ВМРО-ДПМНЕ посветува огромно внимание во воведувањето нови техники и технологии во секојдневната комуникација со граѓаните, со цел за свое поголемо присуство меѓу граѓаните и за својата отчетност пред нив. Ова го истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Центарот за комуникации на оваа партија, Илија Димовски.
- На овие избори предизвикот за нас беше да го пронајдеме начинот како сите наши кандидати за градоначалници ќе можат целосно да информираат за своите програми, за своите проекти, планови и активности, но и отчет за тоа што досега направиле, рече Димовски.
ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, како што нагласи, одлучи да направи интегриран систем на интернет сајтови, на кој може да се најдат податоци за кандидатите, нивните биографии, кандидатите за советници, отчет за досега сработените проекти, програма за следните четири години и планот за активности односно календарот за активности во текот на изборната кампања, до фотографии, видеа на нивни настапи, средби со граѓаните...
- Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори во делот на водење на кампања направи 69 посебни интернет страни за секој од кандидатите поодделно, рече Димовски.
Достапот до овие страни, како што појасни, е многу едноставен заради тоа што домеинот каде што може да се пронајде страната е идентичен со името и презимето на секој кандидат, како на пример г-динот Коце Трајановски, доменот на неговата страница е www.kocetrajanovski.mk и еден интегриран агрегат кој што е под името www.gradonacalnici.mk во кој што се интегрирани и селектирани сите вебстрани на кандидатите на едно место.
- Секој граѓанин на Македонија, а во државава присуството на интернет просторот е над 60 отсто ќе може од едно место да ги следи и целокупната активност на ВМРО-ДПМНЕ на оваа изборна кампања, но и целокупната активност на кандидатот за градоначалник во општината од која што тој потекнува или за општината за која тој посебно се интересира, рече Димовски.