Шекеринска и Заев го преземаат СДСМ?

Двоецот, кој ќе функционира како Обама и Бајден, веќе има поддршка од меѓународниот фактор, како и од членството, пишува денешниот Утрински весник.

Според весникот, Зоран Заев и Радмила Шекеринска го преземаат лидерството на „Бихаќска“. Повикувајќи се на извори од СДСМ, весникот пишува дека овој двоец е најпосакуваната опција меѓу членството во партијата на мајскиот Конгрес. Наводно, ниту актуелниот лидер Бранко Црвенковски немал против новите наследници, а Заев и Шекеринска веќе добиле поддршка и од меѓународниот фактор.

„Се лобира за таа варијанта, која за мнозинството членови е најприфатлива. Има голем дел приврзаници на Црвенковски и тие заговараат тој да остане на челното место, а дел јавно, дел прикриено се спомнуваат и други имиња. Но, Заев и Шекеринска се фаворити“, тврдат функционери во партијата.

Се зборува дека меѓународниот фактор веќе дал поддршка за ваквата коалиција. Според калкулациите, Шекеринска важи за одличен промотор на земјава при евроатлантските интеграции, има воспоставено добри односи со угледни странски политичари и организации, високо котира и кај амбасадорската елита во земјава. Од друга страна, нејзиниот имиџ на политичар кој нема директна врска со теренските работи, треба да го надополни струмичкиот градоначалник, Зоран Заев, кој важи за „човек од народот“.

„Ќе имаме баланс со ВМРО-ДПМНЕ на секое поле, па дури и ќе бидеме подобри. Ќе добиеме искусно водство што ќе знае да води висока политика, но и што ќе знае да им угоди на граѓаните, да направи подобар живот за сите во Македонија. И странскиот фактор нема толку индолентно да стои настрана“, велат нашите извори.

Заев и Шекеринска вчера не сакаа да ги коментираат ваквите гласишта. Во СДСМ е договорено да се молчи околу претстојниот Конгрес, кој би требало да се одржи околу 20 мај. Подготовките се во тек, но информациите се држат во тајност со цел одредени (погрешно протолкувани) изјави да не создадат раздор. Минатата недела, струмичкиот градоначалник, кој е и потпретседател на партијата, во изјава за „Утрински“, најави промени во СДСМ.

„Бидете сигурни, во СДСМ ќе има кадровски, програмски и организациски промени“, изјави Заев. Тој рече дека на Конгресот во мај ќе се направи сеопфатна анализа, но изрази сомнеж дали кадровските програми и новиот програмски концепт ќе бидат доволни за победа на следните избори доколку нив ги организира оваа Влада.

Како би функционирале Заев и Шекеринска? Нашите информации велат дека станува збор за копирање на американскиот концепт. Таму претседателот и потпретседателот, Барак Обама и Џо Бајден, работат како тим. Кандидатот за претседател уште пред почетокот на кампањата го соопштува името на својот потпретседател и тој практично е подготвен во секој момент да застане на чело на државата. Кај Заев и Шекеринска, се' уште не е јасно кој формално ќе биде лидер на партијата, но извесно е дека би се укинале сегашните три потпретседателски места.

Ќе се повлече или не Црвенковски, кој до пред локалните избори важеше за неприкосновен лидер и кој има најголемо влијание меѓу 700 делегати со право на глас на Конгресот? Извори од СДСМ тврдат дека од него, во најмала рака, ќе се очекува воздржаност и со тоа да го остави членството да ги одбере своите фаворити.

Некогашниот директор на Агенцијата за разузнавање и близок соработник на Црвенковски, Кире Наумов, јавно рече дека активно би се вклучил во трката за нов лидер само доколку се случи редефинирање на делегатската структура на Конгресот, највисокиот орган на партијата.

Според статутот, во Конгресот членуваат по еден делегат на определен број членови од општинските организации, претседателот на СДСМ, секретарот, членовите на Централниот и на Надзорниот одбор, претседателите на општинските организации, членовите на Градската организација на СДСМ - Скопје, претседателот на СДММ и координаторот на Клуб на жени, членовите на пратеничката група, министрите и замениците-министри избрани од листата на СДСМ, градоначалниците од редовите на партијата.

Членот на Централниот одбор на СДСМ, Есад Рахиќ, кој своевремено беше исклучен од партијата, во изјава за „Утрински“ рече дека можеби поправедно би било други делегати да го избираат евентуалниот нов лидер, но напоменува дека не го дозволува тоа статутот на партијата.

Радмила Шекеринска е член на Централниот одбор на партијата. Беше лидер на СДСМ, но си замина по поразот на предвремените парламентарни избори во 2008 година. Таа го наследи Владо Бучковски, а место неа како в.д. претседател дојде Зоран Заев. Од 2009 година, односно по истекот на петгодишниот претседателски мандат на чело на државата, лидер на партијата е Бранко Црвенковски.

Блокот Шекеринска - Заев јавно проработи во пресрет на локалните избори, кои тие двајцата беа најгласни противници на одлуката за бојкот на локалните избори.

Ужас во Словачка: Родители си ги тепале своите четири деца со синџири и ремени, ги изгладнувале

Во брутален случај на злоупотреба на четири деца во Словачка, полицијата ги уапси мајката Јарослава (32) и таткото Милан (42).

Децата доживеале неверојатна тортура, родителите наводно ги тепале со ремени и синџири. Откако ќе ги претепале, ги затворале и ги изгладнувале. Сепак, Јарослава за време на сослушувањето го обвини таткото за сѐ, објавија локалните медиуми.

Таа наводно рекла дека имала многу лоши односи со Милан. Според неа, тој наводно бил алкохоличар во последните 10 години. Во една прилика тој наводно го претепал синот Адријан со ремен, а потоа рекол дека не сака да го прави тоа. Според медиумите, мајката знаела дека таткото не им дава храна на децата.

Јарослава тогаш изјавила дека Милан не им дозволувал ништо на децата, кои многу се плашеле од него. Милан наводно во една прилика го претепал Адријан со тоа што го извлекол од креветот и го удирал со таква сила што момчето се онесвестило.

Катанците во куќата наликувале на затворски. Биле ставени на шкафовите, на вратата од детската соба, но и на фрижидерот, за децата да не изедат сѐ. Низ куќата одекнувале грди зборови.

Оваа ужасна злоупотреба била откриена минатата недела. Резултатите од истрагата покажуваат дека злоставувањето било откриено за време на часот по физичко, кога Адријан се пресоблекувал во спортска облека во соблекувалната.

Момчето наводно не сакало да каже ништо пред тоа бидејќи се плашело од тоа што може да го чека дома. Тој рекол дека татко му го тепал со синџир.

Медицинскиот извештај на Универзитетската болница во Трнава покажува дека Адријан се здобил со контузија и хематом на градниот кош.

На Милан сега му се закануваат 15 години затвор. Сепак, неговото семејство не се согласува со обвинувањата, додека неговата сестра тврди дека Милан никогаш не злоставувал деца.

„Одеше на работа додека жена му беше дома, таа не ни готвеше. Добро се грижеше за децата. Имаа брава на вратата да не ја отвораат децата. Децата го земаа јогуртот, јадеа малку па го фрлаа во ѓубре“, тврди сестрата на обвинетиот.

Полицијата ја продолжува истрагата.

Повторно е нападната американската воена база во Ирак

Вчера била нападната американската воена воздухопловна база Ал Асад во западниот дел на Ирак, а во нападот не е направена никаква штета и никој не е повреден, изјави неименуван американски функционер за Тајмс оф Израел.

„Ова беше втор напад врз американските сили од 4 февруари“, додаде американскиот официјален претставник, мислејќи на нападот во неделата кога беа истрелани пет ракети врз истата база од пограничниот град Зума.

Во тоа време, САД објавија дека сојузничкиот борбен авион уништил ракетен фрлач во Сирија, додавајќи дека ниту еден американски воен персонал не бил повреден.

Бранот од 165 напади врз американските војници во Ирак и Сирија започна во октомври минатата година, откако Хамас го нападна Израел, а заврши во февруари кога САД извршија воздушни напади врз цели поврзани со Иран во Ирак и Сирија.

Ен Хатавеј се потсети на одвратната аудиција, на која морала да се бакнува со 10 колеги (ВИДЕО)

Ен Хатавеј вели дека тестовите за хемија меѓу актерите во раните 2000-ти биле одвратни, пишува IndieWire.

Во интервју за магазинот V, актерката се присети на незгодните аудиции за романтични комедии во кои глумеше на почетокот на кариерата.

„Во 2000-тите беше нормално да се бара од актерите да се бакнуваат за време на аудиција, да се тестира хемијата, иако тоа е најлошиот начин да се тестира хемијата - дури и мене ми се има случено“, рече актерката. „Тие рекоа: „Имаме десет момци кои доаѓаат денес, а ти ја доби улогата. Зарем не си возбудена да ги бакнуваш? Мислев дека нешто не е во ред со мене бидејќи не бев возбудена.“

„Бев толку млада и знаев колку е лесно да изгубиш сè ако некој рече дека ти е тешко да се работи, па се преправав дека сум возбудена“, објаснила ѕвездата од „Дневниците на принцезата“. „Тоа не беше игра за моќ, никој не се обидуваше да ме повреди или да биде ужасен. Тоа беа различни времиња и ние денес подобро знаеме“.

Наскоро ќе можеме да ја видиме Хатавеј во романтичниот филм The Idea of ​​You, кој пристигнува на Prime Video на 2 мај. Во филмот, актерката толкува 40-годишна самохрана мајка која влегува во врска со 24-годишен музичар, кој го игра Николас Галицин.

Филмот беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал South by Southwest, кој се одржа во март годинава. Критичарите на Rotten Tomatoes го оценија The Idea of ​​You со 95 проценти.

притисни ентер