Завршува „Македонската културна недела“ во Епинал, Франција

Во францускиот град Епинал (Источна Франција) завршува „Македонската културна недела“, чиј домаќин беше Домот на младите и културата Сант-Лоран, јави МИА.

„Македонската културна недела“ се одржува во рамките на годинашната манифестација „Европска недела“ која вообичаено е посветена на земји членки на Европската Унија. Во Епинал, кој е збратимен град со Битола од 1968 година, беше одлучено годинашнава „европска“ недела да и биде посветена на Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ.

Манифестацијата беше поместена во Домот на влезот од Епинал, во предградието Сан Лоран, кое се наоѓа веднаш пред квартот Битола, каде веќе долги години гордо се виори македонското знаме, во чест на збратимениот град од Македонија – Битола.

Во рамките на манифестацијата беше поставена изложба на фотографии, икони, фрески, антички споменици, фолклорни костуми и бројни подароци кои во изминатите 45 години градот Епинал ги има добиено од збратимената Битола, со посебно место за повелбата на која е потврдено збратимувањето на 40 годишниот негов јубилеј.

Хорот на Сант Лоран ги изненади гостите на манифестацијата со изведување на сплет македонски народни песни.

Анета Овчаровска, студентка од Македонија во Франција, од своја страна жителите на Епинал ги запозна и научи по малку да ги играат македонските ора, а помогна и при изготвувањето на завршната вечера на која се служеа македонски специјалитети.

Во Епинал беше организирано и запознавање со македонскиот јазик од страна на дописникот на МИА од Франција, Тони Гламчевски, кој истовремено држи и предавања на катедрата по македонски јазик на Францускиот институтот за ориентални јазици и култура во Париз. Интересот кај учесниците на „иницијацијата“ беше голем, што доведе и до размислување за воведување на факултативно изучување на Македонскиот јазик во Домот на младите и културата во Епинал.

Посебна вечер им беше посветена на „Богатствата на Република Македонија“, конференција-дебата анимирана од Гламчевски, при што беше претставен и документарниот филм „Мир за сите“ на Елизабета Конеска.

Во рамките на манифестацијата со помош на Филмскиот фонд на Македонија, на учесниците им беа прикажани и двата македонски филмови „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски и „Војната заврши“ во режија на Митко Панов.

Интересно е дека за време на манифестацијата беше одржан и турнир во игра на карти „белот“, француска игра, која се игра и во битолско откако локалното население ја научи таа игра од страна на француските војници за време на Првата светска војна.

Реализацијата на манифестација ја поддржаа Постојаната Мисија на Република Македонија при Советот на Европа, чиј амбасадор Петар Поп-Арсов беше присутен на инагурацијата на неделата. Во таа прилика тој беше примен од помошниците градоначалници за културно историско наследство Жак Грасер и за меѓународни односи, Францис Гида, кои го запознаа накратко со градот и долгогодишното пријателство кое ги поврзува со Битола.

Агенцијата за туризам на Република Македонија и Општина Битола се погрижија преку туристички брошури и водичи за Македонија и Битола, да ги привлечат уште повеќе гостите на оваа еднонеделна манифестација да ја посетат Република Македонија и на лице место да се запознаат она што можеа да го видат, слушнат или вкусат за Македонија во текот на изминатите неколку дена во Епинал.

Реализацијата наманифестација беше поддржана од општината на градот Епинал, под раководство на аниматорката од Домот на младите и културата Сан Лоран, Мариз Ноел. Во сите овие манифестации беа вклучени и малиот број на македонци кои живеат во Епинал и неговите соседни градови.

Двајца премиерлигаши уапсени поради силување

Англиските медиуми објавија вознемирувачки вести. Двајца 19-годишници, кои се професионални фудбалери во Премиер лигата, се уапсени поради обвинение за силување минатиот викенд, а информацијата ја потврдија од англиската полиција.

Не е наведено во која екипа настапуваат фудбалерите, ниту е познат нивниот идентитет, но познато е дека и двајцата играат за истиот тим кој се натпреварува во елитното ниво на англискиот фудбал.

Според британски „Телеграф“, еден од играчите бил сослушан на клупскиот стадион, додека другиот е приведен бидејќи е осомничен дека помагал во извршување на кривично дело.

Сексуалниот напад за кој се обвинети фудбалерите се случил во петокот, а жртвата веднаш се јавила во полиција, а неколку часа подоцна поднела официјална пријава.

Се наведува дека клубот нема дополнително да коментира и дека работата е во рацете на полицијата.

Ова не е прв пат да се случи ваква ситуација во Премиер лигата. Претходно беа покренати обвиненија против Мејсон Гринвуд и Бенџамин Менди, но на крајот ниту еден од двајцата фудбалери не беше осуден. /МИА

Сончево, попладне со услови за краткотраен дожд

Времето денеска е сончево со мала до умерена облачност.

Попладне наместа ќе има зголемена облачност со услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Во втората половина од ноќта ќе има зголемување на облачноста и на повеќе места ќе има врнежи од дожд. Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 25 степени Целзиусови.

И во Скопје е сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголемува и во втората половина од ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 21 степен Целзиусов.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе има повремени врнежите од дожд, а на планините повремен снег. Локално врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 10, а максималната од 5 до 18 степени Целзиусови. Во Скопје минималната температура ќе биде 8, а дневната ќе достигне до 15 степени Целзиусови.

Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

Повеќе скопски села и населби утре без струја

Без струја утре од 8:30 до 14:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Максим Горки“ и реонот Дом на градежници во општина Центар.

Во периодот од 9:00 до 14:00 часот утре без струја ќе останат поголемиот дел од потрошувачите на улица „Ринхини“ во општина Ѓорче Петров, а од 9:00 до 10:30 часот дел од корисниците од селата Визбегово, Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.

Без електрична енергија од 9:00 до 15:00 часот утре ќе бидат корисниците од улица „Кавалска“ во општина Кисела Вода, а од 9:00 до 12:00 часот корисниците на патот за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од црлвата „Св.Петар и Павле“ по патот кон Долно Лисиче во општина Аеродром.

Без струја утре од 9:00 до 10:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улица „4031“ во село Марино, општина Илинден, а од 9:00 до 13:00 часот корисниците од булевар „Борис Трајковски“, од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево.

Во периодот од 10:30 до 12:00 часот без струја ќе бидат корисниците од селата Сандево, Бањане, Горњане, дел од Мирковци, а од 13:00 до 15:00 часот дел од корисниците лоцирани на улиците „Исаија Мажовски“ и „Воин Драшкоци“ во општина Ѓорче Петров.

Како што информира РЦУК - Скопје, прекините се поради планирани технички зафати во електродистрибутивната мрежа на Град Скопје.

притисни ентер