Апел за рационално користење на водата

Јавното претпријатие „Водовод и канализација" апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури. 

Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.

– Врз основа на податоците од страна на Управата за хидрометеоролошки работи, како и високите температури кои деновиве достигнуваат и над 30 степени, апелираме до граѓаните на Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, истакнуваат од ЈП „Водовод и канализација"./МИА

МЗ: На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 359 пациенти, слободни кревети има

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 359 пациенти позитивен и суспектен на коронвирусот. 

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 34 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 27 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 22 пациенти, во Велес се лекуваат 30 болни, а во Куманово 54 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 40 во ковид центарот во Гостивар 16, а во Струга 13 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 27 пациенти, во Кочани 3 во Кичево 13, Кавадарци 22, во Гевгелија 7 лица, а во Дебар 11 позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 620 и има околу 621 празен болнички кревет во ковид центрите.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Нобична инаугурација во Вашингтон, 200.000 знамиња наместо луѓе во градот полн со војска

Инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД утре во Вашингтон ќе биде ден каков што не се памети - демократот Џо Бајден и неговата потпретседателка Камала Харис ќе положат заклетва во напуштен град полн со војници.

На жителите на Вашингтон им било кажано да останат дома и виртуелно да ја следат инаугурацијата на 46-от претседател на САД за да не ризикуваат инфекција со коронавирус.

Тие исто така се спречени да ја следат церемонијата во живо од огромниот број припадници на безбедносните сили кои се распоредени во забарикадираниот град, шокирани од нападот на приврзаниците на претседателот Доналд Трамп врз Капитол на 6 јануари.

Ниту Трамп нема да присуствува на церемонијата. Кога Џо Бајден ќе ја положи раката на Библијата напладне по локално време, тој веќе ќе биде надвор од Вашингтон, кршејќи ја традицијата за мирен и учтив трансфер на власта.

Републиканскиот милијардер ќе престојува во Мар-а-Лаго, Флорида, каде ќе отпатува во утре наутро.

„На сите што прашаа, нема да присуствувам на церемонијата на инаугурацијата на 20 јануари“, кратко објави тој во еден од неговите најнови твитови пред да му биде забрането да користи Твитер.

Трамп е првиот претседател по Ендру Џонсон во 1869 година што одбил да присуствува на заклетвата на неговиот наследник.

Традицијата диктира претседателот во заминување и неговата прва дама да го пречекаат новиот претседателски пар наутро на денот на заклетвата и да дојдат заедно во Капитол.

Неговиот потпретседател Мајк Пенс ќе присуствува на церемонијата.

Вашингтон е претворен во тврдина по нападот на Конгресот, храмот на американската демократија.

Повеќе од 20 000 припадници на Националната гарда, воени резервисти, го обиколуваат градот под оружје. Жичани огради и бетонски блокови се подигнати за да се заштитат спомениците како Белата куќа и Капитол или да се затворат главните патишта.

Ветераните од војната во Ирак го споредуваат центарот на градот со зелената зона во Багдад.

Националниот трговски центар, огромно поле што води од споменикот на Линколн до Капитол, ќе биде затворен за јавноста. Стотици илјади Американци традиционално се собираат таму за да го поздрават новиот претседател.

Наместо тоа, кренати се скоро 200.000 знамиња за да ги претставуваат граѓаните кои нема да можат да дојдат оваа година.

Американската полиција постојано предупредува дека заканите за нови вооружени напади од страна на крајно десничарски групи се реални. Новиот претседател планирал церемонијата на инаугурацијата да биде главно виртуелна за да се спречи ширењето на инфекцијата со ковид-19.

Од самиот почеток на неговиот мандат, тој сака да се разликува од Трамп, чии поддржувачи не сакаат да носат заштитни маски и не ги почитуваат повеќето епидемиолошки мерки.

По заклетвата, Бајден ќе одржи традиционален говор во кој ќе го потенцира помирувањето на Американците.

Ќе настапи поп-sвездата Лејди Гага која ќе ја испее американската химна и латино дивата Џенифер Лопез.

Во текот на попладнето, тој ќе положи венец на гробот на непознатиот херој на гробиштата Арлингтон со тројца негови претходници и нивните жени: Џорџ В. и Лора Буш, Бил и Хилари Клинтон и Барак и Мишел Обама.

По нивното враќање, поворката кон 46-от американски претседател ќе запре на неколку стотици метри од Белата куќа и Џо Бајден пеш ќе се упати кон неговата нова резиденција.

Потоа тој ќе може да ги објави своите први претседателски одлуки.

Наместо традиционални балови и концерти, вечерта ќе помине со телевизиско емитување на специјална емисија, а водител ќе биде актерот Том Хенкс, додека Џо Бајден и Камала Харис ќе и се обратат на јавноста преку малиот екран.

Мицкоски со честитка по повод денешниот празник Богојавление - Водици

До поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан честитка упати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Дозволете ми од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ да Ви го честитам денешниот празник Богојавление - Водици на сите верници кои го слават.

На Богојавление е спознаена светата тајна крштевање, кога Исус Христос е крстен во водите на реката Јордан, од страна на СВ. Јован. Тоа ја симболизира надежта и извесноста на спасението.

Во овие тешки мигови за нашата земја и народ потребно е сплотеност, но и давање на надеж на секој еден човек дека може поинаку, мора подобро. Дека оваа земја е способна за големи победи и дека треба да се стави крај на неспособноста, нестручноста и тонењето надоле. Потребен е општествено рестартирање и обединување на сите прогресивни сили за обезбедување на сонот на подобра Македонија. Тоа е можно и тоа зависи од секој нас.

Уште еднаш за многу години Богојавление, мир и радост во срцата и душите на сите верници, и успех и среќа во домовите.

Бог се јави!

Со почит,

Христијан Мицкоски,

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер