Македонија денеска во жолта топлотна фаза

Целата територија на Македонија денеска ќе биде зафатена со температури кои ја дефинираат жолтата алертна фаза, соопшти Министерството за здравство согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи.


Деновите со повисоки температури се очекува да траат до крајот на неделата.

Од Министерството потсетуваат да се почитуваат општите препораки за населението, во однос на заштита од директна сончева изложеност, како што се: избегнување подолг престој на отворено во периодот од 11 до 16 часот, носење лесна и светла облека, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Комисијата за климатски промени при Министерството, континуирано ја следи состојбата со топлото време за што, како што посочуваат, јавноста навремено ќе биде информирана.

Според најавата од синоптичарите, времето во Македонија денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност која највеќе ќе биде застапена во крајните источни и западни делови од земјава. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Температурата ќе се движи од 26 до 32 степени

Голем пожар во депонијата „Мегленци“

Голем пожар од вчера гори на депонијата „Мегленци“ во Новаци. Од општина Битола информираат дека пожарот од утрово е ставен под контрола и дека на терен се сите надлежни институции.

„По пријавата на вработените дека во депонијата ‘Мегленци’ има пожар, екипи на ЈП ‘Комуналец’ веднаш реагирале на терен за да се спречи натамошното ширење и да се локализира пожарот. За таа цел веднаш биле известени сите надлежни институции, а биле повикани на помош и екипи од РЕК ‘Битола’ и општина новаци, на чија територија се наоѓа депонијата“, велат од општината.

Поради топлото време, пожарот зафатил големи површини и се проширил во вечерните часови, но тој веќе е ставен под контрола. Случајот е пријавен и во СВР Битола, но засега не се знае кои се причините за опожарувањето на депонијата.

„Жаба“ на Јукиќ најдобар филм, „Златна арена“ и за режија

 На годинашниот 65. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ освои „Златна арена“ за најдобар филм и „Златна арена“ за режија.

Филмот  ја доби и главната награда од Федерацијата на филмсклите критичари на Европа и Медитеранот - ФЕДОРА.

Фестивалот на „Жаба“ и го додели и признанието за Најдобра малцинска копродукција.

„Жаба“ зборува за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнување среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта.

Сценариото го напишаа Пјер Жалица и Елмир Јукуќ, а базира на истоимената театарска претстава по текст на Дубравко Михановиќ.  Кинематографер на филмот е Дејан Димески, а снимател на звук  е Игор Поповски. Улогите ги толкуваат: Емир Хаџихафизбеговиќ, Александар Сексан, Мирсад Тука, Моамер Касумовиќ.

„Жаба“ е копродукција на Рефреш Продукција од БиХ, Скопје Филм Студио, Пропелер Филм Хрватска и Ливинг Пикчрс Србија. Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Претставата е регионален хит и во текот на изминатите десетина години е одиграна над 260 пати. 

Силно невреме во дебарскиот регион

Силно невреме проследено со ветер, обилен дожд, град и електрични празнења го зафати дебарско-реканскиот крај и подрачјето на Жупа.

Градот причини штети на земјоделските производи. Тоа е дополнителна штета од последиците на претходните временски неприлики. Улиците се преполнија со вода, а во одделни места вода навлезе и во подрумските простории.

Од Подрачната единица на Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека штетите дополнително ќе се проценуваат.

Обилните дождови засега предизвикаа само помали одрони на камен и земја на патните правци кон Струга и кон Маврово. Екипи на дебарската секција на „Македонија пат“ се на терен во расчистување на истите.

Од секцијата препорачуваат внимателно возење посебно на делницата Дебар-Трница, што е дел од патниот правец Дебар-Маврово и почитување на сообраќајните прописи и патната сигнализација. 

притисни ентер