Хулигани контра полицајци - Вежба на МВР на арената Филип Втори

Посебната единица на МВР успешно се справи со разулавените навивачи. Симулацијата ја следеше француската амбасадорка, а полицајците добија дипломи.
Навивачите се судрија со полицијата уште пред да влезат во арената Филип Втори. Интервенираше Посебната единица на МВР. Ја разби разбеснетата толпа, но потоа повторно се обидоа да се приближат до спротивната навивачка група. Беа спречени во обидот. Атмосферата најмногу се вжешти на трибините каде имаше инциденти. Прво со полицијата, а потоа меѓу две навивачки групи. 

Денешните насилства на градскиот стадион во Скопје беа симулација на реални ситуации како полицијата треба да интервенира и да воспостави ред и мир при големи јавни настани. Ова беше завршниот дел од обуката на вежбата насловена - Демократско менаџирање со толпа. 30- те припадници од Посебната единица на полицијата ги обучуваа инструктори од француските безбедносни служби. Вежбата ја следеа амбасадорката на Франција и  претставници од ОБСЕ.

Полицајците добија честитки за успешно завршената обука и дипломи, но и препорака од ОБСЕ секогаш да имаат на ум дека не смеат да употребуваат прекумерна сила. Денеска хулиганите беа нивни колеги, а некој друг ден наспроти нив ќе бидат вистински навивачи со кои ќе треба да се справат кога предизвикуваат инциденти и прават нереди. 

Маричиќ : На самитот на ЕПП Мицкоски доживеа дебакл, целосен меѓународен пораз на лажните и лицемерни политики

На самитот на Европската народна партија во Загреб се случи целосен меѓународен пораз на лажните и лицемерни политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, рече на прес конференција, Бојан Маричиќ, претседател на Комисија на СДСМ за Европски прашања.

Не само што се покажа дека едно зборува пред граѓаните а друго надвор од државата,  туку и јавно, пред камери, на клучните стратешки теми Мицкоски доживеа дебакл.

Тоа е очкувано, затоа што Мицкоски нема свој став туку работи под диктат на Никола Груевски.

Дури и Европската народна партија, каде членка е ВМРО-ДПМНЕ и има право на глас, во донесената Резолуција од загрепскиот самит, констатира дека ЕУ со неносењето одлука за почеток на преговорите, направила историска, геостратешка грешка.

Тоа е потврда дека ние ги направиваме реформите што беа потребни, дека се што требаше испорачавме, но дека одлуката на ЕУ е поради внатрешни проблеми во самата Унија, како што и највисоките челници на ЕУ потврдија.Оваа резолуција е врел шамар за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои виновници бараа внатре во земјата.

Се покажа уште еднаш дека целиот демократски свет ги препознава реформите и успесите, дека сите важни фактори и претставници во ЕУ се за тоа да започнеме преговори, само Мицкоски навива против напредокот на нашата татковина во евроинтеграциите.Радоста на Мицкоски дека биле во право оние што ја блокирале нашата земја очигледно заврши неславно и тоа на негов терен.

Додека дома Мицксоки вели дека не го признава уставното име на државата, граѓаните видоа дека нема проблем неговата ВМРО-ДПМНЕ во Европската народна партија да биде претставничка од Република Северна Македонија.

Самитот во Загреб го разоткри сиот лажен патриотизам, го разоткри сето лицемерие на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

На Самитот на Европската народна партија, Мицкоски го поддржа Договорот со Бугарија за кој велеше дека е штетен по националните интереси, го призна уставното име и Договорот од Преспа.

Мицкоски се премисли за се за што зборуваше во изминатите две години и го порекна за само две минути.

Толку од искреноста, честитоста и доследноста во ставовите за кои зборува Мицкоски.Затоа граѓаните на 12 април ќе го казнат неговиот нечесен и лицмерен однос и ќе пoтврдат дека државата е прав пат, рече Маричиќ. 

Министерката Царовска прогласена за „Жена на годината 2019"

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска беше прогласена за „Жена на годината 2019" во рамки на првиот македонски избор, како дел од конференцијата „200 жени претприемачки".

Во онлајн номинирањето учествуваа 569 луѓе, а дамите со најмногу номинации формираа листа од 50 финалистки во вкупно 10 категории за кои потоа гласаше 10-члено жири составено од претставници на медиуми, компании и стопански комори.

Покрај, министерката Царовска, признанија добија и Ангелка Пеева Лаурениќ од „Имиџ ПР" и Движењето за поддршка на креативноста "Браво Сине" во категоријата „Жена со трајни вредности", Даниела Колиќ Димовска од „ЛИСЦА" во категоријата „Жена со најдобар стил" и Лила Филиповска од ТВ Сител во категоријата  „Инфлуенсерка на годината".

Викторија Механџиска од „Зегин" е прогласена за „Жена менаџер на годината", Сања Лукаревска од УЈП за „Млада жена менаџер на годината", а британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј за „Странец жена менаџер на годината".

Режисерката на филмот „Медена Земја", Тамара Котевска го доби признанието за „Жена со најголеми достигнувања во културата", ракометарката Сара Ристовска за „Жена со најголеми достигнувања во спортот", а Кристина Арнаудова од „Проект Среќа" за „Жена со најголеми достигнувања за општеството".

Посебна награда од организаторите, за регионален бизнис-нетворкинг проект, и беше доделена на Кристина Ерцеговиќ од Хрватска.

Целта на изборот е да им се оддаде признание на дамите кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и остваруваат забележителни резултати.

Организатори на манифестацијата „Жена на годината" се „Маркетинг365" и „Касиа Евентс", поддржувач на изборот беше Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), а главен покровител беше „Пивара Скопје". /МИА

Вработена во Aрмијата пријавила обид за обљуба од колега

Вработена во македонската Aрмија пријавила во СВР Куманово дека нејзин колега се обидел да изврши обљуба во кумановската касарна „Боро Менков", потврди денеска МВР.

Настанот во кумановската полиција на 19 ноември во 19:20 часот, го пријавила  вработената во АРМ.

– Пријавила дека на 18.11.2019 околу 13:00 часот во касарната „Боро Менков" во Куманово нејзин колега се обидел да изврши обљуба над неа, се наведува во соопштението на МВР.

Од полицијата информираат дека е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

притисни ентер