Арсовска - Перински: Инвестираме над 12 мил. денари за подобро водоснабдување во Козле

 Инвестираме над 12 милиони денари за подобро водоснабдување на високите зони во населбата Козле.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на ЈП „Водовод и канализација", Златко Перински, денеска извршија увид во градежните активности за реконструкција и поврзување на постојната водоводна мрежа во населбата Козле во општина Карпош, на потегот од улицата Нерешка до улицата Мокра.

- Со поврзувањето на водоводната мрежа во населбата Козле се решава долгогодишниот проблем со слабиот притисок во водоводната мрежа во овој дел од градот и се обезбедува поквалитетно водоснабдување за жителите во населба Козле, пред се за жителите во високите зони во населбата. Особено подобрување ќе има во летните месеци кога потрошувачката на вода е зголемена. Реализацијата на овој проект изнесува околу 12 милиони денари - истакна градоначалничката Арсовска.

Со реализацијата на овој проект се поврзуваат два постоечки водоводи кои се дел од т.н. висока зона Жданец, односно се поврзуваат постоечкиот цевковод Ф100 висока зона на улица „Козле" кај крстосницата со улицата Мокра од страна на населба Нерези со постоечкот цевковод Ф100 висока зона исто така на улицата Козле на крстосницата со улицата Нерешка - влезот во населбата Жданец. На терен деновиве се реализираат градежни активности за реконструкција на постоечките приклучоци на објектите од едната страна улицата „Козле" кои гравитираат на потегот ул.Мокра – ул.Нерешка, а се врши и реконструкција на мал дел од постечките приклучоци на објектите долж улицата „1010" која гравитира кон улицата „Козле".

- Бидејќи во летните месеци драстично се намалува притисокот во мрежата која е дел од ниската зона на водоснабдителниот систем на Град Скопје се јавува недостаток на притисок во населбата Нерези. Со доповрзување на овие два цевковода кои се дел од иста зона, тоа е висока зона Жданец ќе се овозможи скратувањето на патувањето на водата до населбата Нерези, токму преку овој цевковод на улицата Козле и ќе се овозможи подобрување на притисокот во мрежата односно ќе се подобри водоснабдувањето на објектите долж улицата Козле и пошироко на објектите во уличките околу улицата Козле кои имаат поголема катност – истакна Перински.

Реконструкцијата и поврзувањето на водоводната мрежа во населбата Козле е од големо значење за жителите на населените места Козле, Нерези и Жданец, кои со реализацијата на овој проект ќе добијат поквалитетно водоснабдување.

Презвитер Митевски: Посебно внимание и гостопримство по сите православни норми

Посебно внимание и гостопримство по сите православни норми за пречекот и литургијата на поглаварите Стефан и Порфириј.

Во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје се вршат подготовки пред утрешната заедничка Божествена литургија на поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан и на Српската православна црква г.г. Порфириј.

-Во моментов се одвиваат подготовки на просторот за пречекот на српскиот патријарх, поглаварот на СПЦ г.г. Порфириј. Се уредува внатрешноста и надворешноста на храмот. Во тек се опсежни работи. Вклучени сме повеќе луѓе во организацијата. Пречек на едно вакво лице кое доаѓа со делегација, членови на Синодот на СПЦ бара посебно внимание, гостопримство на ниво и љубовно пречекување, и исто така запазување на сите оние норми правила кои ги пропишува и преданието на православната црква, изјави за МИА презвитер Бобан Митевски.

Српската делегација ќе ја сочинуваат дваесет лица, од кои најверојатно осуммина ќе бидат владици на СПЦ.

Со заедничката литургија ќе чиноначалствуваат поглаварите Стефан и Порфириј, а ќе сослужуваат сите владици на МПЦ – ОА и владици на СПЦ.

Соборниот храм за утрешната литургија, како што вели Митевски, ќе биде украсен за соодветниот повод, а на крајот на литургијата двајцата поглавари ќе имаат говори.

Поглаварот на СПЦ и членовите на српската црковна делегација треба да пристигнат во Скопје денеска. Божествената литургија утре во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" ќе започне од 9 часот, а во соопштението до јавноста, МПЦ – ОА упати покана до верниците да земат молитвено учество.

На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава" во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија" и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви.

Синодот на СПЦ, пак, на 16 месецов соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на Македонската црква, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година. Највисокиот црковен орган на српската црква соопшти дека во дијалогот за иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, стандарди и норми.

Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на 17 јули 1967 година, Светиот синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Св. Климент" ја прогласи Македонската православна црква за автокефална.

Пекинг ги продолжи рестриктивните анти-ковид мерки

Пекинг денеска ги продолжи рестриктивните мерки за вработените и студентите да останат во своите домови и нареди дополнителни масовни тестови бидејќи повторно се зголеми бројот на случаи на коронавирус во кинескиот главен град.

Бројни станбени населби во градот го ограничија влезот и излезот, иако ситуацијата е многу помалку опасна отколку во Шангај, каде неколку милиони жители се под различни нивоа на блокада веќе два месеци.

Пекинг денеска регистрира 99 нови случаи на коронавирус, што е зголемување во однос на претходните денови кога имаше претежно околу 50 случаи.

Денеска на целата територија на Кина се регистрирани 802 случаи, што е благ пад, кој беше прекинат со помали локализирани жаришта.

И покрај ова, владата воведе строг карантин, затворање и мерки за тестирање како дел од нејзината „нулта ковид" политика, иако остатокот од светот се отвора се повеќе и повеќе.

Шангај објави дека 480.000 луѓе сè уште се изолирани во своите домови, додека 1,6 милиони луѓе можат да се движат низ нивното соседство, а 21,2 милиони се под полесни рестриктивни мерки.

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Националниот ден на Власите

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 23 Mај, Националниот ден на Власите, упати честитка до сите припадници на Влашката заедница во Република Македонија.

-Пред 117 години на 23 мај, со декретот на султанот Абдул Хамид, во рамките на Отоманската Империја, беа признаени националните права на Власите. Со тоа се отвори можност за образование на мајчин јазик, што е еден од столбовите на националниот и на културниот идентитет на секој народ. Среќни сме што во нашата заедничка татковина припадниците на влашката заедница, како и на другите етнички заедници, ги имаат сите можности за зачувување и за зајакнување на својот јазичен и културен идентитет. Со своите традиции, култура и фолклор, Власите суштински го збогатуваат нашето мултикултурно и мултиетничко општество, пишува претседателот Пендаровски во честитката.

Здравствените, економските, социјалните и безбедносните предизвици и проблеми со коишто се соочува целиот свет, додава претседателот, може да ги надминеме само со заедништво, сплотеност и со солидарност.

-Да си подадеме рака и да си бидеме постојана поддршка едни на други и одговорно и посветено да придонесуваме за развојот и за напредокот на Република Македонија, како и за благосостојбата на секој наш сограѓанин. Нека ни е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите, пишува претседателот Пендаровски.

притисни ентер