Македонија. 

Полицијата возврати со солзавец при што растера дел од учесниците во протестот. 

Протестот се одржува поради незадоволство од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство.

Протестот е организиран преку социјални мрежи. 

Насобраните граѓани се обидуваат насилно да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во Парламентот. 

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер