МОСТ: Вториот круг од изборите во мирна атмосфера со намален број нерегуларности

Граѓанската асоцијација „МОСТ“ денеска оцени дека гласањето во вториот круг од локалните избори генерално е спроведено во мирна атмосфера со незначително намален број на нерегуларности.




Оттаму денеска информираа дека најчести нерегуларности во вториот круг биле семејното гласање, некористењето на УВ ламбата и спрејот, фотографирањето на гласачките ливчиња, како и непочитувањето и злоупотребата на процедурата за гласање на лица кои не можеле да гласаат сами. 

На одредени избирачки места во општина Кочани недостасувале една или неколку страници од Избирачкиот список и овие ситуации биле надминати со реакција од страна на ОИК Кочани.

Според МОСТ, на овие избори имало и ситуации кои оставаат простор за недоверба во податоците во Избирачкиот список. 

- На одредени избирачки места во општина Центар се појавиле лица за кои имало сомневање дали живеат во општина Центар и избирачките одбори имале дилема дали да им дозволат да гласаат. Во периодот пред првиот изборен круг една од политичките партии побара од ДИК да провери врз која основа 13.869 избирачи се запишани во Избирачкиот список. ДИК ова барање го проследи до МВР со оглед на тоа што МВР е надлежен орган за издавање на лични документи. До денес, оваа институција не се изјасни по ова барање, велат од МОСТ.

Во однос на предвременото гласање е забележано зголемување на бројот на пријавени лица. Имено, наведуваат од МОСТ, доколку се анализираат само општините во кои се спроведе втор изборен круг, вклучувајќи ги и сите општини во градот Скопје, може да се забележи дека во првиот изборен круг во овие општини биле пријавени 4.841 лице, додека за вториот круг се пријавиле 6.211 лица, што претставува зголемување на бројот на пријавени лица за овој вид гласање за 28,3 проценти.

Како позитивна ја оценуваат одлуката на ДИК да ја разреши ОИК во Чаир и ИО во 13-те избирачки места во кои беа поништени првичните официјални резултати за избор на градоначалник.

Изборната кампања за вториот круг според МОСТ се карактеризирала со пониско ниво на теренска активност од страна на политичките субјекти, а кампањата се одвивала со понизок интензитет во првата недела, додека активностите биле интензивирани во последните денови пред започнување на изборниот молк.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше вториот круг од гласањето на локалните избори со 2.080 набљудувачи, со што беа опфатени околу 55-60 проценти во секоја од општините во кои се спроведуваше гласањето. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лица во домашен притвор биле ангажирани 63 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи 9 набљудувачи.
притисни ентер